1017 hPa
37 %
28 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 18:59

Што прочитаа мајмуните на АКТО или за уметноста како разбивач на конструктот на нормативното
На неодамна одржаниот фестивал за современи уметности „АКТО“ како дел од фестивалската поставка беше и инсталацијата „САКАМ“ чии автори беа „Мајмуните што читаат“. Тие напишаа педесетина пораки со афирмирачки карактер на сите нормативни состојби коишто сметаат дека треба да се приоритет на решавање во заедницата. Усвојувајќи ја синтагмата „САКАМ .... во Битола“, тие само ги налепија формите на репресија, со што конотациите беа сосема јасни, додека проблемот-пораката добиваше своја вистинска адреса со самото именување на формата на репресија.
Што прочитаа мајмуните?
Мајмуните ги прочитаа интимните еха од потсвеста на битолчани. Пораките како да се зачаурени во внатрешниот глас на обичниот битолчанец, кој се слуша само тогаш кога удира со раката – односно, чинот на практикувањето на дејството. Пораките се однесуваа во правец на афирмација на она што го има, што е меѓу нас, што се култивира, некогаш свесно, некогаш несвесно, потајно се посакува, често и се осудува.
Дали може да сакам во Битола да има партиски вработувања? Но, тоа веќе го има. Чуму да го сакам? Сакам партијата да вработува во администрација, затоа што никој не го сака спротивното. Општествениот организам пулсира според ритамот на потребите на партијата. Лежиштето коешто го загрева партијата е лежиште и на сите останати инстанци на артикулација на моќта. Структура којашто ја разјадува можноста за ритам и поим надвор од границите дисциплината, на строгиот морал. Малите градови во Македонија се жаришта на конзервативните норми и конструкти, а со тоа и социјални, културни и економски политики. Тука моќта има мултифакторна димензија, длабоко е инсталирана под сите слоеви на појавното и секојдневната интеракција, но истата таа, преку секојдневието ја потврдува својата нормативност преку начинот на репетитивност и херметички затворена структура.

Пораките имаа двовалентна вредносна апликација. Тие го соочуваа протагонистот со својот реалитет. Го потсетуваа на она заборавеното, но и доколку неговата свесност не беше ја изградила вистинската линија на себепоимање, тогаш пораката илуминативно го освежуваше идентитетот на рецепторот. Преку уметничка инсталација да разберете дека сте фашист, па тоа не е мала работа, ниту за вас, ниту за оној којшто ви укажува на тоа. Дури и доколку свесно сте фашист, вам ви пречи кога некој „Сака(м) фашизам во Битола“, затоа што знаете дека пораката има интонација на подбив кон вас, ве исмејува, ве смета за деградирано суштество. Меѓутоа, во исто време и ве деградира, па се обидувате да ја скинете пораката. Со тоа покажувате дека не сте толерантен и дека навистина сте фашист. Дека фашизмот (во вас) не толерира различност, критика, потсмев. Дека доколку утре некој друг се обиде да се пошегува околу вашиот фашизам, вие можеби ќе го „искинете“ и него.
Пораките ги разобличуваат и оние фашистички прерогативи, на коишто алудираше постмодерната. Што кога уживаме со фашистот во себеси? Што кога уживаме да сме објект на дискриминација и опресија? Зошто тогаш сакаме да ги искинеме пораките? Можеби не сакаме да ги гледаме? Сигурно тие ни ја разнишуваат илузијата во којашто живееме и многу конформно суштествуваме во неа. Што кога и самите стануваме субјект на доминација на себеси?

АКТО побара чекан, да го урниса идеалот на одразот, којшто само го репродуцира реалитетот преполн стереотипи и кнедли коишто секојдневно ги голта прогресивниот човек. Мајмуните понесоа со себе и удрија со 50 чекани. Чекани коишто доаѓаат од рацете на оние угнетените, опресираните, маргинализираните. Тие удираа како боева глава на илјадници килотони експлозив. Со оваа инсталација се екстраполира еден нов реалитет на уметноста и општеството, културата, семејството, политиката, капитализмот (неолиберализмот), образованието, правосудството и сите останати центри на моќ. Тука уметноста не беше само чеканот, тука не беше и само проста мимеза на општествениот реалитет, туку таа беше и двете. Длабоко инсталираниот фашизам, оваа инсталација уште подлабоко го „репна“ по своите основи, не оставајќи место за испорака на интелектуална реакција – иако во текот на утрото наредниот ден, сите пораки беа искинати, нешто што го докажа и моментот на критика на недемократичност во градот. Пораката беше адресирана до вистинските носители на општественото дејство. До оние коишто се подметнуваат во секоја можна варијанта. До оние коишто решаваат кој, каде и кога ќе ја сече моликата. До оние коишто знаат зошто Битола е еден од најзагадените градови, оние коишто знаат зошто РЕК-Битола не инвестира во филтри, до оние коишто знаат зошто Битола е прва во Македонија околу прашањата на семејното насилство. До оние коишто ги премолчуваат статистичките податоци околу енормното зголемување на заболени од канцер. Но, и до партијата, политиката, мултинационалните коорпорации, црквата и нивната улога во зацврстувањето на репресивните механизми и дозволувањето на младите и образованите да си заминуваат од градот, сето ова премолчувајќи го вешто. До оние коишто ги воспеваат таканаречените традиционални семејни вредности, преку кои артикулираат разно-разни форми на мизогинија, ксенофобија, хомофобија итн.
Уште една уметничка инсталација во допир со секојдневието, човекот којшто минува по Широк Сокак, го чита и го гази својот животен опит. Секојдневие, прикажано преку моќта на зборот, реченицата, артикулираната мисла. Функцијата на уметничкото дело (Бенјамин) во овој случај ја проектираше есенцијата на исклучувачкото. Приоритет, преку негативитетот на она што е афирмирано, изнедруваше од секоја порака, залепена на плочките. Уметничкото дело е тоталитет којшто нужно се соочува со оној на кого му се обраќа. Тоа не беше сокриено од очите на својот деноминат, како една елитистичка сепарација, но и не беше приемчива како егалитарна нарација на авторите. Одредената дистанца, на делото му овозможи да го дистрибуира значењето подеднакво на сите засегнати страни. Уметничкото дело стана форма преку која интерферираа уметноста, филозофијата, политиката, нарацијата, секојдневието... Но оваа инсталација не ја задоволи само формата, туку и елементот на содржината, којшто црпеше материјал токму од она што го означуваше – животот на битолчаните и нивното секојдневие.