Акупун-култура

28.08.2014 09:53
Акупун-култура

Во моето излагање нема ни чекан ни огледало, ни удар ни кршење, јас се потрудив да размислам како и која уметничка форма или културно изразување би можело да биде поадекватно во средина како Македонија. Средина која како за рамка на ова мое размислување ја дефинирав како: а) несвесен и заборавен центар, Македонија според ова не само што е Пепелашка која е заборавена и нема кој да ја разбуди, туку и не е сè уште напишана, евидентирана, како таква. б) Автентично-уникатно општество, како и секое друго впрочем, кое изискува автентично-уникатни форми на културно изразување и 3) целина која има основна фрагменитарност- поделеност, како некоја Рубикова коцка на која ѝ недостасува едно квадратче и за да ја решиш истата треба да ја замислиш да ја обележиш дополнително, а тој недостаток и не те спречува да се занимаваш со коцката и, до тој недостаток, да правиш како, да ја решаваш.

Но, тоа што од Акто Фестивалот нè повикаа а не ни дадоа чекан не значи дека нема да има крв, туку малку ќе се боцкаме, па затоа ова го насловив како Акупун-култура. Која преизменето од дефиницијата за акупунктура би било: постапка на вметнување и манипулирање со уметнички форми во различни точки од земјата за ослободување од болка или за терапевтски цели.

Но, и во овој метод на културно дејствување како и во методот на лечење е важно да се знаат точките и меридијаните. Затоа ќе се навратиме на трите рамки од дефиницијата од почетокот: центар, автентичност и поделеност. Според првата рамка, Пепелашка прво треба се евидентира како приказна и после будење да се убеди дека е токму таа убавата принцеза. Џабе бакнување па дури и лапање, па и будењето, ако освен уметникот никој не знае дека е таа Пепелашка, а и таа самата во тој случај не е убедена во тоа. Во овој поглед е важно регионално, европски и светски да се поврземе и да ја обзнаниме уметноста и културата која ќе биде создадена тука.

Според другата рамка - автеничноста и уникатноста - иако треба да земаме светски модели и форми на културно изразување, сепак тие не треба само да се пресликуваат, туку да се автентични. Тоа заради фактот дека дури и некои наши уникатни работи, трудејќи се да ги копираме формите, испаднаа лоши копии на сопствениот оригинал. Како, на пример, тука кај нас имаме ајваријада и ден на гравот, иако ајварот е само наш, својствен за тука, и можеше и во оригинална форма тоа да се изрази, а не со копирање на различни практики на културна фестивализација. Исто и за денот на гравот во Теарце или Тетово, па тетовскиот грав е уникатен и немаше потреба од копирање на сопствен оригинал. Можеше и формата да биде уникатна и оригинална, како и суштината.

И на крајот за третата рамка и точка која секогаш треба да се знае за делување во Македонија, а тоа е елементарната фрагментираност, и тоа не само во општеството туку и во јавноста. Тука може да се случи некој да се изрази уметнички и најврвно и тоа никаде да не биде забележано. Може некој да напише роман достоен за наслов „Процес 2“ или да ја наслика Мона Лизата на 21 век, но притоа да биде партиски неподобен, етнички неподобен или медиумски неповрзан и тоа дело да остане непрепознаено. Тоа отприлика би изгледало како некој да реши да протестира гол, но притоа да го прави тоа чекорејќи по некоја празна улица во темна ноќ невиден од никого и да нема ни батерија за да се снима со свој мобилен за на јутјуб?! Затоа првата игла секогаш мислам дека треба да се боцне во јавноста, која во Македонија и тоа како има потреба за лечење и терапија. Ви благодарам.

Авторот е потпретседател на Јадро-Асоцијација на независната културна сцена, написот е уреден дел од дискусијата на авторот во „САКАМ” на Akto Festival 9 одржан во Битола на 23.08.2014

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото