Војната низ двојна призма (2)

04.09.2014 14:28
Војната низ двојна призма (2)

Војната низ двојна призма: фикционални и епистоларни сведоштва за Првата светска војна во македонски контекст

 

Таквиот ограничен селански живот, заробен меѓу семејната куќа и полските работи, го лови и Петре М. Андреевски во неговиот „Пиреј“. Селаните насликани во неговиот роман не можат да ја сокријат својата сиромаштија, неукост и тежок живот. Но, авторот не е ограничен ниту од својот светоглед, ниту од цензорската комисија на воените власти. Напротив, тој го користи целиот свој талент, умешност и знаење да им вдахнови живот на неговите ликови, на неговите селани. На фонот на редуцираните, цензурираните, епистоларни сведоштва на вистинските луѓе, можеме да ја видиме сета полнотија, сета екстензивна моќ на авторите да им дадат моќ на своите ликови, и тие во полни бои да можат да посведочат за своето време. Фикционалните сведоштва сопоставени со документарните записи, можат да дадат и тоа како важен и валиден одговор на вечното прашање: Чуму ни се поетите во скудно време? Да останела меморијата на македонскиот народ, на селаните долж и попреку течението на реката Вардар, зачувана само во случајно зачуваната епистола, нашите сознанија, нашето разбирање, нашата претстава за ужасите низ кои минувале нашите претци, би биле не само неточни, ами и нерелевантни. Само со авторската интерпретација, неговата моќ да ги запамети и да ги интерпретира, да им даде крилја на зборовите и чувствата, можеме да увидиме колку биле богати и полни со живот, тие неуки селани, вкалапени од четните писари и околиските чиновници.

Како што веќе рековме, сижеата и мотивите, состојбите во кои се наоѓале македонските војници и нивните семејства се идентични на наратемите избрани во „Пиреј“. Сакајќи што поавтентично да ги долови ликовите, авторот целосно го цитира нивниот роден говор. Иако тоа беше јазична постапка што старите автори ја користеа пред стандардизацијата на македонскиот јазик, Андреевски го користи народниот говор од демирхисарскиот крај. Без никаква стилистичка или лингвистичка намера, писмата и дописните картички се пишувани на кратовски говор. Ниту на српски ниту на бугарски. Тоа ја отвора и темата на националната припадност на населението. Народот кој си зборува на својот јазик, и идентитетски си се чувствува за свој. Таков е етничкиот набој на ликовите во „Пиреј“. Тие се сметаат за свои, не кажуваат отворено на чија етничка или национална категорија им припаѓаат, но експлицитно одбиваат да се идентификуваат за Бугари или Срби. Дури и грчките власти кои имаа најригорозна асимилаторска политика, локалците ги викале ендопи, тукашни. Но, на картичките праќани од заробеништво, како онаа на Гичев од логорите, тогашната австро-унгарска власт како крајна дестинација за прием на писмото го втиснала името Македонија, а не Бугарија или Србија. Владимир Милчин, извршниот директор на Фондацијата отворено општество, во промотивните говори за монографијата, ќе рече дека тоа не е случајно, затоа што Австро-Унгарија, која имала најефикасна бирократија во цела Европа, немала дилеми за тоа дека постои нешто што се нарекува Македонија. Иако го избегнува експлицитното именување, Петре М. Андреевски за идејата на неуништливоста на народот го врзува самото, симболично име на романот, и мотото, кое стана едно од најцитираните синтагми во децениите по објавувањето на романот. Троскотната трева пиреј, е симбол на неуништливиот и непокорлив народ. Народниот мудрец Лазор Ночески јасно нагласува: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

Една од најтипичните ситуации која Андреевски експлицитно, дури и малку неуверливо, ја наративизира во својот роман е братоубиственоста во Големата војна. Имено, локалното население првин било регрутирано во српската војска, а потоа, откако Бугарија ја освоила територијата на Македонија, таа го мобилизирала локалното население како свое. Како што линијата на фронтот се зацрвстила по средината на македонската територија, со т.н. Солунски, односно Македонски фронт, војските, не само српската и бугарската, ами и француската, австроунгарската, германската, грчката, наизменично го ангажирале и локалното население. Дописните картички се сведоштво за расејаноста на војниците, од затворите во Австроунгарија, до регрутните центри во потесна Србија, до бугарските болници во Пловдив и Варна, и низ албанската голгота на српската војска, до Крф. Во „Пиреј“, браќата Јон и Мирче се среќаваат на фронтот во многу бизарна ситуација. Имено, Мирче заминува во Америка на печалба, а со почетокот на војната Јон го земаат да се бори на српска страна. Јон почнува да тагува по домот и децата, па затоа решава да зароби бугарски војник и така да добие отсуство. За несреќа, го заробува брата си Мирче, кој на враќањето од Америка, носталгичен да си го види домот, откако разбрал за војната, бил насилно мобилизиран во бугарската војска, откако со прекуокеански брод се истоварил во Варна.

Петре М. Андреевски гради едно реторички богато и идеолошки експлицитно дело. Овој роман е антинационалистички и антивоен. Во таа смисла се наредува рамноправно до најдобрите класици на дваесеттиот век. Јон, на фронтот се спријателува со Витомир, Србин од околината на Лесковац, со кого често разговараат. Двајцата се загрижени за своите ниви, за добитокот кој го оставиле и за семејствата.

