Читај полека, мисли полека

04.09.2014 10:36
Читај полека, мисли полека

Во древни времиња во Кина кружела легенда. Доколку идниот цар, наместо по играчки, а во мноштво други предмети, сепак пружи рака кон царскиот печат – неговото владеење во иднина ќе биде величествено. Од друга страна, легендата за алхемичарите зборува дека печатот е назив за материјата на мудреците. Како што на повеќето им е познато, печатот е своевиден жиг на кој е изрезбано нешто: лик, грб, знак на заедницата, семејството или поединецот. Отисокот на печатот се става на документи или на книги, списи, дури и на предмети за да се потврди нивната веродостојност, за да бидат дополнети, затворени и на тој начин да биде обележан сопственикот. Значи, печатот е симбол на припадност, тајни и моќ.

Пред извесно време писателот Давид Албахари дојде до идеја од својот вообичаен потпис да направи печат. Но, не само еден, туку одреден број други печати кои ќе бидат своевидни жигови. Тие жигови, всушност, се изреки. Не само за пишувањето и уметноста воопшто, туку и за животот. Како што веќе е кажано, книгите што се обележани со печат, а особено со печат-изрека, претставуваат нешто посебно. Затоа раскажувачот од Земун – во соработка со двигателите на книжевно-музичките состаноци „Песничење“, потоа „Киоск платформата за современа уметност“, „Културниот центар Рекс“ и „Културниот центар во Белград“ – одржа низа книжевни средби со учениците, младите љубители на книжевноста. Кој вели дека младите не читаат? Овие многу добро посветени книжевни вечери се наречени „Писателот е печат“. Учениците добиваа бесплатни и токму за таа пригода печатени книги со приказни од Давид Албахари, со два печати од писателот. Со потпис и изрека. Во истата пригода се претставија и млади поети, читајќи ги своите најнови дела, а настапуваа и нови рокенрол бендови.

Неодамна во најголемата сала на Првата белградска гимназија во населбата Дорќол, во фискултурната сала се најдоа писател (вооружен со печати и во друштво на соработничката Љиљана Илиќ, која ги подготви печатите), фанови на писателот, ученици и професори од Првата гимназија, членови на два училишни рокенрол бенда и неколку поети, исто така ученици. Многубројните посетители како подарок ја добија збирката со кратки приказни „Стар сум“ (мали приказни за староста) од Давид Албахари. Збирката беше посебно печатена за оваа прилика.

Глумицата и пожарникарот

Седејќи во клупа на која беа наредени печатите, писателот со внимание го слушаше училишниот рокенрол состав „The Blue Origin“, кој свиреше преработка од позната песна на групата „Лед Цепелин“. Потоа пред микрофонот излезе доброволец кој читаше приказна од збирката. За волја на вистината, првиот доброволец беше – доброволка. Таа ја прочита приказната „Глумица“. Нејзиното толкување беше многу впечатливо. Ниту професионална глумица не ќе можеше подобро:

Глумицата е стара и сега, повеќе од кога било, посакува да добие улога на некоја млада жена. Веќе ѝ здосади да глуми баба или мудра стара тетка на главниот јунак на идниот филм. Во тој филм, зборува таа, ќе ги игра сите женски улоги, можеби дури и некоја машка. Но, таа попусто се надева. Режисерите не ја погледнуваат, агентите ја избегнуваат, новинарите се прават дека не ја слушаат, а фотографите чкрапаат во празно или ги снимаат предметите околу неа. Дури и тогаш кога ќе почне снимањето на филмот за нејзиниот живот, не ја повикуваат да се глуми самата себеси во староста, туку трошат силна шминка, од значително помлада глумица да направат карикатура на старица која постојано плаче и зборува дека ќе се убие, а тоа и навистина го прави на крајот од филмот.

„Дали сте размислувале за староста“, писателот ја прашува ученичката додека ја подготвува книгата за на неа да стави два печати. Ученичката се насмевна, малку збунета. Го гледа писателот.
Наместо да каже „Зошто гледате во мене?“, тој сепак изговори нешто друго:
„Човекот што се занимава со уметност не старее!“
„Вие не сте стар?“
„Не!“, гласи одлучниот одговор.
Девојката се враќа во публика со книгата на која е печатот со потпис од писателот и вториот печат со изреката-порака: „Читај полека, мисли полека“.
Потоа, пред микрофонот излегува младо момче, ученик од Првата гимназија, и ја чита приказната „Пожарникар“.

„Пожарникарот е стар и единствено што сè уште му дозволуваат е да ги полева цвеќињата во саксиите. Се разбира, мора да внимава (а тој не го прави тоа) да не става премногу вода зашто ќе изгнијат корените и околку саксијата ќе летаат роеви ситни мушички. И додека сите плескаат со рацете за да се ослободат од нив, пожарникарот извикува: ’Не фантазирајте толку, така само го поттикнувате огнот‘. Вообичаено, луѓето го игнорираат и продолжуваат да се бранат од мушичките и тогаш пожарникарот луто насочува млаз вода кон нив“.

„Дали ги сакавте пожарникарите кога бевте дете?“, прашува писателот.
„Не!“
„А, кога јас бев мал, истрчував на улица само за да ги видам!“
Ученикот признава дека ја избрал приказната токму зашто пожарникарите не му биле блиски!
Добива печат:
„Од каде би знаел, што е што?“
Пред љубителите на книжевноста и музиката исчекорува Милан, поет, ученик од Првата гимназија.
Ја чита својата песна „Пешчаник“ (љубовна поезија) и исто така добива книга со печат. Потоа се подготвува женскиот училишен состав „The Buzz“. Меѓутоа, пред да ја отсвират сопствената композиција, пејачката на бендот ја чита приказната на Албахари, „Тапанар“.

„Тапанарот е стар. Има деведесет години. Не слуша со левото уво. Му се тресат рацете. Но тој сепак одбива да признае дека е стар. Музичарите секогаш се млади, тврди тој, и за нас нема умирање. Го изговара тоа непосредно пред почетокот на својот последен настап, излегува на бината и седнува зад своите тапани. Еден момент подоцна главата му паѓа на градите, тој паѓа од столицата и умира загледан во одблесокот на рефлекторот од чинелата“.

„Зошто избравте да ја прочитате токму оваа приказна?“, праша писателот.
„Мојата најдобра другарка свири на тапани!“, одговори младата пејачка.

Каде отиде дедо?

Следна приказна, „Исчезнувањето на дедото“. Ученичката од Првата гимназија, која се пријави да ја прочита оваа приказна, го направи тоа исто така како глумица:

„Еј, дедо, каде исчезна? Каде се сокри? Еј, дедо, еј, еј! Ама каде си? Еј, дедо, дедо, јави се! Еј! Еј, еј дедо, еј, еј! Дедо? Дедо? Еј, еј, еј... О, дедо, еј, еј, еј. Еј... еј, еј, еј, еј... Ај... Ај... Еј...“

„Благодарам за читањето!“ рече писателот. „Зошто ја избравте оваа приказна?“
„Замислив како некое дете го бара својот дедо.“
„Така е со дедовците. Ќе заминат некаде и никој не знае каде се. Што мислите, каде заминал?“
Девојката помалку жално се насмевна и ги спушти рамениците.
Доби печат. Втиснат на нејзиниот примерок од книгата: „Јас сум твоја книга“.

Со своја песна настапи и поетесата Ања Тонев, а потоа излезе едно момче, доброволец, кој ја читаше приказната на Албахари за болничарката:

„Болничарката е стара и страда од несоница. Сосема ѝ е сеедно дали очите ѝ се затворени или отворени. Во двата случаи пред неа тече река од луѓе во кои препознава болни на кои им помогнала на разни начини. Мали деца и подгрбавени старици и ведри млади момчиња и грди девојки, дури и едно куче се вмеша во поворката. Сите тие поминуваат покрај креветот на кој лежи болничарката, ѝ мавтаат и ѝ праќаат бакнежи, а одвреме навреме поворката запира и потоа сите ѝ мавтаат. Ѝ мавтаат сè додека не стане и, додека ѝ треперат колената, и таа почнува да им мавта.“

Младото момче што ја прочита приказната доби книга на подарок. Втиснати се и печатите: „Состав: 100% зборови плус фантазија“.

„Blue Origin“, со извонреден свирач на усна хармоника и одлични останати членови од бендот, го подигнаа расположението свирејќи песни од „The Doors“. Потоа излегоа и други доброволни читачи. Ја читаа тажната приказна за момчето, а потоа и за силеџијата:

„Силеџијата е стар, но и понатаму се прави важен. Го вовлекува стомакот, ги истакнува градите, ги стиска тупаниците и постојано се заканува некому, што е доволно во Домот за старци, во кој сега живее силеџијата, да го следи лош глас. Во една прилика, со намера да го зголеми својот углед, организираше натпревар во туркање со раце, убеден дека ќе победи, но мораше да се повлече пред крајот на турнирот затоа што во квалификациите, една штитеничка од домот, некогашна државна рекордерка во фрлање ѓуле од рамо, толку силно му ја стисна раката, што му напукнаа најмалку три коски во дланката, можеби дури и пет.“

Приказната за тишината, за крај

Потоа младата поетеса Ивана го прочита своето дело и, како и сите книжевници од Првата гимназија, доби громогласен аплауз. А за крај, најкратката од сите приказни од збирката „Стар сум“. Тоа е приказната „Кловн“:

„Кловнот е стар, но тоа веќе никого не го интересира.“

Младото момче што ја читаше приказната тврди дека мрази кловнови. Воопшто не го интересираат. Не сака ни хорор филмови, чии јунаци често се кловновите.

Следуваат печати:
„Кратка приказна – долга тишина.“
„Оваа книга не е книга, ова е посебен свет.“

Последна приказна е приказната за виолинистот. Се доби впечаток дека во таа дождлива февруарска вечер во фискултурната сала на Првата белградска гимназија оваа приказна ги натера сите присутни молчешкум да ја слушнат. Бидејќи приказната зборува за виолинист кој веќе не може да свири:

„Виолинистот е стар и неговите прсти веќе ги немаат цврстината и самодовербата со кои некогаш ги стискаше вратот на виолината и гудалото. Ушите му се затнати и во нив постојано слуша порој од зборови изговарани од нему сосема непознати луѓе. Клокотењето на зборовите речиси го загушува секој друг звук и одвреме навреме самото се забрзува и почнува да бучи како правосмукалка. И покрај тоа, виолинистот се обидува нешто да отсвири, но дури ни оние што стојат блиску до него, не слушаат ништо.“

„Ми се допаѓа оваа приказна. Таа е мошне тажна“, вели девојката што ја прочита приказната „Виолинист“.
„Но, тој, сепак ја отсвире тишината“, напомена писателот.
„Да, понекогаш тишината е поважна“. Но, за виолинистот... не сум сосема сигурна“, заклучува.

Со оваа размена на реченици, мелодии, мисли, помина дружењето на средношколците со книжевникот Давид Албахари. Додека се удираа рака од рака со своите другари од училиштето, учениците ја прочитаа безмалку целата збирка. А времето навистина брзо прелета.

Интересна беше и пораката од последниот печат. Гласеше:
„Писателот е печат“.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Општество / Активизам / Книжевност / Култура
Книжевност / Култура
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото