1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
За изборот на животните
Кога господинот Којнер, човекот што мисли, слушнал
Дека најпознатиот злосторник на градот Њујорк,
Еден шверцер со алкохол и масовен убиец,
Е убиен како пес и
Во тајност покопан,
Тој изрази зачуденост.
„Како!“, рече тој, „зарем дотаму дошло
Што ни злосторникот не е сигурен за животот
И дека ни оној што е на сè спремен
Не успева?
Општо е познато дека се изгубени оние
Кои држат до своето човечко достоинство,
Но оние што се откажале од него?!
Треба ли тоа да значи: Кој избегал од понорот,
Ќе падне на висот?
Ноќе од сон рипаат, мокри од пот, чесните луѓе,
Најлесниот чекор им втерува страв в коски,
Нивната чиста совест ги прогонува и в сон,
А сега слушам: ни злосторникот
Веќе не може мирно да спие?
Каков метеж!
Какви се овие времиња!
Со обичен безобразлук, слушам,
Веќе ништо не се постигнува.
Само со едно убиство
Никој не може да се пробие.
Две до три предавства до пладне:
На тоа секој би бил спремен.
Но што вреди спремноста
Кога единствено е важно умеењето!
Дури ни бескарактерноста не е доволна:
Одлучува учинокот!
Дури и злосторникот
Се симнува в гроб незабележано.
Бидејќи има многу нему слични,
Не упаѓа в очи.
Колку поевтино можел да го добие гробот
Тој кому парите се толку важни!
Толкави убиства,
А толку малку пријатели!
И да беше сиромашен
Не ќе беа толку малце.
Како, соочени со такви случаи,
Да не ја загубиме храброста?
Што уште да настојуваме?
Какви уште злостори да измислиме?
Не е добро кога премногу се бара.
Гледајќи го тоа“, рече господинот Којнер,
„Се обесхрабруваме.“
Маската на злиот демон
На мојот ѕид виси јапонска резбарија,
Маска на зол демон, златно лакирана.
Сожаливо ги гледам
Набрекнатите жили на челото што покажуваат
Колку е напорно да се биде зол.
Кога ќе се урне куќата на главатарот
Кога ќе се урне куќата на главатарот,
Гинат многумина мали луѓе.
Оние што со моќниците не ја поделиле среќата,
Несреќата често со нив ја делат. Колата,
Струполувајќи се, и испотената стока
Ја влече во понор.
Што кај тебе беше брдо
Што кај тебе беше брдо,
Го порамнија,
А твојот дол
Го посипаа,
Преку тебе води
Удобен пат.
Изгрејсонце
Не е тоа случајно
Што зората на секој нов ден
Започнува со петлово кукурикање
Кое од памтивек навестува
Предавство.
Еден филм на комичарот Чаплин
Во некое бистро на Булеварот Сен Мишел
Дождлива есенска вечер влезе млад сликар,
Испи четири-пет од зеленине ракиички и им раскажа
На мргодните билијаристи за потресната средба
Со некогашната своја љубена, едно нежно суштество,
Сега жена на богат месар.
„Брзо, господа“, преколнувајќи рече, „молам од кредата
Што ја употребувате за таковите!“ и клекнат на подот
Се обидуваше со треперливата рака да ја исцрта нејзината слика,
Нејзе, љубената од одвеаните дни, очајнички
Бришејќи го нацртаното, одново започнувајќи,
Повторно застанувајќи, други некои црти
Мешајќи и мрморејќи: „Сè до вчера ја знаев“.
Од него пцуејќи се сопкаа гостите, а крчмарот разлутен
Го дофати за јаката и го исфрли, но тој и на плочникот,
Сè одмавнувајќи со главата, неуморно мавташе со кредата
Црти што се расплинуваат.
За полевањето на градината
О, вадење на бавчата, зеленилото да се осоколи!
Залевање на жедните стебла! Дај што повеќе вода. И
Не заборавај ги грмушките, па ни оние
Без бобинки, ни оние што, истоштени,
Останале голи. И немој да ми го превидиш
Плевелот меѓу цвеќето, исто така
Жеден. Не залевај го само
Свежиот тревник, ни само оној подзасушениот:
Освежи ја и голата почва.
Слики: Макс Бекман
Превод: П. Вулкански
Сродни прилози: