1010 hPa
49 %

20 °C
Скопје - Пон, 21.04.2025 19:59
Добро е што бракот стана уставна категорија и, конечно, е дефиниран како заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена. Така во последен момент беа спречени да се остварат тајните агенди и отворените тенденции – главно од опозицијата – во вид на масовни венчавки (налик на крштевките во Матка) исклучиво помеѓу еден маж и друг маж, или помеѓу две жени, или помеѓу еден властодржец и три опозиционерки, помеѓу една жена и два-тројца мажи... Ниедна од тие перверзни комбинации сега не е добитна, не доаѓа предвид.
Кога веќе е вака широко отворен, во Уставот може да влезат и ефикасно да се заштитат од можни промени и други институции, кои ги негуваат нашите традиционални вредности, исто колку и бракот. Отворање слободни фамилијарни зони, на пример. Но, парламентот, пред сѐ. Крајно време е, ако не е премногу доцна, во највисокиот правен акт законодавниот дом да се дефинира како заедница, како брак од интерес, исклучиво помеѓу владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ (односите помеѓу нивните лидери би требало да се регулирани со претходната одредба).
Така, со оваа мрачна заедница во јавната куќа би се спречиле масовни тепачки и трошоци за организирано исфрлање опозиционери и новинари, ангажирање на големи полициски сили и слично. Се разбира дека може - дури е и пожелно - да има и некои со сомнителна политичка ориентација. Колку да има кој да им држи свеќа додека се координираат во парламентарната постела како да ја онадат државата, пред сѐ.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња