Користење фотографии

29.08.2014 07:49
Користење фотографии

Човекот со кошниците. Eден од многуте вакви трговци кои со мотори ги разнесуваат своите производи од село до село во северна Камбоџа. Идилична фотографија, но авторот вели дека таа би изгледала многу поинаку ако се фател моментот кога возачот морал да го турка својот мотор натоварен со кошници на остра нагорнина и тоа подолго време. Фото: Ethan Crowley, 2012

 

Читателка на Сервисот за проверка на факти од медиумите, реагирала до неколку медиуми и барала да отстранат фотографијата на која се гледало нејзиното возило, кое што било испрскано со спреј при нејзин поодамнешен престој во Грција. Како што ни пишува читателката, таа фотографија сега се кориости за секој инцидент со оштетено возило во Грција, а тоа ја вознемирува и не сака да се потсетува на настанот. Но, таа и ни бара совет, како фотографијата да биде повлечена, бидејќи и покрај нејзините реагирања ниту еден медиум не ја повлекол и продолжиле да ја користат.

Низ неколку примери ќе се обидеме да ѝ одговориме на барањето на читателката и нејзините дилеми што ги поставува, а во исто време ќе ги потсетиме медиумите на правилата, нормите и етичките принципи при користење на архивски фотографии.

Во конкретниот случај, предмет на анализа е фотографија на која се гледаат графити напишани со спреј, фотографирано на пат, на јавна површина и без потенцирање на регистарските таблици, преку кои би можело евентуално да се дознае и идентитетот на сопственикот на возилото.

Дали медиумите можат да ја користат оваа фотографија како архивска, за илустрација кога информираат за други инциденти, или таа треба(ло) да се користи само за веста и времето кога бил регистриран инцидентот? Ова, секако е најважното прашање, не само за оваа, туку и за користење на било која фотографија од архива, која служи за илустрација на настанот.

ЈАВЕН ПРОСТОР – ЈАВНА ФОТОГРАФИЈА

Секако дека може, бидејќи јасно е дека не може секогаш и од секое место да се обезбеди фотографија, па затоа и постојат т.н. архиовски фотографии, кои ќе го илустрираат настанот, со тоа што, треба да се внимава, тие да бидат соодветни на темата или контекстот за кој се пишува и да не содржат елементи кои можат да ја нарушат приватноста или да имаат последици врз лицата кои можат дасе видат или препознаат на одредени фотографии.

Споменатата фотографија со оштетеното возило, на кое нема опасност од повреда на приватноста, може и понатаму да се користи како „архивска“ ако се информира за слични инциденти, со тоа што, медиумите мора да нагласат дека станува збор за архивска фотографија, или да ја решат дилемата дали фотографијата е „нова“ или „стара“ со легенда под фотографијата, каде што ќе дадат описно објаснување за местото или времето на настанување на фотографијата.

На пример: „Десетина граѓани се вратија со оштетени возила од минатогодишниот одмор“.

Со ваквото објаснување ќе се елиминира можноста и тој што евентуално би го препознал возилото, да се јавува и да ги прашува сопствениците за инцидентот и неколку години потоа.

Сепак, тоа на што посебно треба да внимаваат медиумите е користењето на архивски фотографии од несреќи и загинати луѓе, кои можат да вознемират поширока публика, а во исто време да ја нарушат приватноста на личностите и нивните семејства.

Доколку станува збор за карактеристични настани, убиства, сообраќајни несреќи, пожари или слично, кои биле карактеристични и се случиле на места што се лесно препознатливи, тие фотографии не можат да се користат како илустрации за вести случени на друго подрачје.

На пример, последните фотографии од убиствата кои се случија во Вевчани и Охрид, пред или во угостителски објекти, не можат да бидат илустрација за евентуална вест од настан кој се случил на друг дел од земјава, доколку тоа не е проследено со соодветна легенда под фотографијата, што би го оправдало нејзиното реобјавување.

ФОТОГРАФИЈАТА ДА ИНФОРМИРА, НЕ ДА ШОКИРА

Факт е дека фотографијата е првото нешто што го привлекува вниманието на читателот и затоа мора да се објасни дали е автентична фотографија, дали истата е архивска и се однесува на друг настан, место и време или пак станува збор за фотомонтажа.

Читателите не успеваат секогаш да ја распознаат разликата меѓу фотографиите и затоа, било каква манипулација од страна на медиумите преку фотографијата би била недозволива.

Медиумите посебно треба да внимаваат и за користење на фотографии кои им служат како илустрација за убиства и сообраќајни несреќи: како што се фотографиите со крвав нож, скршени стакла со крв или само крв. Тие фотографии, без оглед што не нарушуваат ничија приватност, не откриваат идентитет на луѓе, предизвикуваат вознемиреност кај пошироката публика, вклучувајќи ја, пред сѐ, малолетната публика, која независно дали станува збор за весници или интернет изданија лесно може да дојде до нив. Телевизиите имаат обврска да предупредуваат за содржини кои можат да ја вознемират публиката, што не е случај кај весниците и интернет порталите и затоа изборот на соодветна фотографија е вистинска умешнот.

Тргнувајќи од барањето на читателката, за која говориме на почетокот на лекцијата, да потенцираме уште еднаш дека сѐ што е сликано на јавен простор, на јавна површина, на настани, манифестации или собири може да се користи и реобјавува, но треба да се внимава да биде соодветно на контекстот за кој се информира. Секоја злоупотреба на овие принципи би била спротивна на Кодексот на новинарите и на моралните и етичките стандарди во новинарството. Некои фотографии ќе засегнуваат одредена категорија на луѓе и тука медиумите не можат многу да променат, но најважно е, фотографиите да не се користат за намерно да засегнуваат одредени групи или поединци.

Во голем број случаи, и фотографиите се користат како говор на омраза што секако, е недозволиво и претставува најгрубо кршење на новинарските стандарди.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).