Виолетова - најмистичната боја

20.08.2014 15:27
Виолетова - најмистичната боја

Виолетовата боја - најмистичната, најтаинствената боја. Замислете некоја земја да има знаме во виолетова боја (како светло-пастелната нијанса од сликата горе) со бел цвет. Или на бела основа виолетов цвет. Само многу поетичен или благороден или длабоко длабоко мистичен народ би ја прифатил таа симболика. На пример, кога Тибет ќе стане суверена држава, веројатно ќе ја прифатат онаа боја бордо накај вишна, можеби помешана и со виолетова, како своја боја. Држава во тие неверојатни краишта на светот, каде што човекот живее „на границата“, каде што астралните - невидливите светови се на исто рамниште со материјалните-видливите светови, би била со симбол во некоја од тие нијанси.

Во комбинација со бордо ја означува интуицијата. Најбујната имагинација, митовите, легендите и преданијата избликнуваат од тие предели.

Бојата на Љубовта Е виолетова. Во широк распон на нијанси, густина и прозрачност на виолетовата, па се прелева накај розевото од една страна, а накај вишна и бордо од друга, и завршува со црвено.

Мистикот и сликар Шри Чинмој во своето царство на бои им придава разни значења на нијансите на бои:

(Кај него љубовта и интуицијата се во жолти нијанси, а светлината е виолетова, кај мене обратно. Ама, добро, можеби затоа што тие две бои се комплементарни, се надополнуваат, па светлината е љубов, а љубовта светлина.)

Еве, јас би предложила да почнеме од бело, симболично да прифатиме нова боја – виолетова, со нов знак- јоргован или булка, и да заживееме еден нормален живот. Со многу поезија. Струга – градот на поезијата да го прогласиме за нова престолнина на Република Македонија...

Сакам да кажам: Животот е толку убав, зошто си го трошиме напразно, со глупости? Да се избориме за Убавината! Само за неа вреди човек да се бори до крај!

Видете каде оди светот, светлосни години е пред нас! (Мислам на творештвото, архитектурата и дизајнот, поезијата, науката и технологијата. Во поезијата и музиката го следиме чекорот, затоа таму е процепот – вратата за нас кон нашиот современ идентитет.)

Не, не може со „обични зборови“ да се говори за виолетовата боја. Од виолетовите региони поетите добиваат инспирација. Над неа е уште само белата боја како круна. Само поетскиот израз е адекватен за нивната суштина. Исто како и визионерството.

Ние другите кои не сме поетски надарени ни останува во тишината да ја откриваме поетската тишина отаде.

Бидејќи за возвишените нешта не може туку-така да се зборува, да се дрдори и да се брбори. Нели е така?

Многу е жалосно што го губиме богатството (културно), пред очи ни го крадат (чувството), поетското чувство.

Но и ние самите на себе си го крадеме. Сите ние со нашата незаинтересираност, себичност, апатија, со конформизмот, кариеризмот придонесуваме за тој процес. Бродот ни тоне. А дно нема.

Итрината на локалниот катахрезис ум (но и неговата тесноградост и глупост) е сега модус на постоење во Македонија. Итрината да се крадат и злоупотребуваат туѓи мисли, идеи, чувства. Затоа нештата треба да се разобличат. Заврши времето на анонимуси кои се кријат позади грмушки. Дојде времето на личности со име и презиме кои дебатираат, разменуваат мислења, реагираат на сè што се случува околу нив и со критички осврт одговараат на секое дело и недело.

Ако си играме со итроштини секогаш некој друг ќе биде поитар од нас. Зарем не е така? Да не си умислуваме дека сме најпаметните и најитрите на овој свет!

Некои други особини и квалитети треба да нè водат.

Расколот од ден на ден станува сè поголем, и меѓу сиромашните и богатите и меѓу Убавината на поезијата и грдотијата на нашето секојдневие.

Патем, крупна грешка се прави кога, обвинувајќи некој друг, си обезбедуваме алиби за својата пасивност (да не бидам погрешно разбрана, не ги оправдувам бесчувствителните, агресивните, ненаситните и алчните). Но, мораме да најдеме сили да се оттргнеме од таа ужасна апатија и да се обидеме да го премостиме јазот. Да го дадеме својот конструктивен придонес во процесот на заздравување и враќање кон некаква прифатлива нормалност, некаков баланс.

Поезијата е нашата природна состојба, од таму се црпи силата.

Неслучајно престижната поетска манифестација, “Струшките вечери на поезијата“ се случува во Македонија…

Слики: Татјана Миљовска, 2013; цртежи од дневникот ТМ “Париз 2001“

Слични содржини

Став / Живот
Став / Уметност
Книжевност / Уметност
Култура / Уметност
Живот / Уметност
Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото