Од аголот на Софија Толстој

29.08.2014 14:58
Од аголот на Софија Толстој

Во својот долг и често бурен брак со Лав Толстој, Софија Андреевна Толстој истрпела сешто, но „Кројцеровата соната“ се смета за особена казна. Објавена 1889 година, приказната ги донесува сè порадикалните ставови на Толстој за сексуалната врска и бракот, преку лудиот монолог на раскажувачот кој, во настап на љубомора и гадење, ја убива својата жена.

Во својот дневник Софија тогаш запишала: „Не знам ни како ни зошто сите ја поврзаа 'Кројцеровата соната' со нашиот брачен живот, но тоа се случи“. Ја сожалуваат сите членови на семејниот круг на Толстој, па и самиот цар, се пожалила. „Но не само другите луѓе“, додала. „И јас во своето срце знаев дека оваа приказна е насочена против мене, дека страшно згреши кон мене, ме понижи во очите на светот и ги уништи последните траги од љубовта меѓу нас.“

Уверена дека приказната е „неточна во сè што има врска со искуството на младата жена“, Софија напишала две новели за да ги изложи сопствените ставови - „Чија вина?“ и „Песна без зборови“ - кои стоеле во архивите на музејот на Толстој сè додека неодамна не беа повторно откриени и испечатени во Русија. Мајкл Р. Кац, пензиониран професор по Руски и источноевропски студии на Мидлбери колеџот, ги преведе двете приказни на англиски и ги објави во збирката „Варијации на Кројцеровата соната“ (Yale University Press), како придонес на бројните понови дела кои ја осветлуваат вистинската личност на жената на Толстој.

„Кога првпат ги прочитав нејзините приказни, бев запрепастен од тоа што постојат а никој не знае за нив“, вели Кац. „Потоа помислив: ова воопшто не се лоши приказни. Можеби не се првокласна литература, но ги напишала образована, културна, промислена жена со силен карактер која не само што имала поинакви гледишта од својот маж, туку и се осмелила да ги изрази, и тоа со идеја да ги објави.

„Чија вина“, напишана некаде помеѓу 1891 и 1894, е приказна за 18-годишната Ана, од добро семејство и со добро образование, која го замислува бракот како сојуз на два ума, сродници по душа кои ја делат љубовта кон филозофијата и уметноста, заедно уживаат во безделничењето и се посветуваат на своите деца.

Полетна, продуховена и привлечна, Ана го привлекува вниманието на еден отмен семеен пријател, принцот Прозорски, речиси двапати постар од неа, како што и Толстој бил кога се оженил со Софија. Дарот за конверзацијата и друштвениот шарм го прикриваат неговиот просечен интелект и развратен поглед на спротивниот пол.

На маргините од својот тефтер, Софија препишувала делови од „Кројцеровата соната“ кои ѝ служеле како потсетник на оние места кои сакала да ги оспори и пишувала за бракот осуден на пропаст и завршен, на крајот, со убиство, но од аголот на жена. На обвинувањата кои ги изнесува разјаренот раскажувач на Толстој, така се спротивставени аргументи на покајничката приказна на неговата жена за изневерената љубов, промашениот спој на машката сексуална желба и женскиот глад за емотивно задоволство, за различните очекувања и барања кои ги наметнува раѓањето и грижата за децата.

„Песна без зборови“ доаѓа од онаа страна на чедната романтика на првата приазна, за да ги испита флуидните граници меѓу интелектуалната и сексуалната привлечност. Напишана во 1898, приказната претставува едвај прикриена исповед за интензивното пријателство на Софија со композиторот Сергеј Танеев, кој минал две лета, 1895 и 1895, во Јасна Полјана, имотот на Толстој јужно од Москва. Како и авторката, хероината на приказната, вознемирена од смртта во семејството, наоѓа радост во светот на музиката поради која, за жал, се заљубила во самиот композитор.

Никој од главните ликови на овие две новели не одговара сосема на примерите од вистинскиот живот, но атмосферата на судир и разочарување прецизно го отсликува бракот на Толстој, посебно во годините откако Толстој минал низ духовна криза и изградил нов, нему својствен вид на христијанство, кој потоа ќе стане фокус на неговото творештво.

Оваа новооткриена вера го вплеткала во контрадикции кои ќе го мачат него и неговата жена, сè до неговата смрт од 1910. Бил богат земјопоседник кој ја сметал приватната сопственост за зло, поддржувач на егалитаризмот опкружен со послуга, уметник кој речиси целата уметност ја отфрлил како погубна, проповедник на целибат кој бил татко на тринаесет деца и сексуално активен сè до 80-тите години од животот.

„Варијации на кројцеровата соната“ се составени како некој вид досиеја. Кац донесува нов превод на приказната на Толстој, сместувајќи ја во контекст на нередот кој го предизвикала. Покрај двете новели на Софија, во збирката се наоѓа и лутата анти-„Кројцер“ приказна која ја напишал синот на Толстој, Лав Лавович Толстој, под наслов „Прелидумот на Шопен“, како и одломки од писмата на Софија и дневникот и нејзините мемоари „Мојот живот“, уште едно дело кое со децении собирало прав во архивите.

Збирката дава значителен поттик на неодамна покренатата ревизија на погледот на Софија. Во поодминатите години на Толстој, и долго по неговата смрт, неговите ученици ја осудиле на улогата на лош агенс на семејната драма, пакосна жена која правела сè за да го одвлече Толстој од неговата работа во улога на општествен пророк, и за да ја зачува контролата над неговата книжевна оставштина. Советските професори, од идеолошки причини, ги сметале нејзините дневници и богати мемоари, запишани на 20.000 страници со машина за пишување, кои покриваат распон од 55 години од нејзиниот живот, за тривијални и критички настроени кон саканиот симбол на нацијата.

Кога архивите се отворени, климата се промени. Музејот на Лав Толстој му дозволи на Андреј Донсков, руски профсор од Универзитетот во Отава, да направи англиски превод на „Мојот живот“, кој е објавен 2010 (University of Ottawa Press), како и да ги објави нејзините собрани книжевни дела на руски.

Александра Попов, професорка исто така од Канада, користела бројни извори од музејските архиви за својата биографија на Софија Толстој (Free Press), исто така објавена во 2010 година, а истата година музејот во раскошно издание ги објави овие две приказни на Софија и приказната на нејзиниот син, што било поттик за збирката на Кац. Така една историска карикатура постепено се развила во портрет на високо култувирана жена со основана претензија на статус на книжевник и мемоаристка.

Чудно, но токму Софија притекнала на помош кога „Кројцеровата соната“ паднала во немилост на владините цензори. Бидејќи се грижела за книжевното дело на мажот, отишла во Санкт Петербург во 1891 година, да изнесе одбрана на спорната новела пред царот Александар Трети и да добие дозвола за нејзино објавување во ново издание на Толстоевите списи.

Служејќи се со шармот и мудроста, тврдела дека „Кројцеровата соната“ заговара сексуална чедност, што е сигурно добра работа. А освен тоа, додала, наклоноста на царот би можела да го охрабри нејзиниот маж да продолжи со пишувања на такви дела како што е „Ана Каренина“.

„О, тоа би било баш добро“, одговорил царот. „Каков сјаен писател е тоа!“ Забраната е укината.

Извор: The New York Times, 19.08.2014.

Слични содржини

Живот / Историја
Општество / Живот / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото