Желбата да се биде прв

21.08.2014 12:27
Желбата да се биде прв

Еден Цезар е поблиску до еден кмет на село одошто до еден совршено луциден дух, лишен од инстинктот на доминацијата. Значаен е фактот да се командува: речиси сите луѓе настојуваат во тоа. Дали ќе владееш со една империја, со едно племе, со едно семејство или со еден слуга, ти го развиваш својот талент на тиранин, славен или карикатурален: еден цел свет или еден единствен човек е под твоја команда. И еве како се надоврзува низата на големите несреќи што доаѓаат од потребата да се биде прв... Наоколу среќаваме само деспоти: секој - според своите можности - бара толпа робови или се задоволува со еден. Никој не се задоволува со самиот себе; дури и најскромниот човек секогаш ќе најде некој пријател или една сакана за да го оствари својот владејачки сон. На оној што се покорува, еден ден ќе му се покоруваат: од жртва, тој станува џелат. Тоа е врвната желба на сите. Само просјаците и мудреците ја немаат - или можеби нивната игра е посуптилна...

Желбата за власт ѝ дозволува на Империјата да се обновува и сепак во основа да остане иста; религиите се обидуваат да ја побијат оваа желба, но успеваат само да ја зголемат. Кога сепак христијанството би си ја постигнало својата цел, земјата би била пустина или рај. Под разноразните форми што човекот може да ги придобие, се крие една константа, еден идентичен фон, кој објаснува зошто, наспроти сите привиди, се менуваме, еволуираме во еден круг - и зошто ако си го изгубиме, како последица на некоја натприродна интервенција, својството на монструми и на палачи, историјата веднаш би исчезнала.

Обидете се да бидете слободни: ќе умрете од глад. Општеството ве толерира само ако сте наизменично сервилни и деспоти; тоа е затвор без чувари - од кој, сепак, не излегувате без да умрете. Каде да одиш, кога можеш да живееш само во полисот и кога ги немаш потребните инстинкти, зашто не си доволно претприемчив за да просиш и ниту доволно урамнотежен за да се оддадеш на мудроста? Најпосле, остануваш овде, како сите луѓе, преправајќи се дека си зафатен со работа; го прифаќаш ова крајно решение благодарение на моќта за снаодливост, знаејќи дека си помалку изложен на потсмев ако го симулираш животот отколку ако го живееш.

Сè додека луѓето ја имаат страста за полисот, меѓу нив ќе владее еден вид маскиран канибализам. Политичкиот инстинкт е директна поседица на Гревот, непосредно материјализирање на Падот. Секој треба да се погрижи за сопствената осаменост, но секој ја надгледува онаа на другите. Ангелите и бандитите си имаат свои предводници. Како посредничките суштества, - кои се најголемиот слој на општеството, - би можеле да немаат предводници? Одземете им ја желбата да бидат робови или тирани: за миг ќе го урнете полисот. Пактот на мајмуните засекогаш е склучен; а историјата си го продолжува патот како орда што стенка меѓу злосторства и сништа. Ништо не може да ја запре: дури и оние што одат заедно со неа...

Извор: Précis de décomposition, Gallimard 1993
Сликa: Макс Бери

Слични содржини

Теорија / Музика
Теорија

ОкоБоли главаВицФото