Светот на детскиот сон

25.08.2014 01:08
Светот на детскиот сон

СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ

Крај езерото
на песокта
дечињата направија песочен замок,
потем неколку кули
и куќарки од ситен камен.

... И тука ги збраа:
седумте џуџиња,
Снежана и Синиот принц,
седумте јариња,
Црвенкапа и нејзината баба,
добриот ловец,
Алиса од земјата на вистинските чуда.


Вечерта
дури брановите светот на бајките го сронуваа
дечињата во своите постелки спокојно
сонуваа,
сонуваа,
сонуваа.

ЧУДНА НАСЕЛБА

Има во градот една ограда
на неа се напишани разни имиња,
каубојски чудни прекари
разноразни смешни презимиња.

На таа ограда
потпис има
од Робин Худ и Буфало Бил,
на таа ограда
штом таму минал
автограм оставил
„коњот од Нил“.

На таа ограда
нацртан стои:
тигарот страшен,
снажниот лав,
на таа ограда
кутриот глувчо
в ќошенце стои
премран од страв.

На таа ограда
вцртани има:
бонбони разноразни,
карамели,
на таа ограда
сè нешто има
слаткари разни
дуќани цели.

Од таа ограда
штом сите слики,
вистински станат,
живи се сторат,
населба една цела ќе стане
за неа сите чуда ќе зборат.

ОРОТО НА МИРОТ

Се фатија деца в оро
ај-аај,
ај-аај,
црни,
жолти,
бели,
на орото нема крај.

Се фатија деца в оро
отсекаде,
од целиот свет,
Џим
и Џон
и Валтер,
Сузана
и Кет...
Ај-аај
на орото немај крај.

Се фатија деца в оро
бесконечно,
најсеможен збир,
оро ширно за слобода,
без војни,
за мир.

Ај-аај,
Ај-аај
на орото нема крај.

ЧЕТКИТЕ НА УЛИЧНИОТ ЧИСТАЧ НА ЧЕВЛИ

Четките на уличниот чистач на чевли
знаат многу приказни,
за секој чевел по една,
кој каде патувал,
каде минал,
кој каде се извалкал,
зошто зинал.

Четките на чистачот на чевли
знаат и безброј фудбалски резултати,
знаат најдобро
кој чевел зафрлен седел,
кој чевел каде газел,
во што се валкал,
врз што се јазел.
Многу, многу нешта знаат
четките на уличниот чистач на чевли.

КАЛИНКИ

Две калинки
две сестрички
на гранка зазреале,
па од радост,
па од среќа
малку се насмеале.

Ми ги дочул,
ми ги видел
сончко јасен,
сончко красен
па веднаш в црвенило
целите ги свил,
да бликнат в руменило
сакал сончко мил,
со нив пратил
зраци врели,
за да станат
слатки,
зрели.

НИЧКОСАНА ПЕСНА

По полето штурецот храна збира
а мравката
со гудало на тамбура свири,
славејот ни просторот бара плен,
во грмушките песната на орелот се шири.
Во гората лиса пасе трева,
бело јагне
на ледина горски волк гони,
на еден покрив
бувот досадно грачки,
на едно дрво со затворени очи
гавранот ноќта ја сони.
Во една визба од глушец скриен
во дупка мачорот трае,
во една бавча
кучето дошло зелки да краде
зајакот гневно по него лае.

КУКЛАТА ОД РЕСТОРАНОТ

(Појдоа таткото и мајката во ресторанот,
со себе ја поведоа и малечката ќерка,
а таа на келнерот
му порача кукла)

Малечката премногу ги сакаше куклите
секогаш бараше само кукли да ѝ даваат
и мислеше дека секаде мора
само кукли
и сè само кукли да се продаваат.

И после беше многу горделива
што уште една кукла ќе го краси нејзиниот стан.

Во голем подавалник
необично голема кукла
ѝ донесе тогаш
добриот чичко од оној ресторан.

ШУМСКИ ЧАДОРЧИЊА

Шумата е преполна со чадорчиња
под нив во невреме
штурчињата се кријат.

Шумата е преполна со чадорчиња
под нив бубалките
здивнуваат,
спијат.

Шумата е преполна со чадорчиња:
печурки секакви,
разни,
во дождот под нив скриени
мравките слушаат
дождовни сказни.

ШАРКО

На Шарко му здодеа
везден да лае
саноќ да варди
будно да вие,
посака Шарко
пред купче коски
само да јаде,
само да спие.

Се мисли Шарко
што ли да прави
пред куќарката посака
справа да стави,
да знае да лае,
на пес да личи
наместо него
да вие
да квичи.

ПОСЛЕДЕН РАЗГОВОР

Звррр!
Звррррр!
во едно штрково гнездо
одекнува ѕвон.
Звррр!
Звррррр!
во гнездото на штркот
ѕвони телефон.
Два штрка
два брата
далеку еден од друг,
не можеа секој ден да се видат
па тогаш спроведоа телефон
да можат постојано
во контакт да бидат.

Звррр!
Зврррр!
Денес последната порака ја испраќаат,
последниот разговор го водат.
Лисјата од дрвјата почнаа да се ронат
Веќе е време на југ да си одат.

ПРОТЕСТ

Сите глувци вчера
на совет се збрале,
ваков остар протест
до луѓето дале:

„Ни досади животот
во куќите ваши,
секој гладен глушец
да јаде се плаши,
зашто не е ретко
расипана храна
в стомаците наши
така да е збрана.

Затоа на советов сега
сите сложно велиме:
— Од куќите без фрижидери
веднаш ќе се селиме.“

БОИ

Светот е полн со бои
црвени,
зелени,
сиви,
светот е полн со бои
игриви,
светнати,
живи.
Розеникав,
кафеав,
син,
каков ли уште не е цветот
сè е, сè е во боја
затоа е убав светот.

Извор: Васил Пујовски, Светот на детскиот сон, „Култура“, 1967
Илустрации: Коле Манев

Васил Пујовски (1946), роден во село Д’мбени, костурско, е драмски писател и поет за деца и возрасни. По преселувањето во Скопје го завршува Филозофскиот факултет, а работел и во Македонска телевизија. Членува во ДПМ од 1968 година. Негови попознати дела се Светот на детскиот сон (поезија за деца, 1967), Пред божји суд (поезија, 1969), Кат Патон (поема за деца, 1972), Мижете да ве лажам (поезија за деца 1985), Ајде да се дружиме (тв-серија за деца, 1985), Сркај-кркај (поезија за деца, 1988), Било-не било (сказна, 1989), Кралот Кускуле први (драма, 1992), Дајте музика (поезија за деца, 1994), Прва лига (поезија за деца, 1995), Ѕвездено дете (избор поезија, 1999), Ѕверка без мерка (поезија за деца, 2000). Познат е и како автор на текстови на музички песни за деца.

Коле Манев (Бапчор, Костурско, Егејска Македонија, 1941) е познат македонски сликар и филмски работник од областа на документаристката. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Во 1960 година завршил прв степен на Ликовната академија во Белград, а потоа заминал на студиски престој во Париз. Оттаму заминал за Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм. Манев своите дела до денес ги изложил на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото