Оставете ги последните жабри

30.08.2014 09:24
Оставете ги последните жабри

Ако уметноста треба да биде чекан што ќе го обликува општеството, тогаш зошто служи новинарството? Дали е можеби средство што треба да се употреби за манипулација, за пропаганда и промовирање на власта? Се буди граѓанската свест, а не сме свесни кон каде ќе нѐ придвижува битката - дали кон закоравеното минато или кон европската иднина.

Изгледа остануваме несвесни и за суштината на демократијата. Битката се води на теренот на слободата - да се мисли, критикува, да се зборува и напаѓа. Таа не може да се „елитизира“ и само одредени групи да имаат привилегија да се изборат за својата слобода. Битката ја води нацијата, а тоа подразбира мноштво разновидни промислувања. Забраната да се мисли е карактеристика на деспотизмот и израз на малодушност, ограниченост и неразбирање на демократските вредности.

На малите групи бунтовници не треба да им се помага да извојуваат победа, туку тие треба да му помогнат на народот. Тие можеби се знаменосци, но потребни се единици со копја и револвери. Не бадијала и перото се споредува со орудие за борба. Една од силите на борбеното поле за демократија е новинарството, а тоа дише само тогаш кога новинарот ќе биде слободен. Затоа, допуштете му на новинарството да го врати сопственото достоинство, не го стегајте јаремот со уште повеќе предрасуди и недоверба. Оставете ги последните жабри. За да дише државата.

Слика: Свирачиња