Калифатот против сите останати

02.09.2014 10:51
Калифатот против сите останати

Во бескрајните геополитички престројувања на Блискиот Исток, калифатот на Исламската држава (досега нарекуван ИСИС или ИСИЛ) судејќи според сè ги преплаши практично сите останати вмешани во блискоисточната политика, и ги стави во de facto геополитички сојуз. Одненадеж го наоѓаме Иран со САД, Курдите (и во Сирија и во Ирак) со Израел, Турците и сириската влада на Башар ал Асад, западна Европа (Велика Британија, Франција и Германија) и Русија, и сите тие на свој начин се стремат кон иста цел: да го спречат ширењето и зацврстувањето на калифатот.

Ова сè уште не ги промени значително условите на другите геополитички судири, како израелско-палестинскиот и украинскиот, но сигурно ќе влијае врз нив. Секако, сите овие актери тежнеат кон многу различни среднорочни цели. Меѓутоа, погледнете што се случи само во првата половина на август. Нури ал Малики е отстранет од местото премиер на Ирак, со заеднички притисок на САД, Иран и големиот ајатолах Али ал Систани и Курдите, првенствено затоа што одбиваше да им даде поголема улога на сунитите во ирачката влада. Зошто тоа беше важно? Затоа што на овие актери им се чинеше како единствен начин да го потресат калифатот одвнатре.

САД одредија беспилотни летала и нова сила од околу 1.000 маринци и специјалци да ги заштитат Језидите и ирачките христијани од колежот (што е операција која бараше de facto помош од Башар ал Асад), да го спречат пробивот на калифатот во Ербил - престолнината на ирачкиот Курдистан, каде се наоѓа американскиот конзулат и значителен број американски граѓани - и веројатно уште нешто што сега се проценува на теренот. Претседателот Барак Обама одбива да каже кога точно се завршува оваа операција, па така наскоро сигурно нема да го исполни ветувањето за целосно повлекување од Ирак за време на неговиот мандат.

Турција ја затвори границата за слободен влез на силите на противниците на Асад во Турција, што беше клучен елемент на нејзината сириска политика. Поранешниот сенатор Џозеф Либерман, познат заговорник на војната и воен поддржувач на израелската политика, јавно го пофали Обама за она што го направи, додека Иранците се воздржуваа од критика. Саудијците, кои како да не можат да се одлучат околу сириската стратегија, судејќи според сè сфатија дека тишината и воздржаноста се најдобра тактика.

Значи, што е следно? И кој профитира од ова престројување? Изгледа дека има три очигледни краткорочно победници. Првиот е самиот калифат. Повторното влегување на САД во ирачката воена борба му овозможува на калифатот да се прикаже како најголема сила која му пркоси на ѓаволското олицетворение, САД. Тоа ќе им донесе многу нови регрути, особено од западниот свет. Може да се очекува калифатот да се обиде да изведе некои насилни акции во САД и западна Европа. Секако, оваа краткорочна предност ќе исчезне ако калифатот претрпи сериозни воени загуби. Но, за тоа ќе биде потребно време, ако воопшто се случи. Војската на калифатот се покажува како најпосветена и најдобро обучена воена сила во регионот.

Вториот голем победник е Башар ал Асад. Надворешната поддршка на неговите воени противници секогаш беше не баш одлучна, а краткорочно веројатно ќе ослабне уште повеќе, како што сè повеќе и повеќе сириски бунтовници ќе преминуваат на страната на калифатот.

Третите главни победници се Курдите, кои ја консолидираа својата позиција во Ирак и ги поправија односите со Курдите во Сирија. Сега ќе добиваат повеќе оружје, што на нивната војска - пешмерга - ќе ѝ овозможи да зајакне како воена сила.

Има ли очигледни губитници? Губитник се, претпоставувам, Соединетите Американски Држави. Освен ако калифатот наскоро не се распадне (што не е особено веројатно), овој воен потфат набрзо повторно ќе ја открие ограниченоста на американската воена способност, како и недоследноста на нејзините јавни позиции кон Ирак, Палестина и Украина. А Обама повеќе ќе го нема најголемото оправдување за тврдењето дека бил геополитички успешен. Американската јавност го поддржува успехот, а не тегавењето.

Има најмалку три групи чија непосредна иднина како победници или губитници останува нејасна. Една ја сочинува Иран. Ако САД и Иран се на иста страна, и во Ирак и во Авганистан, можат ли САД да го одбиваат секој компромис со Иран по прашањето на нуклеарната енергија? Иранската позиција во овие преговори во најмала рака е подобрена.

Втората група е Хамас. Израелците веќе трпат силен меѓународен притисок да ја преформулираат својата позиција кон Палестина. Дали ова истакнување на опасноста од калифатот ќе послужи како дополнителен притисок? Најверојатно, но Израелците ќе одолговлекуваат сè додека можат.

Третата група е Русија. Додека го пишувам ова, владата во Киев го забранува влегувањето на руските камиони за кои Русите тврдат дека претставуваат хуманитарна помош за заробените и измачени жители на Луганск, кои украинските трупи ги опколиле и се обидуваат да ги изгладнат и да ги натераат да се предадат. Дали ова навистина се разликува од обидот на калифатот да ги изгладни Језидите на нивниот планински врв додека не се предадат? Ако САД и западна Европа ја поддржуваат хуманитарната помош во еден случај, можат ли да тврдат дека се доследни додека и понатаму се противат на помошта во друг случај?

Живееме во интересно време.

Извор: Fernand Braudel Center
Слики: Никита Веприков

ОкоБоли главаВицФото