Взаемноста на чеканот и огледалото

26.08.2014 10:29
Взаемноста на чеканот и огледалото

Возможно/невозможно - дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста

 

Дали уметноста се појавува во склоп на политичката реалност или таа може да нè провоцира во нова реалност на која треба политички да ѝ се одговори? Кога современата политика е затворена во формалниот след на околности, таа се занимава со реорганизирање на постоечките елементи. Дали тогаш невозможното/возможно е евакуирано во доменот на уметноста каде што чека да биде прописно прочитано? Чеканот во рака на работникот, уметноста која ја просветлува политиката, дијалектика на невозможното на работникот и возможното на уметникот. Чекан или огледало, прашањето се протега безвремено.

Современоста ја носи со себе и потенцијалноста за различност, но до каде може толеранцијата да трпи различности кои се граничат со возможноста за самата таа толеранција? Европа станува повторно тло на етичката идеологија, од Украина до Франција фашизмот пак вирее. Уметнички галерии непрекинато се отвораат во Берлин, а Скопје е во 2014 веќе од 2010. Америка има бомби за сите, а Пасолини го читаат само концептуалните уметници. Во кодот на Капиталот е врежана и уметноста која се брои, се вреднува, се мери и продава на пазарот. Чекан или огледало, или стока. Бертолт Брехт е добар човек, времево е погрешно. АКТО греши упорно во погрешно време, дијалектиката го најавува возможното на уметноста во време на изумирање на политиката. Естетското доживување се појавува како изживеано искуство без посредување од кодот на системот, таа му дава глас на маргината и почива со колективноста.

Но, каде се денес уметниците?! Каде се денес активистите?! Од Мај ’68 до ден денес ни фали желбата, посакувањето и барањето на невозможното.

Од неограниченоста кон битието субјектот ѝ дава форма на неговата политика која може да се појави само во јазикот и естетиката. Нова естетика?! Нова политика?! Не верувајте дека имате права, не им верувајте на уметниците, не им верувајте на професорите, еретичоста е доменот на вистината која постои само како најава на новост. Трудот кој е монотон на еден век во раѓање, пролетаријатот кој е опиен во секојдневното општество и уметникот кој е претворен во машина на сериска желба и адаптација, Кодот се прелева во интимноста, возможното го окупира невозможното. Во свет на фетишизирана креативност, само работникот кој упорно удира, го повторува истиот гест на чеканот, е креатор на општеството кое го предало уметникот. Работникот е уметник и уметникот е работник, естетиката на пролетаријатот се состои во неговата невозможност, а работата на уметноста е чин на негација.

Симултаноста на работникот и уметникот е ефект и последица на државата која менаџира, на државата која не може да биде уметник и која не може да постои без работникот. Ако чеканот се соочи со огледалото се крши само позицијата на опсервација на промената. Работникот е вмрежен во Кодот на тековите кои произведуват сè повеќе од истото додека уметникот е фасциниран од моќта на системот кој го означува полето на неговите концепти. Додека првиот сојузник на работникот е уметникот, последниот непријател на уметникот е државата, само во неа е возможен чеканот и само таа се нуди како огледало на вистината за општествениот договор. Вечниот простор на буржоазијата-галеријата го сочинува потенцијалот и граничноста на уметноста, таа мора да се отвори, галеријата е мртов сведок на победата на реактивноста на критиката, на негативот-огледалото. Естетиката на чеканот повикува, про-воцира на испитување, на контестирање на граничноста од страна на упорноста.


Влегувањето во дискусија во време на фашизам е луксуз само на академијата, таа секогаш има време да постигне консензус со себе. Но уметноста може секогаш да го територијализира секој простор на отпор, да го означи и овековечи, таа е огледало на чеканот, таа ја шири вистината за чеканот. Во време на бескрајни табулации на барања, заземање и бескрајно повторување на позиции, секој одговара на повикот на со/огледување и секој засебно претставува простор на дијалектиката на чеканот и огледалото. Борбата е сепак политичка, но уметноста не смее да одлучува, таа го реновира доменот на возможноста која за политиката е невозможена. Да се биде надвор од пределот на одлуката значи да се отклони од изборот 'чекан или огледало'.
Кога моќта ја поставува уметноста во очигледна позиција, трудот настапува како возможност за новиот процеп кој е секогаш веќе естетски дефиниран. Занаетот на чеканот е секогаш веќе пресликан во себестојноста на огледалото.

Опсесијата со позиции, линии и вектори е секогаш пресретната со возможноста на фашизмот, на ретериторијализација на желбата за промена со авангардноста на една лажна идеја за вистината. Секојдневното општество е огледало на крајниот резултат на политичката битка, таа се воздига над возможноста на чеканот и со самиот тој потег го овозможува чеканот како нејзина крајност и ултимативен непријател. Во 1968 се инаугурира една вистина која демне во секој процеп на возможното и која сè уште чека да биде прописно прочитана. Предавството на естетиката на ’68- е нашето колективно затворање во невозможното на политичкиот милитантизам. Но, симптомот на таквото општество е обожавањето, верноста кон естетиката без политика.

Знаете што? Чекан! Една нова одлука демне над огледалото, тоа е сепак нашиот современ предикамент, нашето selfie на политичката рамка во која естетски манипулираме со нашиот изглед, колективно и индивидуално.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото