Шумолењето на лисјата и духот на паметниот телефон

26.08.2014 11:21
Шумолењето на лисјата и духот на паметниот телефон

Постојат луѓе кои не паметат кога прочитале некоја книга. Иако, читаат по цел ден! Но не држејќи книга во рака, туку седејќи пред екран. Електронски пораки. Твитови. Постови. Блогови. Всушност, сето тоа е кратко и скратено. Без ниту еден непотребен збор. Понекогаш се скратени дури и зборовите. Имаат илјадници пријатели во целиот свет и присутни се на „Инстаграм“, „Фејсбук“, „Твитер“, „Форсквер“. Во текот на денот – во џеб, во рака или во торба – секогаш имаат (барем) паметен телефон, полнач или батерија. Накратко кажано, „достапни се“ дваесет и четири часа дневно. Станува збор за вработени луѓе кои живеат во околината на Сан Франциско, како и во самиот град во кој осамна зората на дигиталната ера. Но, не само за нив. На сите им е јасно за кого зборуваме.

А, потоа, еден ден добија повик за своевидна авантура. Повторно да го искусат стариот живот. Оној што бил поделен на вчера, денес и утре – на претпладне, попладне и навечер. Кога човекот можел да биде само на едно место. Во шатор, во вреќа за спиење, на излет или летување. Тогаш кога луѓето пишувале разгледници и писма за да ги известат членовите на семејството дека стигнале на саканото место, а телефонирале ретко, затоа што било скапо и требало да се чека долга редица во пошта.

Милионери на логорување

Во калифорниската шума Наваро, во почетокот на јуни се подготвуваше невообичаен социјален експеримент. Во летниот камп се одржа првиот курс за одвикнување од сите помагала што ги донесе информатичката технологија, дигиталните медиуми. Погледот наназад траеше пет дена, враќање на стариот начин на живот кој и не е толку стар. На влезот во кампот сите ги оставаа мобилните телефони, таблетите, notebook уредите... „Учесниците во курсот“ немаа обврска да зборуваат за работата, ниту за претпријатието во кое работат. Ниту за учинокот и платите. За невработеноста. За време на курсот, зборот „apple“ требаше да означува само јаболко, а „cloud“ исклучително влажен воздух кој понекогаш се претвора во дожд. Мораа да се навикнат на состаноци лице в лице, а не во последен момент да ги заменуваат со електронски состаноци или дружење преку „Скајп“. Фактот дека многумина од учесниците станале милионери токму благодарение на интернетот, го направи особено интересен овој настан! Богатите луѓе од мрежата. Тоа се експерти кои работат на полето на биотехнологиите и по занимање се програмери, хакери, инженери...

Заради тоа не би можело да се претпостави дека многу сакале да се вратат назад. Зошто би се вратиле? Таканаречениот дигитален живот им овозможил многу! Во секој случај, триста мажи и жени во „најдобрите години“ – на возраст помеѓу 25 и 40 години – се одвоија од тастатурите, помали или поголеми, и тргнаа на петдневно патување. Повеќето од нив не се одвојувале од компјутерите барем шеснаесет часови дневно во последните десетина години. Колку што се будни! Да, нивниот живот е токму таков. Тие јадат, разговараат, се смеат, љубат, заработуваат и трошат пари пред некој екран.

За почеток, на учесниците во овој петдневен настан за одвикнување од ИТ-животот им било чудно што не можат да ја проверат температурата на воздухот. Колку ли степени има? Дали е мошне студено? Дали сепак да облечам палто? Колкава е влажноста на воздухот? Дали ќе биде ведро или облачно?

Човекот што го замисли и организираше кампот за одвикнување од дигиталните медиуми се вика Ливи Феликс и доаѓа од Оукленд, Калифорнија. Има само 29 години. Во дваесет и петтата година го загрозил своето здравје заради прекумерна работа. Откако ги завршил студиите на универзитетот Стенфорд, основал мало претпријатие. Тоа напредувало вртоглаво. Ливи не ни забележал дека по цел ден е на мрежа. Достапен. Но, тој нов начин на живот му се допаднал многу. За волја на вистината, донесувал и значителни суми пари. И сè било одлично додека еден ден не се срушил. Завршил во болница. Лекарите му советувале да се одмори. Добил идеја да појде на пат околу светот.

Во одредена мера, повторно научил да се одмора, да јаде и физички да биде во друштво со луѓе. А, потоа, 2011 година повторно се вратил во Сан Франциско, одлучен да заврти потполно нова страница... Но, нештата не му оделе од рака. Имало многу нови нешта кои му биле на дофат. „Твитер“, „Инстаграм“... Кога сфатил дека нештата не одат, го затворил старото претпријатие и отворил ново: „Дигитален детокс“ – претпријатие за детоксикација од дигитални медиуми. Одвикнување. Токму како што е случај со сите болести на зависностите.

Премногу податоци

Изгледа дека им припаѓаме на оние генерации кои виделе сè. Поточно, не можеме, како некогаш, да кажеме дека, на пример, не сме ги виделе Нијагарините водопади или сме ги виделе само на фотографија или во книга. Да речеме, можеме да видиме и да дознаеме нешто за сè што постои. Доволно е да го напишеме тоа што го бараме во пребарувачот. На пример, освен модни ревии, автомобилски трки, концерти со класична музика, оперски арии што ги изведуваат папагали, човекот има можност да биде сведок и на трагични настани, воени конфликти. Затоа што, сè што е снимено, непосредно е и често достапно на мрежа во „реално време“ (односно во истиот момент). Таквиот поглед на реалноста, како и бројот понудени податоци, понекогаш нè прават расеани. А некогаш имаме впечаток дека знаеме сè. Често сме разочарани. Не знаеме дали некој настан е разубавен или прикажан на тој начин што ќе ви се згади. Што е вистина?

Како тој нов, поврзан свет влијаеше на односите меѓу луѓето, на нашиот внатрешен живот? Извесно е дека денешните луѓе не сакаат да бидат „сами со себеси“, па тоа „излегување“ од себеси и постојаното поврзување станува психичка потреба. Всушност, секоја можност за осаменост е неподнослива. „Фејсбук“ е доволен за да го намалиме чувството на осаменост кое нè обзема кога помислуваме дека сме препуштени на себеси. Но, колку ќе трае чувството на задоволство кога ќе примиме стотина електронски роденденски честитки преку „фејсбук“, ако знаеме дека програмата на оваа социјална мрежа ги опоменала дека треба да ни го честитаат роденденот? Воопшто, толку е лесно да се допре до другите и да се поврземе за многу кратко време. Да се дојде до податоци, да се следат и поврзуваат факти и вести. Воедно, тоа е и другата страна на медалот. Извесноста дека секој може да нè најде – каде било и кога било. Лесно одржуваме врски со оние што всушност малку ни значат. Помал дел од времето поминуваме физички со оние чие присуство толку многу ни значи – членови на семејството и најдобрите пријатели. Нашиот ум е преплавен со податоци и вести кои не сме сакале да ги слушнеме, ниту ни се од некаква особена корист.

Зависност од мрежа

Како се препознава дигиталната зависност? Неодамна, за тоа беше објавена статија во италијанското научнопопуларно списание „Фокус“. Лекарот Федерико Тониони, експерт за компјутерска зависност и зависност од социјални мрежи, го изјави, меѓу другото, и следното: „Зависноста се покажува исклучително кај возрасните личности, бидејќи кај младината и децата тоа е сосема различно. Тоа е нов начин на размислување и начин на поврзување. Зависникот можеме да го препознаеме по тоа што е незаситен, не може да престане да биде на мрежа. Тоа не го прави само заради работа, туку заради бараната наклонетост, заради испразнет чувствителен свет. Некогаш, тоа се зависници од таканаречен виртуелен секс или пак коцкари. Децата што растеле со интернет имаат поголема предност отколку штета. Умни се, знааат многу нешта и поопуштени се кога се поврзуваат со други луѓе. Со пубертетлиите веќе е потешко. Интернетот го користат како начин за бегство од себеси. Покрај тоа, мрежата дозволува младите да се дружат без да вложат чувства.

