Т’га за Струга

25.08.2014 15:07
Т’га за Струга

Струшките вечери на поезијата, манифестација која, нели, 53 години гради мостови на културата во и со светот, никако да најде заеднички јазик со локалната самоуправа на Струга. СВП е македонска, власта е албанска?! Таа поделба мора да остане, и ќе остане, зашто и едната и другата страна ќе ја минираат и идејата, камоли изградбата на каков било мост, што ќе асоцира на можно заедништво, ќе ја уриваат со сите средства - секој според способноста - до последна капка во Дрим, до последен стих, ако треба.

За годинeшново издание се задоволија со тоа што ќе се игнорираат меѓу себе. Градоначалникот Зијадин Села реши никој од Општината да не присуствува на
отворањето и воопшто на СВП, револтиран напиша порака: „Бидете смирени и почитувајте нѐ, зборувајте албански“ (на англиски, се разбира) и, заедно со бројот на жителите Албанци во Струга, ја истакна на билборди низ градот.
Организаторите решија да се однесуваат како ништо да не се случило, како да е сеедно што мисли и што прави општинската власт (а со нив и жителите Албанци) и смирено продолжија со реализацијата на програмата.
Никаков гест на добра волја за, евентуално, да се бара чаре. Зашто, проблемот и да го немаше, а го немаше, требаше и - се измисли. И двете страни сега се хранат од него, тој ги легитимира како борци за каузата, секој за својата.

Орелски крилја как да си метнех и в други страни да си прелетнех. Зашто, ова веќе не е земја на поезијата, како што тврди лауреатот Ко Ун.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња