Груевски, излези на тераса!

05.09.2014 10:45
Груевски, излези на тераса!

Премиере, да направевте сосема мал напор вчера и, додека врнеше, да ѕирневте од тераса, ќе видевте како улиците се претворени во реки што се излеваат на сите страни, нешто што не сте виделе, можеби токму поради тоа што е редовна, речиси секојдневна појава. Да знаевте дека граѓаните цапаат по вода до колена на тротоарите, сигурно не би граделе барокни згради.

Вака, излегоа на површина сите гомненици, и во вашето маало се прелеваа шахти, а бубашвабите си правеа корзо. Замислете, премиере, кога тоа може да се случува пред зградата во која живеете, како им било на оние граѓани што живеат во населби што се нарекуваат скопски, а во нивните дворови сѐ уште има септички јами. Ужас!

Еве, премиере, ние немаме непристоен предлог да се прошетате низ скопските улици. Зашто знаеме - нема атмосферска канализација, нема нормален асфалт, дури и нова улица без румби-тумби и дупки што се претвораат во езерца, ама еве, прифатете барем еднаш да излезете на тераса и ќе сфатите што значи изразот: една слика - илјада зборови!

По секој дожд во Македонија е хаос. Што ќе биде ако овие климатски промени значат уште повеќе дождови? Што ли ќе им кажете на странците што доаѓаат да се сликаат со Аце? Ќе ги убедувате дека треба да шлапкаат по древните води што се излеваат од античките фонтани што никнуваат на секој чекор? Но, што и да се случува, тие ќе дојдат и ќе си заминат. Што да правиме ние, овдешниве? Уште колку ќе тонеме во шахтите? Зарем толку пресуши народната каса, што во неа не остана ни денар за проблемите на народот?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото