Калифорнија - држава без пластични кеси

01.09.2014 09:53
Калифорнија - држава без пластични кеси

Калифорниските законодавци усвоија мерка која ќе ја направи Калифорнија прва американска сојузна држава која на својата територија го забранува користењето на пластичните кеси за еднократна употреба.

Законот беше усвоен минатиот четврток во собранието, а во петок во сенатот, и потоа упатен на потпишување кај гувернерот на Калифорнија Џери Браун.

Сенаторите кои прво се противеа на законот, овој пат го поддржаа откако во него беа додадени заштитни мерки за производителите на пластични кеси.

Со Законот, кој го предложи демократскиот сенатор Алекс Педила од Лос Анџелес, од 2015 ќе биде забрането користењето на пластични кеси за еднократна употреба во продавниците за намирници и големите маркети, а од 2016 и во останатите трговски објекти.

Исто така, со законот се предвидува доделување заем во вредност од два милиони долари за да им се помогне на производителите на пластични кеси да преминат на производство на кеси кои можат повторно да се употребуваат.

Покрај тоа, предвидено е да им биде дозволено на продавачите да наплаќаат по 10 центи за секоја хартиена и повторно употреблива кеса.

Донесувањето на овој закон беше проследено со една од најострите расправи изминатите недели, со агресивно лобирање на борците за заштита на животната стредина и производителите на кеси.

Калифорниските законодавци со години сакаа да ги забранат пластичните кеси во цела Калифорнија, обидувајќи се да ја намалат количината на пластичен отпад во океаните и реките, бидејќи за чистење се трошат милиони долари.

Околу 100 локални самоуправи во Калифорнија, вклучувајќи ги Лос Анџелес и Сан Франциско, до сега веќе усвоија слични закони.

Извор: Huffington Post