Уривајте за да бидете големи поети

26.08.2014 11:42
Уривајте за да бидете големи поети

(Повод: Одговор на текстот „На ачик-отворено писмо до Братислав Ташковски“ од Ѓоко Здравески)

Очекувано ја добив Вашата реакција. Ја почитувам Вашата лутина и вехементноста која треба да предизвика внимание. Мој драг колега, не ме изненадува тоа, не ме изненадуваат ниту Вашите зборови, кои нема посуштествено да ги коментирам, бидејќи не го сакам тоа. Тоа што го пишувате се обидувам да го разбирам како Ваш став, но никако не можам да разберам дека тоа што го пишувате е одговор на некаква завера или организиран напад врз вашата генерација. Поимот генерација е многу поширок и и во тоа нема да навлегувам. Но, мој драг колега (ова го пишувам најискрено, а не иронично и со сарказам како Вашато истерување на „ачик“), Вие се јавувате како претставник на некој литературен егзорцизам и тоа најмногу ме зачудува. Никогаш не сум прифаќал однапред подготвени стратегии и позиции кои се резервирани за одредени. Токму тука Ве запрашувам кој Ви го дал правото да чувствувате дека таа е резервирана само за Вас, или за членовите од Вашето опкружување. Ве молам, погледнете околу себе. Таму има и дуги млади поети кои имаат право да бидат поети.

Зборувате за талентот и некаква злоупотреба. Добро, јас се надевам дека Вие како образован човек знаете дека за талентот на одреден автор треба да решаваат малку пошироко поставени и различни вредносни судови. Но и тоа го почитувам. Ако Вие и вашата поетска група сметате дека сте најталентирани и најдобри, тоа никако немам намера да го кометирам. Но, таа талентираност не смее да биде оправдување, сите вие да се нафрлите врз еден млад поет, кој започнува да ги запознава македонските поетски вредност, тоа во најмала рака е претенциозно. Јас сакам да верувам дека тоа не е оркестрирано. Вие секако, во мојот одговор ќе гледате глупости или некаква неаргументираност и ќе верувате дека тој е најдобар доказ дека сопствената вистината ја истерувате на виделина. Ако, и тоа е убаво. Тука сум на Ваша страна. Но, зошто толку омраза? Јас никогаш не сум се чуствувал таков. Велите дека сум Ве навредил Вас и Вашата поетска група. Зошто? Затоа што не Ве наградив Вас? Навистина е чудно тоа, а посебно е почудно тоа, што зборувате од името на повеќе поети од Вашата група кои, повторувам, се многу подобри од Вас. Оваа квалификација, како и целиот мој одговор, е мој личен став и Ве молам така разберете го. Другите членови на комисијата можеби имаат различен став. Ако сакате така да размислувате, добро, ако не продолжете да жнеете и бидете уверен дека сте жртва на заговор. Се надевам дека во тоа ќе успете?

Револтот е разбирлив, но тој никогаш немал никакви допирни точки со вистинските вредности. Дали Вие знаете како ќе се движи развојниот творечки пат на екскомуницираниот млад поет или пак Вашиот, утре или по неколку години? Велите дека првите луѓе на фестивалот направиле голема работа што ја поништиле одлуката на жирито и го разрешиле жирито. Браво! Аферим, како што велите - работите се ачик. Тоа посекако е голема победа на директорот и претседателот, но не знам кого тие заштитуваат и кого разрешуваат?

Вие очекувате да се произнесам за наградената песна од наградениот автор на кого, според зборовите на првите луѓе на фестивалот, му е одземена наградата само затоа што многу членови од Вашата поетска група (најверојатно сите) се изјасниле дека ако тоа се случи, ќе го бојкотирале. Дали Вие знаете што е тоа? Дали сте свесни за тоа? И како се окарактеризирани оние кои бојкотираат. Многу ми е поважно тоа, од минливите функции на првите луѓе на фестивалот, кои Вие ги истакнувате како Ваши спасители.

На крајот ќе одговорам на Вашата бласфемија. Дали некого навредив? Јас не, но дали Вие некого навредивте кога како група се нафрливте на поединецот? Кој ви го дал тоа право? Зошто такво насилство? Ако мислите така јас Ви посакувам успех во Вашата кариера. Имате добар ветер во грбот. На Ваша страна се сегашните први луѓе на Фестивалот. Најискрено Ви посакувам многу успех во таа ваша работа. Уривајте за да бидете големи поети.

За разлика од Вас кој, бласфемичното писмо го пишувате лут, јас Ви одговарам позитивно и со добра мисла. Уште еднаш ќе повторам. На конкурсот пристигнаа многу добри песни. Веќе реков, ако погледнете околу Вас ќе видите дека има многу подобри поети од Вас. Тоа е мој личен став. Но, не сакам да се спротивставувам на Вашата агресија. Можеби, потикнати од овие зборови, во Вашиот стил, ќе помислите дека јас сум агресорот. И тоа го прифаќам и не сакам да се спротивставувам на тоа. Времето е пред Вас. На овој фестивал добивте Голема награда. Победата е Ваша и на првите луге на СВП. На сите Ви честитам.

Слика: Tenia

ОкоБоли главаВицФото