Само радикализирана левица може да ја спаси Европа

01.09.2014 10:08
Само радикализирана левица може да ја спаси Европа

По мајската изборна победа на антиимигрантските евроскептични партии во Франција и Велика Британија, многу либерали беа вчудоневидени и изненадени. Меѓутоа, во нивните поплаки и нивната зачуденост за десничарските победи имаше и глумење наивност. Вистинското прашање е зошто на десницата ѝ требаше толку време за да се пробие.

Кога Жан-Мари Ле Пен – основачот на францускиот десничарски Национален фронт, победник на неодамнешните избори за европскиот парламент – кажа невкусен виц за гасните комори и францускиот поп пејач со еврејско потекло – неговата ќерка Марин Ле Пен, водачка на партијата, јавно го критикуваше, градејќи имиџ со човечкиот лик на својот татко. Не е важно дали овој семеен конфликт беше инсцениран или вистински – осцилирањето на двете лица, бруталното и цивилизираното, ја дефинира денешната популистичка десница. Под цивилизираната јавна маска демне бруталното, вистински непристојно лице, а разликата меѓу нив е само во мерата до која се открива скриеното лице. Дури и другава страна сосема да остане надвор од видокругот, таа делува како премолчена претпоставка, како невидлива референтна точка. Без баучот од својот татко, Марин Ле Пен не постои.

Во пораките на Марин Ле Пен нема никакви изненадувања: се работи за вообичаен антиелитистички работнички патриотизам кој ги критикува транснационалните финансиски сили и отуѓената бриселска бирократија. Таа ги отфрла неизбраните бриселски финансиски технократи кои брутално ги спроведуваат интересите на меѓународниот финансиски капитал и спречуваат одредени држави на прво место да ја стават благосостојбата на својот народ. Значи, таа заговара политика која реагира на грижите и прашањата на обичните работни луѓе. Ле Пен претставува јасна спротивност на стерилните европски технократи: додека фашистичките испади на нејзината партија му припаѓаат на минатото, таа ја враќа страста во политиката. Дури и некои дезориентирани левичари не му одолеаа на искушението да ја бранат. Ле Пен и нејзините европски левичарски симпатизери ги обединува заедничкото отфрлање на силната Европа и желбата за враќање на суверенитетот на националните држави.

Проблемот во тоа заедничко отфрлање е, како што вели шегата, што Ле Пен не бара причини за неволјите во мрачното катче каде што се кријат, туку под светлото, затоа што таму се гледа подобро. Наместо да се обиде да ги спознае антагонизмите на денешниот глобален капитализам, таа се фокусира на лесни мети како доселениците, чие присуство на нашите улици е видливо за сите. Пораката на Ле Пен поаѓа од вистинска премиса: од пропаста на политиката на штедење што ја спроведуваат бриселските експерти. Кога романскиот левичарски писател Панаит Истрати го посетил Советскиот Сојуз во 1930 година, во времето на големите чистки и монтирани процеси, еден советски апологет, обидувајќи се да го убеди во неопходноста на насилството против државните непријатели, ја цитирал пословицата: „Нема кајгана без скршени јајца“. На што Истрати кратко одговорил: „Добро. Гледам скршени јајца. Но, каде ви е кајганата?“ По повод мерките за штедење што ги наметнуваат бриселските технократи би требало да реагираме на таков начин: „Добро, ги кршите нашите јајца низ цела Европа, но каде е кајганата што ни ја ветивте?“

Најмалку што може да се каже за кризата, која трае од 2008 година е дека народот не е тој што не знае што да прави, туку тоа се токму овие експерти. Во западна Европа сведоци сме на растечка неспособност на владејачките елити; тие сè помалку и помалку умеат да владејат. Погледнете како Европа се носи со грчката криза: ја притиска Грција да ги врати долговите, но во исто време ја упропастува нејзината економија со наметнување мерки за штедење, гарантирајќи дека на тој начин грчкиот долг нема да биде вратен никогаш. Во јуни 2013 година Wall Street Journal објави интерни документи на Меѓународниот монетарен фонд кои откриваат дека економските последици од агресивните мерки за штедење за Грција можеби се дури и трипати поголеми, отколку што се мислеше претходно, што ги прави бесмислени претходните мерки за штедење на ММФ како решенија за кризата во еврозоната. Сега, откако се изгубени повеќе стотици илјади работни места заради таквите „погрешни проценки“, ММФ признава дека присилувањето на Грција и другите задолжени земји за пребрзо намалување на дефицитите е контрапродуктивно.