            „Се разбираме некако со Витомира. И еба го, не ќе се разбереме! Оти да не се разбереме? Тукуречи исти зборови зборуваме. Само тие ги вртат наонаму, а ние наваму зборовите. А некогаш, во старо време, сите сме биле едно исто гомно, иста лепешка. Ама поминала некоја кола и со колцата ја пресекла лепешката надве, па поминала друга кола и пак ја пресекла лепешката. И така, врвеле коли и ја испресекле лепешката и ние од една лепешка сме станале многу лепешки, многу гомна... Сите ги видов овде и сите исто смрдиме.“

           Антивоениот став на Андреевски е силно изразен преку суровата поетичност со која ги слика ужасите на фронтот. Една таква слика се однесува на силувањето, една од најчесто користените тактики на војната. Еве што раскажува Јон:

„Врвам така низ буките, засмрдени од барут и од раскопана земја. На едно лединче гледам жена. Млада жена, а гола. Излегла да бере трески утрината, уште кога беше мирно. Го погодила времето за трески! Ја нашла некоја извидница и ја силувале. Подзапирам крај неа и ја загледувам. Жената и мртва е убава за гледање. А мене ми е прво видување на гола жена. Батти среќата на вакво гледање. Главата ѝ е потпрена на нарамникот трески што го носела и едната рака и е поткрената кон челото. Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците.“

Кратовските војници во своите писма не зборуваат ништо драматично за својот престој во болниците, каде биле засолнети на лекување. Андреевски, пластично го опишува престојот на Јон во битолската болница. Таму му го сечат палецот, како што вели „како шупливо јаболко ми го отребија“.           

Романот „Пиреј“ е големо дело затоа што на генијален начин ја елаборира излитената и воена и антивоена фраза дека жената, мајката е најголемиот страдалник, но и херој на војната. Тоа во романот е Велика, чие име и симболично ја одразува нејзината сила и големина. Преку паралелна сижејна линија, Велика го раскажува животот што таа го живее во селото за време на војната. Еднакво ужасен како оној на фронтот. Нејзината исповед е потресно сведоштво за патилата зад фронтовската линија, за сиромаштијата, суеверието, заостанатоста и немоќта да се живее и преживее во такви услови. Во тешките години на војната, едно по едно ѝ умираат сите пет деца. Војната ја дочекува сама. Во нејзиното раскажување речиси нема ништо друго освен тага, смрт, очај и немоќ. Утехата ја очекува со враќањето на Јон, но нема да ја добие. Јон, на веста за смртта на децата се скршува како човек и се претвора во пијаница.

            „Одам до него и му се фрлам, го прегрнувам. Тоа беше прво наше прегрнување. Го грнам така, а како сув шип да прегрнувам. Не е тој човекот, се изменил.

            — Кај се децата, прашува Јон и гледа кон скалите од кај што слегов.
            — Е кај се де, велам, не знам како да му кажам.
            — Кај се децата, вика Јон и гласот го истанчува.
            — Ами немале ангел да ги чува, велам, и си ги собирам рацете од рамената негови.
            — Јас ги оставив со тебе, вели, а не со ангели.
            — Болест, Јоне, голема болест фати, велам, немаше кај да ги скријам. Од господ ништо не се крие, велам.
            — Кој господ, бре, бамити господот, вели, јас сум сега господ, вели и се наддава кон мене. Му чкрта дишењето на човекот, слушам како му чкрта дишењето, мислиш неподмачкана кола. И остана така подзинат. Нешто наеднаш го жегна, го прободе и го одзеде. Му ги одзеде и рацете и нозете, го улогави.

            И човекот, часот, побеле во косата.“

Во својот очај таа не потклекнува. Наоѓа сили да го оправда однесувањето на мажот, па дури се обидува да му помогне. И покрај неговите нечовечни тортури таа е крајно попустлива и добра кон него. На крај, раѓањето на нивното шесто дете, го симболизира траењето и неискоренливоста. Новороденчето со симболично име Роден е уште едно кодирање на мотивот на пирејот.

Во експлицитната и реторички богата стратегија на романот, авторот, цела деценија пред Другоста и мултикултурализмот да станат едни од преокупациите на новото време, опишува како изгледаат тие, помалку гротескни средби со Арапите регрутирани во француската војска односно со Германците. „Се опулувам кон пенџерето (...) и нешто црно, како ѓумче, како котле се покажува. Човечка глава е, а главата не се гледа. Само некои бели заби се отвораат и некои бели очи подбелуваат (...) Нешто зборува, ам, тум, шат, пат, ништо не разбирам.“, раскажува Велика. Истата, ономатопеја ја повторува и кога ја опишува средбата со германските војници: „Германците ги затворија кај коњите нивни. Сакаа да влезат во пондилата кај коњите. Ама еден Германец ги пропцу: кљав, кљув и ги испади“.

Дури и самата епистола, чие цензурирано, заборавено и отпретано сведоштво го пронајдовме случајно, деведесетина години по војната, а која го овозможи компаративниот пристап во овој есеј е, како чудна коинциденција, наративизирана во романот. Имено, Јон кој е веќе одамна вратен од фронтот, го добива писмото до жена си, Велика, што тој го испратил од фронтот. Реакцијата на Јон е фокализирана од неговата жена, преку инвентивната техника на индиректно портретирање, која авторот доста ја користи во целиот роман: „Јон го дочитува писмото, го свиткува и почнува да плаче. – „Ебати поштите, вели и рони солзи, ебати поштите“. Јас стојам над него со засукани ракави и со тесто во рацете. – Кај скитало досега писмово, вели, кај се меткало толку години. – Човек треба кога ќе се роди да си напише писмо, вели Јон, а кога ќе умре да го добие. Ебати поштите вели, ебати светот, вели и шмрчка со носот, плаче: Дали од жал, или ракијата го тера. Не знаеш што е, како е. Пустелија наша...“

Кон првиот дел

Извор: Sarajevske Sveske br. 43-44

ОкоБоли главаВицФото