Новинарите го сакаат Охрид барем колку и политичарите

02.09.2014 15:57
Новинарите го сакаат Охрид барем колку и политичарите

Како треба, а како не треба да се пишува за Охрид? Особено во летната сезона, кога очите на јавноста се свртени кон првиот туристички и летен културен центар и втора државна столица. Му помагаат, или, пак, му одмаагаат медиумите на угостителско-туристичкото стопанство? Колку се објективни, а колку тенденциозни? Има ли злонамерност?

 

Овие, константно присутни прашања при опсервирањето на Охрид, ова лето, помалку неочекувано, добија во жестокост по „скопската“ прес конференција на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кога тој дел од медиумите ги обвини речиси за рекетарство:

„Се работи за спорадични новинарски тенденции за кои сите во Охрид се сомневаат дека имаат своја заднина и дека се најверојатно финансиски мотивирани!“.

„Финансиски мотивирани“ да пишуваат лошо за Охрид, да ги пренасочуваат гостите за Грција и други дестинации, секако, во полза на туристичките агенции, „извозно“ ориентирани во туризмот.

Обвинувањата на Бакрачески добија жесток одговор од медиумите кои не се под контрола на власта. На една од колумните, со писмо во форма на демант, реагираше самиот Бакрачески. Од аспект на објективноста, беседите и писанијата на градоначалникот и не би требало да предизвикаат посебно внимание. Можеби требаше и да се игнорираат. Нели, токму во тоа време, во Будрум, Турција, се сончаше и се рашетуваше по базарите премиерот Никола Груевски лично. А и самиот Бакрачески призна дека и тој скокнал на еден викенд до „проколнатата дестинација“ – грчките острови, кои, вели, биле многу убави, имало што да се види и научи! Тогаш каде е конзистентноста, ако зборувате најпофално за тамошните услови (!), а овде за истото обвинувате други: „Не гледајте што правам, слушајте што ви говорам!“

ДАЛИ МЕДИУМИТЕ И РЕДАКЦИИТЕ СЕ ЦВЕЌИЊА?

Градскиот татко на Охрид си скокна во сопствениот стомак и со фактот што за сезоната проговори дури при крајот, откако се виде дека ќе биде неуспешна. Затоа и набрзина организира дебата на така виканиот „Совет на градски татковци“, некој вид асоцијација на стопанственици, на која, сред сезона, дел од реалниот сектор и „дрвените адвокати“ – „коморници“, се обидоа да мудруваат по принципот „што би било кога би било“, односно во август да градат стратегии за развој на туризмот! Беше дегутантно, ама дел од медиумите се налепија и поединци обезбедија присутност на светлата на сцената. Ако намерата била медиумско внимание, тогаш ефектот „пет минути слава“ е постигнат.

Дали медиумите и редакциите се цвеќиња? Секако дека не се. Тие се за мирисање, само онолку колку што се професионални, едуцирани, образовани, компетентни да пишуваат за она што го следат. Дали има зла намера? Не можеме да ја исклучиме, повторно и тоа е прашање на професионалноста и односот кон занаетот. Дали некој летувал 7 дена, како награда за она што го напишал, односно ѝ донел профит на некоја туристичка агенција? Можеби летувал, и новинарите се од крв и месо, ама тоа не значи дека летувале цели редакции, дека летувала една цела, многу тешка, чесна и одговорна професија.

За известувањето од и за Охрид, нема основа за обвинување за претерана критичност. Навистина не можете да кажете дека имало злонамерност, тенденциозност, штета по охридскиот туризам и културните случувања. Особено што Бакрачески, сосема произволно, даде оценка дека медиумите не известувале за културните случувања, а „се запнале“ за Цеца Ражњатовиќ – Арканова! Охрид навистина вриеше од културни настани, пред сѐ со приредбите на „Охридско лето”, кои беа редовно пренесувани, професионално и афирмативно. Бакрачески се излета предвремено и некомпетентно. На последната, завршна прес конференција, директорката на фестивалот и селекторите на музичката и драмската програма, дадоа најласкави оцени за новинарите и известувањето, најискрено се заблагодарија.

ЦЕЦА-АРКАНОВА И 2 АВГУСТ

Е, сега, фамозната Цеца! Известувањето исто така беше коректно и професионално. Никој не ја доведе во прашање потребата. Има бројни фанови, интерес владеeше, што се виде и од самиот концерт – најмалку 15.000 присутни. Ама Цеца не рече дека новинарите ѝ ја расипале забавата. Напротив, се пожали на своите, на организаторите. Тогаш, што им пречеше на градските татковци? Дали тоа што не воделе сметка за терминот, па на ист датум и во исто време, преку еден од хит-концертите на Охридско лето, овој на Цеца-Арканова, охриѓани на некој начин, го одбележаа националниот празник – Илинден?! Ама тоа не беше нешто што го „направија“ новинарите! Ако одиме по нивниот акал, дури треба да бидеме и пресреќни, што, ете, големата хуманитарка Цеца се смилувала на апелите на општинарите и „оберучке“ прифатила концертот да го помести: Не токму на Втори Август, туку вечерта - во очи на Втори Август! Ете, тука лежи зајакот за „недоразбирањата“, а недоразбирање всушност и нема. И дали новинарите и медиумите кои тоа го проблематизираа се ненаклонети кон Бакрачески, или пак тие се оние што му се понаклонети, нему и на градот, ама на еден вистински, а не апологетски, вазалски и клиентелистички начин? Новинарите навреме известија дека хотелите Силекс, Гранит, Инекс-Горица, во Охрид, како и Дрим во Струга се полни, затоа што нивниот менаџмент има иницијативност и не се потпира само на „Корендон“. Носи гости и од Полска и од Словенија, се бори на пазарот – од САД до Австралија, ги користи „Балканските тури“ на Турците, Корејците, Јапонците…

Новинарите можат да помогнат, но можат и да одмогнат со своето пишување. Меѓутоа, тие не можат да го испразнат или да го наполнат градот. Тие не можат да донесат ниту убаво време, на пример. Не можат да измислат патишта, ако тие не постојат, ниту пак со гумичка да ги избришат – ако веќе постојат. А, оние што постојат сѐ уште го носат потписот на Ј.Б.Тито, сакал тоа Бакрачески да го види „во живо“, кога патува за Скопје, или Битола, или, пак, на Би-Би-Си, како што деновиве се помајтапи со Маршалот, во расправата: „За“ и „Против“ одземањето на неговото име од крајезерскиот градски кеј! А, за „вкусовите” и споредбите на, цитирам: Кеј „Маршал Тито“ со Кеј Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, Садам Хусеин, Муамер Гадафи, Хосни Мубарак, Пиноче… не треба да се дискутира. Тоа не е само прашање на вкус, туку и на нешто друго!

КОЈ СМЕЕ, А КОЈ НЕ СМЕЕ ДА ОДИ НА ХАЛКИДИКИ

Раководство на град како Охрид, кој се декларира како светски, мора да има капацитет појавите да ги анализира малку пошироко: Ако не глобално, барем регионално. Во јуни и јули, во „туристичка дупка“ не беше само за Охрид, туку целиот Јадран. Да, Грција беше полна, ќе собере барем десетина милијарди евра од нас „обичните“, ама зошто ние би апстинирале кога „Најмакедонците”, со целата политичка и бизнис елита, (вклучително и Бакрачот), беа на Халкидики, односно „расеани“ по грчките острови?! Тогаш, зошто би било „морално“ да се мајтапиме со плебсот, со оние кои го одбираат крајот на јуни, или почетокот на септември, или можноста „последен минут“, за и тие да го вкусат Егејот, по цена од 80 евра за 7 дена сместување?!

Раководството на Охрид мора да сфати дека радиоприемниците повеќе не излегуваат од фабриките само со „Радио Москва“ на фреквенциската скала. Дека живееме во глобален свет, дека сајбер-просторот е достапен за секого и дека егзистираат помоќни медиуми, дури и од самите медиуми. Ајде да видиме дали можат да им ги „затнат муцките“ на критичарите по социјалните мрежи? Не дека не се претерува, дека не се генерализира, дека исчезнал менталитетот: Да му пукне козата на Бакрачот?! Доволно е да отворите на Фејсбук и да ја видите фискалната сметка на енормен износ за испиено кафе и ефектот да биде постигнат. Ама, кој им пречи на неговите од Кабинетот, Протоколот и ПР-службата да објават сметка за испиено кафе по цена од само 20 денари? Барем според надворешните манифестации новиот градоначалник е „опремен“ со сите државнички нишани: од шефица на Кабинет (му го покажува столчето во Света Софија!), до обезбедување „по стандардите на Мосад!“. Од друга страна, што можат нашите новинари да спасат, ако на пример, глобални ТВ мрежи известуваа, некои секој ден, за протестите во Скопје, во исто време кога дел од амбасадите ги „посоветуваа“ своите граѓани: „Ако баш и не мораат, да се воздржат од патувања по секоја цена во оваа земја“.

И на крајот: Охрид ја има најголемата медиумска заедница во Македонија, после Скопје. Како бројка на поединци кои пишуваат за медиуми, но и како бројка на медиуми. Не се сите на нивото на задачата. Ниту по образование, ниту по искуство, ниту по посветеност. Понекогаш известуваат на начин својствен за рубриките „верувале, или не“. При недоволна едуцираност и кога се потпирате само на силата на медиумот, или на сопствената „атрактивност“, тогаш не правите разлика, на пример, помеѓу „Метрополитен“ и „Митрополијата во Њујорк!“. Ама, сепак, во целина, Охрид располага со солиден потенцијал, кој може умесно и успешно да се искористи за севкупна афирмација на градот.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).