Денешниот притисок на ЕУ врз Грција да спроведе мерки за штедење, совршено се вклопува во она што во психоанализата се нарекува суперего. Суперегото не е вистински етички принцип, туку садистички агенс кој го бомбардира субјектот со невозможни барања, непристојно уживајќи во неспособноста на субјектот да ги исполни. Меѓутоа, парадоксот на суперегото е во тоа, како што Фројд видел јасно, дека колку повеќе ги слушаме неговите барања, дотолку повеќе се чувствуваме виновни. Замислете си пакосен учител кој на своите ученици им дава невозможни задачи, а потоа се смее кога ќе ја види нивната нервоза и паника. Токму во тоа се крие проблемот со наредбите на Европската унија: Грците дури немаат никаква шанса; нивната пропаст е дел од играта. Како снабдувачите и доносителите на долгот да ги обвинуваат задолжените земји дека не се чувствуваат доволно виновни.

Во тоа се крие вистинската порака на „ирационалните“ народни протести во цела Европа. Демонстрантите многу добро знаат што не знаат; не се прават дека имаат брзи и лесни одговори. Но, инстинктот им кажува еден факт: не знаат ниту оние кои се на власт. Денес, во Европа, слепите ги водат слепите. Политиката за штедење не е некаква наука, дури ни во минимална смисла; таа е многу блиска до современиот облик на суеверие – еден вид спонтана реакција на несогледливо сложената ситуација, слепа реакција според моделот „нешто тргна наопаку, некако ние сме виновни за тоа, мораме да ја платиме сметката и да издржиме, па ајде да направиме нешто што боли и да трошиме помалку“. Политиката на штедење не е „премногу радикална“, како што тврдат некои левичарски критичари, туку напротив, премногу површна – тоа е чин за избегнување на вистинските корени на кризата.

Мрачното катче

Дали идејата за обединета Европа може да се сведе на владеењето на бриселските технократи? Доказ дека не може е фактот што САД и Израел, две национални држави опседнати со својот суверенитет, на некое длабоко и често замаглено ниво ја доживуваат ЕУ како главен непријател. Таквото сфаќање, кое се држи под контрола во јавниот политички говор, експлодира во својата непристојна субкултурна опачина. Во Израел, лудите приказни за правото на државата да ги избрка Палестинците, се темелат на Книгата за постоењето, конкретно на божјата заповед за Евреите, кои се приближуваат до својата земја по 40 годишно талкање, немилосрдно да ги убијат племињата кои живеат таму. Во САД, оваа визија ја рефлектира фундаменталистичката политичка визија на екстремната десница со својот опсесивен страв од Новиот светски поредок, кој е забележлив во книгите на Тим Лахеј. На тоа укажува насловот на еден од неговите романи: Европскиот заговор. Непријатели на САД не се муслиманските терористи; тие се само марионети со кои тајно управуваат европските секуларисти – вистински сили на Антихристот кои сакаат да ги ослабнат САД и да воведат Нов светски поредок под доминација на ОН. На некој начин, ова е правилната перцепција: Европа не е обичен геополитички блок, туку глобална визија која во крајна линија е неспоива со националните држави, визија на транснационлниот поредок кој гарантира одредени права (благосостојба, слобода, итн.) за сите луѓе на светот. Тоа е причината зошто ЕУ тежнее кон проширување надвор од границите на старата Европа. Тоа е причиниата зошто европскиот сон сè уште е привлечен за сите. Овој аспект на ЕУ дава одговор на прашањето за таканаречената европска „слабост“: постои изненадувачка корелација помеѓу европското обединување и слабеењето на европската глобална военополитичка моќ.

Тогаш, каков е проблемот со бриселските технократи? Не се работи само за нивните мерки и нивната лажна стручност, туку, уште повеќе, нивниот модус операнди. Основен образец на денешната политика е деполитизираната администрација и координацијата на интересите на елитниот експертски корпус. Единствен начин за да се воведе страст во оваа деполитизирана зона, луѓето активно да се мобилизираат, е со страв: страв од доселеници, страв од криминал, страв од безбожна сексуална изопаченост, страв од премногу силна држава (со нејзиното високо даночно оптоварување), страв од еколошка катастрофа, страв од вознемирување (политичката коректност е пример на либералниот облик на политиката на стравот). Се разбира, прогресивните либерали се згрозени од популистичкиот расизам. Меѓутоа, ако погледнеме повнимателно, ќе видиме дека нивната мултикултурална толеранција и почитувањето на етничките, верските, сексуалните разлики не се разликуваат од идеите на антиимигрантите според основните премиси: стравот од другите јасно се препознава во либералната опседнатост со вознемирувањето. Здравствено вознемирување, кога ме вознемирува бесчувствителен пушач, вербално вознемирување, кога ќе слушнам како некој тип од пониската класа кажува безобразни вицови. Вториов е во ред, но само доколку неговото присуство не е наметливо, доколку Другиот навистина не е Друг.