Но, да се вратиме на кампот за одвикнување од дигитални медиуми. Во голема колиба – во трпезарија, за време на појадокот, сите добиле ролна хартија со прашања на кои требало да одговорат. Која е твојата омилена игра? Што успеа да направиш, а воопшто не си се надевал на тоа? Од кога го познаваш својот најдобар пријател? Дали си во состојба да прочиташ географска карта? Дали можеш да изрецитираш (напамет) некоја песна? Барем една... Многумина од посетителите во шумата Наваро се прашувале дали воопшто да одговараат на прашањата.

Попладне му биле посветени на молчењето. Никој не смеел да зборува и никој не го правел тоа. Сите требало да останат сами со своите мисли. Што инаку ретко се случува. Триста луѓе молчешкум шетале низ шумата. Некои седеле загледани во далечината слушајќи го шумолењето на лисјата и пеењето на птиците. А, некои спиеле. Најпосле малку одмор на воздух.

Времето поминува брзо, дури и кога не користиме компјутери. Пет дена проаѓаат за миг. Сепак, одреден број учесници на настанот еден ден поарно почнале да ја напуштаат шумата. Тврделе дека не се чувствуваат добро во природа. Им недостасувал кревет. Страдале од алергија. Не им одговарала храната. По секоја цена требало да се вратат на работа. И, всушност, никој не признавал дека му е многу тешко. Оние што издржале до крај, последниот ден отворено почнале да зборуваат за феноменот „духот на предметите“. Имено, често имале впечаток дека го слушаат ѕвонењето на својот мобилен телефон. На некои дури им се причинувало дека им вибрира во џебот!

Се буделе во текот на ноќта затоа што биле убедени дека слушнале звук, како да им стигнала електронска порака. Една девојка најпосле признала која е нејзината желба. Со некого да разговара фокусирано, но подолго од „160 карактери“. Се разбира, имало и такви кои, сепак – иако сè било доброволно – прокриумчариле мобилен телефон. Можеби ни себеси не смееле да си признаат дека без него не можат да живеат спокојно и го ставиле во својата торба, „за секој случај“!

Талентираност без пребарувач

Завршниот чин од логорувањето во шумата се однесувал на искажување на талентираноста – шоу програма за таленти. Некој кажувал вицови, некој пеел, имало неколку гитаристи и комичари. Сепак, најголем бил бројот на оние кои не можеле да се сетат што можат да покажат. Им недостасувал потсетник. На пример, „Гугл“. Пребарувач на знаења и идеи. Им биле дадени стари машини за пишување... Еден млад човек напишал: „Дали фоките спијат во вода или на копно?“ Ја немало „Википедија“ за да му одговори. „Која е смислата на животот?“ напишала некоја девојка чие окружување очигедно ја навело така да размислува. На таблата стоеле закачени безброј прашања. Оној што ги знаел одговорите можел да земе лист и со машината за пишување да го напише она што го знае и листот повторно да го закачи на таблата. Повеќето од нив не ја допреле машината за пишување. Како се става листот во оваа направа? Распоредот на буквите е ист како и на тастатурата?! Какво чудо! Се стекнал впечаток дека машината за пишување е најинтересниот „геџет“ кој освоил многу срца. Колку само е забавна оваа направа! Но, колку грешки прават сите додека пишуваат. А сите поправки се гледаат. Кога ќе напишеш буква, таа веднаш се печати на хартија. Интересно, сите пееле стари песни околу логорскиот оган. Главно тоа биле „Битлси“, Боб Дилан... Музика од пред педесет години.

Ливи Феликс можел да биде задоволен кога сето тоа завршило. Се разбира, никој од учесниците не го фрлил компјутерот, ниту паметниот телефон. Но, ваквото искуство им значело на сите. Сите ќе се сетат дека ручале зјапајќи во екран, дека разговарале без „Фејсбук“, дека не ја вртеле главата од присутниот соговорник за да испратат електронска порака. Иако, кога се вратиле во своите домови, веднаш основале нова група на „Фејсбук“. Поставиле слики и продолжиле да се дружат. Некои дури и се осудиле да кажат дека ќе се трудат да станат газди на новите технологии! А не робови. Ах, пусти желби! Барем сите дознаа дека е подобро да се купи будилник отколку да се остава мобилниот телефон покрај главата!

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Наука / Технологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото