1025 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:56
Неправење разлика помеѓу бракови, партнерства, заедници
Во средината на јули 2014 повеќе медиуми објавија вест дека Хрватска усвоила закон за истополови бракови. Во насловите доминираше изразот истополови бракови, а во поднасловите изразот „животно партнерство на лица од ист пол“. Само половина година претходно, медиумите известуваа за референдумот во Хрватска како за референдум „против истополовите бракови“, иако изразот „истополов брак“ воопшто не се сретнуваше во референдумското прашање.
Неправењето разлика помеѓу бракови и партнерства е најочебијно во насловите „Хрватска изгласа истополови бракови, Ѓорчев тврди спротивно“, како и во ланскиот напис „Референдумот за хомосексуалните бракови ја подели Хрватска“, каде што погрешно се сугерира дека граѓаните ќе се изјаснат за прашањето „Да се овозможи легализација на хомосексуалните партнерства или не?“.
Во погореспоменатите наслови, новинар(к)ите испуштија прилика да се информираат себеси (а потоа и јавноста), за неколку битни разлики во хрватскиот контекст.
Прво, испуштија прилика да информираат дека во Хрватска уште во јули 2003 е прогласен „Закон за истополови заедници“ (Zakon o istospolnim zajednicama), каде што „истополова заедница“ е дефинирана како животна заедница на истополови партнер(к)и, која трае најмалку три години.
Второ, доколку новинар(к)ите го прочитаа новиот хрватски закон кога за него известуваа („Закон за животно партнерство на лица од ист пол“ – „Zakon o životnom partnerstvu osoba istog spola“), ќе можеа да направат разлика и помеѓу „животно партнерство“ (кое се склопува пред матичар) и „неформално животно партнерство“ (заедница која трае најмалку три години, чие постоење се докажува на ист начин и под исти услови како и вонбрачната заедница).
Трето, новинар(к)ите пропуштија можност да проверат како гласи хрватскиот устав по референдумот и да ја известат нашата јавност дека новата уставна дефиниција на бракот („Бракот е животна заедница на жена и маж“ – ‘Brak je životna zajednica žene i muškarca’) воопшто не го попречи донесувањето на „Закон за животно партнерство на лица од ист пол“, каде што „животно партнерство“ се дефинира како „заедница на семеен живот на две лица од ист пол“, склопена пред матичар.
Неправење разлика помеѓу Библијата и Уставот
„Новинарот не смее да манифестира непочитување, без оглед дали е тоа вербално или визуелно на верските, етничките, сексуалните, политичките и сите други различности независно од неговиот личен став кон тие прашања или појави.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Известувајќи во однос на иницијативата за уставни измени, наместо информација, „Дневник“ во насловот нуди толкување: „ОТВОРЕНА ВРАТАТА ЗА ЗАБРАНА НА ИСТОПОЛОВИ БРАКОВИ“. Иако станува збор за иницијатива за повеќе уставни измени, насловот сензационалистички го потенцира прашањето за забрана на „истополови бракови“. Сензационалистичкиот пристап е забележителен и во новинарскиот коментар „БАЈДЕН, ГОСПОД И ХОМОСЕКСУАЛНИТЕ БРАКОВИ“, каде што новинарот ги наметнува своите религиозни лични ставови, претставувајќи ја хомосексуалноста како грев:
„Библијата на повеќе места ни кажува за казните за сексуалната неморалност. Во Kнигата за Левитите (12) пишува дека: „ако маж спие со својата ќерка, и двајцата треба да бидат убиени; тие сториле инцест (во некои западни култури постои тренд инцестот да се избрише и како грев и како кривично дело, н.з). (13) ако еден маж спие со маж на начин како што тоа го прави со жена и двајцата направиле одвратен акт и тие треба да бидат убиени…“
По библиските цитати и коментари, следува заклучок каква треба да биде „уставната дефиниција на Македонија за тоа што е брак“: „Токму како што треба, како што запишал Господ, како што е запишано во Петтокнижието, како што проповедале апостолите.“
Зошто ваквите новинарски аргументи и заклучоци се, најблаго речено, етички проблематични?
1. Новинарот не нуди „аргументи“ само против хомосексуалните бракови, туку против хомосексуалните односи. Темата „хомосексуалните бракови“ е искористена само како повод за изразување на неговите лични предрасуди кон мажите кои имаат секс со мажи.
2. Новинарот прави неоснована споредба помеѓу инцестот (кривично дело) и секс помеѓу мажи (кој не е кривично дело), со која хомосексуалноста станува „виновник по асоцијација“. Притоа, сугерира дека и двата чина треба да се казнуваат со смртна казна. Меѓутоа, во својот заклучок не предлага уставни измени за воведување смртна казна, ниту пак уставна забрана на инцестот.
3. Новинарот пристрасно цитира делови од „Стариот завет“ кои ги зајакнуваат неговите лични предрасуди за мажите кои имаат секс со мажи. На пример, цитираниот дел од книгата „Левит“ (20) се спомнуваат повеќе „забранети сексуални односи“ кои треба да се казнуваат со смрт: навредување на родителите; прељуба со мажена жена или со жената на ближниот свој; секс со животно; секс со жена кога има менструација („жена кога е нечиста од истечување крв“). Меѓутоа, никаде во заклучокот новинарот не сугерира уставни измени за воведување смртна казна за навреда на родителите, за прељуба, за зоофилија или за секс со жена кога има менструација.
4. Новинарот не дава никакво објаснување зошто уставната дефиниција на бракот би требало да се прекројува само врз основа на она што е запишано во Библијата, а не и врз основа на Куранот или Талмудот, на пример.
5. Ако „уставната дефиниција на Македонија за тоа што е брак“ треба да биде „како што запишал Господ“ во „петтокнижието“, тогаш остануваат да лебдат прашањата: Дали градските мажи треба да имаат уставно право да каменуваат до смрт жени за кои се докажало дека не се девици (Второзаконие 23:21)? Дали силуваните девици треба да бидат уставно принудени да се омажат за нивните силувачи, без можност за развод до крајот на животот на силувачот (Второзаконие 23:29)?
Накусо, ако „уставната дефиниција на Македонија за тоа што е брак“ треба да биде „како што проповедале апостолите“, тогаш логично би било новинарот да побара и уставно воведување смртна казна за прељуба, за секс со жена кога има менструација, како и за сопруги за кои се докажало дека не се девици. Но, новинарот ги потенцира само оние казни во „петокнижието“ кои ги поткрепуваат неговите лични предрасуди. Тоа не говори во прилог на неговата религиозна доследност, туку во прилог на неговата хомофобичност.
Новинар(к)ите треба да бидат свесни дека многу верници ги ползуваат светите книги за да ги поткрепуваат сопствените предрасуди. Независно од нивните лични ставови, новинар(к)ите треба да се држат до етичкото начело дека не смеат да манифестираат непочитување на сексуалните различности на каков и да е начин.
(Продолжува)
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).