Не е ни чудо што во последно време е популарна темата за „токсичните субјекти“. Поимот „токсично“ опфаќа низа особини кои им припаѓаат на потполно различни нивоа – природно, културно, психолошко, политичко. „Токсичен субјект“ може да биде емигрант со некоја смртоносна заразна болест кој треба да биде изолиран; терорист чив опасен план треба да биде спречен и на кого му е местото во Гвантанамо (празна зона слободна од владеење на правото); фундаменталистички идеолог кој би требало да биде замолчен затоа што шири омраза; или родител, наставник или свештеник кој ги злоупотребува и расипува децата. Најпосле, токсичен е соседот како таков, така што крајна цел на сите правила на меѓучовечките односи е во изолирањето или барем во неутрализирањето и оградувањето од оваа токсична димензија.

На денешниот пазар наоѓаме цела низа производи лишени од своите малигни својства: кафе без кофеин, шлаг без маснотии, пиво без алкохол. И така натаму. Доктрината на Колин Пауел за војување без жртви (се разбира, наши) станува војна без војна; денешното редефинирање на политиката како уметност на експертско управување се претвора во политика без политика; сè до денешниот толерантен либерален мултикултурализам, кој станува искуство на Другиот лишено од неговата Другост. Не е ли детоксикацијата на имигрантскиот Друг основна точка на програмата на партијата УКИП на Најџел Фараж? Фараж константно истакнува дека тој не е против странските работници во Британија – тој ги цени вредните Полјаци и нивниот придонес за британската економија. Ова е ставот на „цивилизираната“ антиимигрантска десница: политика за детоксикација на соседите – добрите Полјаци наспроти лошите имигранти. Оваа визија за детоксикација на соседите претставува јасен премин од отворено варварство во варварство со човечко лице. Во какви услови се создава тоа?

Старата теза на Валтер Бенџамин дека зад секој подем на фашизмот стои пропадната револуција, не само што важи сè уште, туку е порелевантна од кога било. Десните либерали со поголемо задоволство ја истакнуваат сличноста помеѓу левиот и десниот „екстремизам“: теророт и логорите на Хитлер биле имитација на болшевичкиот терор, ленинистичката партија сè уште живее во Ал Каеда. Но, зарем ова не упатува на тоа дека фашизмот го зазема местото на неуспешната левичарска револуција? Неговиот подем е неуспех на левицата, но истовремено и доказ дека постои револуционерен потенцијал кој левицата не можеше да го мобилизира. Зарем ова не важи и за денешнот таканаречен „исламофашизам“? Зарем порастот на радикалниот исламизам не е во корелација со исчезнувањето на секуларната левица во муслиманските земји? Денес кога Авганистан се претставува како екстремно исламска фундаменталистичка земја, кој се сеќава сè уште дека пред 36 години тоа беше земја со силна секуларна традиција, вклучувајќи ја и силната Комунистичка партија која дојде на власт независно од Советскиот Сојуз? Како што покажа Томас Френк, истото важи и за Канзас: држава која до седумдесеттите беше аголен камен на радикалниот левичарски популизам, денес е темел на христијански фундаментализам. Истото важи и за Европа: неуспехот на левичарската алтернатива на глобалниот капитализам го создаде антиимигрантскиот популизам.

Треба да се биде претпазлив дури и во случај на неспорно фундаменталистичките движења и да не се губи од вид социјалната компонента. Талибанците редовно се претставуваат како фундаменталистичка исламистичка група која ги спроведува своите правила со терор; меѓутоа, кога пролетта 2009 година ја преземаа долината Сват во Пакистан, New York Times извести дека организирале класен бунт искористувајќи ги длабоките поделби помеѓу малите групи богати земјопоседници и нивните закупци кои немаат земја. Ако, експлоатирајќи ги маките на земјоделците, талибанците дигнаа паника заради ризикот во Пакистан, кој сè уште во голема мера е феудален, што ги спречува либералните демократи во Пакистан и САД на сличен начин да ги „искористат“ овие маки и да им помогнат на земјоделците кои не поседуваат земја? Жална е поуката дека феудалните сили во Пакистан се „природни сојузници“ на либералната демократија. И mutatis mutandis (менувајќи го само неопходното), истото важи и за Фараж и Ле Пен: нивниот подем е резултат на падот на радикалната левица.

Поуката која исплашените либерали би требало да ја извлечат е оваа: само радикализирана левица може да го спаси тоа што треба да биде спасено од либералното наследство. Тажната реалност која демне ако не се случи тоа е спој од две спротивности – владеењето на безимените финансиски технократи под маската на популистичките псевдо-страсти.

Извор: http://www.newstatesman.com

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото