МПЦ откупи 10 топ локации за свети билборди

29.08.2014 10:57
МПЦ откупи 10 топ локации за свети билборди

Скопје, 29 август 2014

АД Македонска православна црква откупи 10 атрактивни локации за поставување билборди со икони кои ќе послужат како места за молење на најпосветените верници. Билбордите ќе бидат опремени со вградени автомати за купување свеќи, а ќе има и можност за плаќање со кредитни картички.

Според информации од IT секторот при МПЦ, планирани се и веб страници за молење, со можност за онлајн плаќање.

„МПЦ е во преговори со Самсунг за изработка на монитори со вграден софтвер за препознавање на отпечатоци од усни, за да може да се провери бројот на верниците кои ја бакнале билборд-иконата, како и да се утврди идентитетот на најпосветените верници“, вели добро упатен извор од МПЦ кој сакаше да остане анонимен.

За сега нема информации како ќе се реши приемот на огромната количина текстилни производи (чорапи, пешкири и сл.) кои се оставаат покрај билбордите, како и маслото за готвење, но се претпоставува дека богоугодните производи дека ќе ги сортираат и складираат волонтери верници.

„Очекуваме кампањата 'Билборду помилуј' да направи вистински бум и да доведе до пораст на православните верници. Време е христијанството повторно да биде хит“, вели владиката Профитериј Рекламно-Софтверски, и додава дека нема потреба фрескосликарите и иконописците да бидат загрижени, бидејќи повремено и за нив ќе има некаква работа.