Пат кон Втората светска војна

01.09.2014 11:07
Пат кон Втората светска војна

На 1 септември 1939 германската војска ја напаѓа Полска, навидум без никаква најава. Но тој „Блицкриг“ не требало да изненади никого. Хитлер уште од доаѓањето на власт во 1933 се подготвувал за тој потег.

Војната не била неочекувана. Хитлер не ги криел своите агресивни експанзионистички планови, иако одвреме-навреме, како што самиот велел, „пуштал пацифистичка плоча“, смета Клаус Хесе. Тој е научен соработник во документациониот центар „Топографија на теророт“ во Берлин и за него е јасно: „Од преземањето на васлта во 1933 година Хитлер подготвувал сè за војна. Од тој момент сè служело за ревизија на мировниот поредок каков што е договорен во Версај, сè служело за враќање на хегемонијата во Европа преку Голема Германија, сè било потчинето на создавање голем европски економски простор кој би ѝ овозможил на Германија историска голема војна во Европа, која би можела да потрае и подолго.“

Војна против „домашните непријатели“

Со мировниот договор во Версај од 1919 е утврдена исклучивата одговорност на Германија и нејзините сојузници за избивањето на Првата светска војна. Со тоа Германија била осудена на предавање делови од својата територија, на разоружување и плаќање отштета на победничките сили. Според сфаќањето на Хитлер, тоа било понижување кое треба да се исправи. Одлично му послужила и таканаречената легенда за „ножот в грб“ според која за воениот пораз на Германија единствено е виновно предавството на социјалдемократите и Евреите. Така и патот кон следната војна Хитлер го почнал со војна против „внатрешните непријатели“.

Само неколку денови по преземањето на власта, Хитлер на 1 април 1933 го организира првиот бојкот на продавниците во сопственост на Евреите во целата земја. Потоа уследил „Законот за обнова на државните служби“ со кој Евреите всушност се исклучуваат од сите државни институции. Од почетокот се работело и на собирање пари со кои би се водела идната војна. Уште пред нацистичката влада со закон да го регулира грабежот на еврејскиот имот, еврејските претприемачи биле изложени на притисок ако воопшто посакаат да ја напуштат земјата, и нацистите да мора да имаат некаква корист од тоа.

Иселениците морале да ѝ предадат на државата 25 отсто од имотот на кој плаќале данок, така што само во првите две години Хитлер од тоа можел да собере 153 милиони рајхсмарки. Иако постоела идеја девизите да се испраќаат во странство, требало да се плаќа данок на државната банка. Стапката на данокот на изнесување девизи постојано растела, за во 1939 година сопственикот да може да задржи 4 отсто, додека 96 отсто земала државата.

Олимпијадата 1936 и одложување на војната

Големо мнозинство од Германците до 1939 во Хитлер всушност гледало спасител. На многу од нив диктатурата им донела подообар живот во економска смисла. Невработеноста опаѓала, пораснала потрошувачката на домаќинствата. „Хитлер бил преголем популист и му било јасно дека освен топови, мора да му понуди и путер на населението“, уверен е Клаус Хесе. Но вистинската цел, секако, биле топовите.

Додека целиот свет во Берлин ги славел Олимписките игри, Хитлер ги завршувал своите воени планови. За четири години, германската војска мора да биде спремна за војна на исток. Хитлер го одредил следново во тајните „Белешки за четиригодишниот план“: на што повеќе подрачја Германија мора да биде независна од светскиот пазар, за да можат сите ресурси да се насочат кон вооружување. Набрзо потоа, половина од државните приходи оделе за оружје.

Истата година германската војска ја освоила демилитаризираната област Порајнија. Тоа подрачје всушност било одземено од Германија како гаранција дека ќе ја исплаќа воената отштета, но таа акција била јасно кршење на мировниот договор од Версај. Во ноември 1937, Хитлер на најважните претставници на војската им го открил својот план: на Германија ѝ е потребен поголем животен простор „за одржување на граѓанските маси и нивно размножување“.

Војната не е спречена, туку одложена

Во 1938 година Хитлер ја „припоил“ својата родна Австрија и веднаш потоа ѝ се заканил на Чехословачка поради тамошното германско национално малцинство, кое наводно било дискриминирано. Британските и француските политичари се плашеле од нова војна и се обиделе со политика на отстапки да спречат нов вооружен судир. Се надевале дека ако му го дадат на Хитлер она што го смета за свое национално право, ќе има мир.

Така со Минхенскиот договор Германија го добила Судетското подрачје во Чехословачка каде живеело германско мнозинство и дури и денес многу историчари сметаат дека тоа било грешка: „Чемберлен (тогашниот британски премиер) го пуштил Хитлер со цела низа територијални отстапки, без да знае дека поради тоа избила војна“, смета историчарот Ентони Бивор. Големо прашање е што би било ако тогаш премиер веќе бил Черчил, противник на попустливата политика кон Хитлер. „Дали Британците и Французите во септември 1939 би имале посилна позиција од германската војска? На тоа никогаш нема да добиеме одговор“, смета Бивор.

Од 1938 и во Германија почнал да се шири стравот од нова војна, смета Хесе. „Можело да се претпостави дека ваквиот развој на Германија во Европа, ја претвора таа земја од поразена во велесила и тоа не може да помине без опасност од нова војна.“ Договорот од Минхен нацистичката пропаганда го славела како „огромен успех на мировната политика на Хитлер“, но фирерот всушност и понатаму беснеел: тој всушност сакал нова војна.

Во 1939 повеќе не можело да се помисли на пуч

Трагично е тоа што историјата можеби би изгледала сосема поинаку ако Хитлер тргнел во војна уште во 1938. Бидејќи тогаш сè уште бил осамен во својата желба за воен судир и неговите генерали сакале таа војна - која според нив би избила прерано - да ја спречат по секоја цена. Воениот командант Франц Халдер и другите команданти во и околу Берлин, заедно со началникот на полициските сили на главниот град и неколку важни државни службеници, веќе се договориле за формирање влда. Тајно организирани единици биле спремни да ги освојат просториите на канцеларот штом Хитлер ќе објави војна.

Една година подоцна, не било можно ни да се помисли на таков пуч. Иако меѓу населението немало големо славје на 1 септември 1939 година, сепак поголемиот дел од населението го следело Хитлер и било спремно да тргне во војна во негово име.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото