1022 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 15:59
Леонард Мид најмногу го сакаше градот ноќе, кога можеше во магливите ноемвриски вечери околу осум часот да зачекори на тротоарот, да цапка по изгазениот тревник, онака, со рацете в џебови и во која било насока низ таа прекрасна тишина. Ќе застанеше така на некоја крстосница и долго ќе ѕуреше во улицата осветлена од месечината, без решеност во која насока да се упати. Но, тоа беше и онака сеедно: беше сам на светот оваа ноќ во 2180 година. Кога конечно ќе се решеше каде да тргне, знаеше дека никого нема да сретне, освен измаглината во студениот воздух, создадена од неговиот здив.
Понекогаш, одеше така со часови и километри и дури околу полноќ се враќаше дома. Шетајќи, ги гледаше куќарките со мрачните прозорци и имаше чувство како да шета низ некои гробишта, зашто преку тие прозорци едвај ќе блеснеше овде-онде по некоја лента од светлина помеѓу повлечените завеси.
Во темните соби вчас ќе заиграа фантомски сенки, таму каде што завесите сè уште не беа навлечени. Понекогаш, ќе се чуеше по некој шепот или мрморење низ прозорецот што сè уште останал отворен.
Леонард Мид ќе запреше, ќе ја накривеше главата, наслушнувајќи и погледнувајќи, а потоа ќе ја продолжеше прошетката без ниту најмал шум. На некои места тротоарот беше покриен со трева и цвеќе.
Во последните десет години така шетајќи дење и ноќе никогаш не сретна никого. За сето тоа време не сретна ниедно живо суштество што шета како него.
Сега облекуваше спортски чевли кога тргнуваше на прошетка зашто инаку, кога би носел чевли со цврсти ѓонови, би го следеле пците-скитници со своето лаење долж сиот пат, би се палеле светлата на прозорците од каде би се јавувале разни лица, и целата улица би била вчудовидена штом би видела едно единствено лице што талка низ празната улица.
Таа вечер тргна кон запад, кон скриеното море. Во воздухот се чувствуваше мразот, а кристалчињата го потврдуваа тоа. Го отежнуваше дишењето и создаваше чувство како белите дробови да се со мраз искитена, божиќна елка. Можеше да почувствува како студот влегува и излегува низ белодробните ограноци, кои како да беа исполнети со снег. Го наслушнуваше мекиот допир на патиките со есенското лисје и задоволно свиркаше некаква мелодија. Понекогаш ќе се наведнеше и ќе подигнеше некој лист за да ги разгледува неговите жилички, под слабата светлина од ретките улични светилки.
„Еј, вие таму„, шепотеше минувајќи покрај секоја куќа. „Што има вечерва на четвртиот канал, на седмиот канал, на деветтиот канал? Каде јурат каубоите и дали некаде се гледа американската коњица што јури преку брегот за да пристигне на помош во последниот миг?“
Улицата беше тивка и нема, долга и празна, само неговата сенка се движеше како сенката на јастребот низ полето. Кога ќе ги затвореше очите и ќе застанеше мирно, без никакво движење, вкочанет, можеше да си замисли дека стои сред некаква низина, а зимата е без ветер, без ниту една куќа, стотици километри наоколу и дека придружници му се само празните речни корита и соголените, суви дрвја.
„Што се случува сега?„, ја запраша следната куќа, гледајќи во рачниот часовник. „Осум и триесет. Време за десетина разновидни убиства или за квиз? Или за ревија?“
Дали тоа се слушаше смеа од една куќа осветлена од месечината? Се колебаше еден миг, а потоа продолжи зашто веќе ништо не се чу.
Се сопна од разриената крстосница, на местото каде автопатот ја пресечуваше градската улица.
Дење тука минуваа многу коли со придушен татнеж, погонската станица беше отворена и се рашири како голем инсект, освојувајќи го просторот и местоположбата како некаков кралски скарабеј. Зад колите остануваа само облачиња од издувните цевки; тие јуреа кон хоризонтот, кон своите куќи. Но сега овој крстопат и автопатот беа како реки во сушните години, само камен и празни корита, под месечевиот сјај.
Се враќаше по некоја друга улица кон својот дом.
Беше веќе речиси пред прагот, кога една кола скршна од аголот и кон него впери сноп светлина.
Застана изненадено како ноќна пеперутка, заслепена и привлечена од светлината.
Се чу метален глас.
„Застани. Стој таму каде што си! Не мрдај!“ Застана и се вкочани. „Крени ги рацете.“
„Но, што...“ се обиде тој.
„Крени ги рацете или ќе пукаме!“
Полиција, секако. Но, колку е тоа ретко и скоро неверојатно. Во градот од три милиони жители остана само уште еден автомобил. Уште минатата година, по изборите, ги намалија полициските сили од три на еден автомобил. Криминал веќе скоро и да немаше, затоа ни полицијата не беше потребна, освен оваа една, единствена кола што скиташе по пустите улици.
„Вашето име?“ екна металниот глас од полицискиот автомобил. Не можеше да го види човекот зашто беше заслепен од силното светло.
„Леонард Мид“, одговори ноќниот шетач.
„Погласно!“
„Леонард Мид!“ ,се извика шетачот.
„Вработен? Професија?“
„Па, би можеле да ме наречете писател.“
„Тоа не е никаква професија“, се огласи металниот глас од полициската кола како да разговара самиот со себе.
„Па, би можело и така да се каже“, возврати Леонард Мид.
Со години веќе не пишуваше. Списанијата и книгите веќе не се продаваа. Штом ќе се спуштеше мракот сè живо заминуваше по куќите како во гробови, помисли, занимавајќи се со своите размислувања. Гробниците, слабо осветлени од екраните и светлата, во кои луѓето седеа како мртви, додека сивите и многубојните одрази од екраните им поигруваа на лицата но никогаш не ги допираа навистина.
„Тоа не е професија“, повтори металниот глас со шиштење. „Што правите надвор?“
„Шетам“, рече Леонард Мид.
„Шетате!“
„Токму така“, рече тој едноставно, но нешто му се превртуваше во утробата.
„Шетате и само шетате?“
„Да, господине.“
„Шетате, а каде? И зошто?“
„Поради свежиот воздух. И разгледувам наоколу.“
„Вашата адреса?“
„Јужен булевар, број единаесет.“
„И во вашата куќа има воздух! Вие имате уред за климатизација, зарем не?“
„Да, секако.“
„И видео-екран преку кој можете да видите сè?“
„Немам.“
„Немате?”, Настана тегобна тишина што се закануваше како обвинение.
„Дали сте оженет, господине Мид?“
„Не, не сум.“
„Не сте оженет“, рече гласот на полицаецот зад светлосниот сноп. Месечината беше високо горе, чиста и јасна меѓу ѕвездите, а куќите беа сиви и неми.
„Никој не ме сакаше“, рече Леонард Мид, смешкајќи се кисело.
„Не одговарајте кога никој не ве прашува!“
Леонард Мид замолчи во студената есенска ноќ.
„И велите, само сте шетале, Мид?“
„Токму така.“
„Но не објаснивте зошто, всушност, сте шетале.“
„Објаснив. Да вдишам воздух, да разгледам и да прошетам.“
„Дали сте го правеле тоа често?“
„Секоја вечер, со години.“
Полициската кола стоеше сред улицата, со звучникот што произведуваше благ шум.
„Добро, Мид“, се чу од звучникот.
„Дали е тоа сè?” пристојно запраша.
„Да“, рече гласот. „Пријдете“, се чу едно „клик“ и задната врата се отвори.
„Влегувајте.“
„Протестирам!“
„Мид!“
Тргна како опиен. Кога мина крај предниот прозорец на колата, погледна внатре. Како што очекуваше, не виде никого на предното седиште. Всушност, во автомобилот немаше никого.
„Влегувајте!“
Ја фати кваката и ѕирна во задниот дел од колата, во малата келија со решетки. Мирисаше на подмачкано железо и на силен антисептик. Сè оддишуваше со преголема чистота, сè беше цврсто, тврдо, метално. Немаше ништо меко во колата.
„Значи, кога би имале жена за да ви пружи некакво алиби, некаков изговор“, рече металниот
глас. „Но вака...“
„Каде ме водите?Е
Колата се колебаше малку или, подобро речено, одвај се чу некаков звук, како некој да вовлекол картичка со информација под електронско око.
„Во психијатрискиот центар за испитување на регресивни тенденции.“
Влезе. Вратата се затвори со придушен шум. Полициската кола тргна по празните авении, осветлувајќи ја со своето светло есенската измаглина што се распростираше низ улиците.
Малку подоцна минаа покрај една куќа во една улица, покрај единствената куќа во тој град на мрачните куќи што беше осветлена со сите светла што продираа низ сите прозорци, без завеси. Светеше силно и топло во темната и студена ноќ.
„ТОА Е МОЈАТА КУЌА“, извика Леонард Мид.
Никој не му одговори. Колата продолжи да се движи низ празните улици, а зад неа остануваа пустите тротоари без звуци и движења во студеникавата есенска ноќ.
Расказот е преземен од книгата „Лек против меланхолија“ (Темплум, 1994), која во електронска форма може да ја преземете овде. Во издание на Темплум во скопските книжарници може да го најдете славниот роман на Реј Бредбери „Фаренхајт 451“.
Превод: Владо Симовски
Слики: Carlos Caballero