НА АЧИК (Отворено писмо до Братислав Ташковски)

26.08.2014 08:56
НА АЧИК (Отворено писмо до Братислав Ташковски)

Драг Брацо,

Сѐ уште ги средувам впечатоците од она што се случи во неделата на Струшките вечери на поезијата. Го пишувам писмово разочаран и збунет од твојата постапка. Не можам да поверувам дека се дрзна како член на комисијата за наградата „Енхалон“ да пробаш да го наместиш победникот.

Добро, Брацо, што си мислеше кога се одлучи за една таква постапка? Мислеше дека ќе помине твојата идеја наградата да му биде доделена на убедливо најнеталентираниот поет меѓу младите поети оваа година? Мислеше дека ќе премолчиме и дека ќе ти дозволиме да си го истераш ќефот? Зошто нѐ потцени? Зошто го потцени Ненад Јолдески? Очекуваше дека ќе успееш да го убедиш да ја потпише вашата валкана игра? Од Данило Коцевски, со кого очигледно си ја договорил работата за наградата, можев да очекувам ваква ниска постапка, но од тебе не. Па, нели ти во едно свое интервју пред само неколку месеци изјави дека се чувствуваш одговорен само пред вистината и убавината? Можеш ли, Брацо, воопшто да замислиш што ќе се случеше доколку челните луѓе на СВП не ја разрешеа комисијата? Можеш ли да замислиш каков резил ќе пукнеше ако наградата беше доделена според изборот што ти и Данило сте го направиле? Можеш ли да замислиш во каква незгодна ситуација ќе го доведеше победникот? Можеш ли да замислиш на каков потсмев ќе бевте сите вие изложени? Дали сте свесни во каква средина се обидовте да ја изведете оваа своја глупост? Зарем не бевте свесни со кого ќе треба да се соочите подоцна?

Се дрзна, драг Брацо, да влезеш со валкани чевли во чиста соба. Се закачна со млади луѓе што немаат никаква дамка во своето минато. Се закачна со луѓе што доаѓаат во Струга од љубов и за љубов. Со луѓе за кои поезијата е начин на постоење, а наградите се само забава. Последниве две години, колку што трае оваа награда, доделувањето на „Енхалон“ беше радост за сите нас. Симболичното собирање на полноќ беше заокружување на фестивалот. Тоа беше мигот на вистинска прослава и не беше воопшто важно кој ќе ја добие наградата. Затоа што, Брацо, ние имаме љубов и почит еден за друг. Ние си се радуваме на успесите и не си поставуваме сопки еден на друг. Ти и Данило годинава успеавте да го уништите тој посебен миг. Нѐ навредивте. И многу е тажно што мува не ве лази. Ти, дури, не најде доблест во себе да се појавиш на прес-конференцијата и да се соочиш со нашите прашања, оти знаеше дека ќе бидеш потопен.

Сепак, најголемото зло во сета оваа ѓурултија е што со оваа своја постапка на еден млад и збунет човек (намерно не го споменувам јавно името на поетот, бидејќи тој е најмалку виновен што го вовлекувате во своите валкани игри) му направи мечкина услуга. Зарем не те гризе совеста што на едно (речиси) дете, кое заталкало во книжевноста, му ја полниш главата со идејата дека е врвен поет и дури му доделуваш награди? Се дрзна дури и јавно, многу налутено и со доза сарказам, да му честиташ дека станал првиот македонски поет на кого му е одземена книжевна награда. Зошто го лажеш детето дека му е одземена наградата, кога таа никогаш не му била ни доделена? Па, тој е далеку од квалитетот за каква било книжевна награда колку што еден кениски маратонец е далеку од златен медал во нордиско скијање на зимска олимпијада. Ако имаш барем малку доблест во себе, треба да седнеш и искрено да поразговараш со него. Треба да му објасниш зошто манипулираш со него. Можеби ќе треба да седнеш малку во медитација, па себеси прво да си објасниш некои работи. Јас не знам дали си само заслепен и не знаеш што правиш или си сосема свесен. Ако е второто, тогаш нема оправдување.

Ова писмо го пишувам лут, но го пишувам со многу љубов. Доста беше, Брацо. Доста си игравте играчки со книжевноста кај нас. Овие глупости мора да завршат со вашата генерација. Мојата свест не може да ги сфати вашите валканици. Јас не можам да сфатам како еден возрасен човек може да договара награда. Каде е тука одговорноста, Брацо? Како може еден поет да биде подложен на вакви нискости? Па, зарем не е поезијата надвор од овој земен свет? Зарем не е таа во сферите на трансцендентното? Зарем не е таа поголема и повозвишена од сите нас и од сите наши награди? Зошто вакви глупости, Брацо? И до кога?

Од најдлабокото,
Ѓоко Здравески

Слика: Tenia

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото