Зошто ги цртам ликовите за моите филмови

05.09.2014 14:58
Зошто ги цртам ликовите за моите филмови

Зошто ги цртам ликовите за моите филмови? Зошто скицирам лица, носеви, мустаќи, вратоврски, торбички, начинот на кој луѓето ги прекрстуваат нозете?

Можеби веќе реков дека еден од начините да се соочиш со филмот е да видиш каков е, и обидот нешто да фиксираш, дури и нешто ситно и безначајно, но се чини дека има некаква врска со филмот и потајно зборува за него; не знам, можеби тоа е изговор да го развивам тој однос, обид да го задржам филмот, да не ми се измолкне. Вистина е дека не умеам да теоретизирам за моите тикови, не успеав да востановам некаков систем во разните ритуали кои ја следат мојата работа, всушност, тие и се моја работа; освен тоа, секој филм е поинаков од претходниот, секој има свој карактер, свој темперамент, како и начин на кој се поставува кон мене. Некои се јавуваат со префинета дискреција, колебајќи се, а нивната способност да те вовлечат е дотолку поподмолна што е незабележлива. Други сакаат да те изненадат, некои пренагласено се прикажуваат како лица кои се преправаат за никој да не ги препознае; а некои повторно те освојуваат бегајќи од тебе, нивната виталност е жестока, заразна, егзалтирана; потоа ги има оние со кои односот веднаш преминува во опасни сплетки и напорни судири. Тоа се оние кои те зграпчуваат и ти нема спас, бидејќи станува збор за премолчен договор, неспорен и надвор од секаква контрола. Има еден филм, идеја, чувство, навестување на филмот, кој го носам во себе веќе петнаесет години и сè уште не ми укажал доверба, не остварил блискост со мене, не ги открил своите намери. Се појавува точно на крајот од секој филм, како да сака да ме опомене и да ми каже дека сега нему му дошол редот, останува некое време со мене, испитувајќи, и едно утро повеќе го нема. Секогаш сум задоволен кога ќе си отиде: премногу е сериозен, ангажиран, строг, сè уште не личиме еден на друг, а и ако еден ден почнеме да личиме, кој знае кој од нас двајцата ќе попушти. Кога добро ќе размислам, за тој филм никогаш не сум посакал да направам ни најмал цртеж, ни една чкрабаница; јасно е, кога тој ќе одлучи да соработува, ќе се појават некои други знаци кои ќе ми го навестат тоа.

На моменти дури не сум сигурен дека тоа е филм или нешто друго што сè уште не сум во состојба да го сфатам. Тогаш по малку се плашам, но веднаш ме теши помислата дека тој филм веројатно е само филм-пилот, некој вид чуден придвижувачки дух кој има задача да воведе нови приказни, нови слики; всушност, кога ќе исчезне, неговото место секогаш го зазема оној вистинскиот филм, то ест, оној кој почнувам да го работам.

Можеби сонот кој го сонував пред многу години се однесува токму на овој химеричен филм, или подобро речено на мојот однос кон него, кој е исткаен од маѓепсаност и претпазливост, кој ме поттикнува и ме прави сомничав, постојано ме привлекува и ме одбива. Токму оние исти противречни чувства кои ги имав кон мистериозниот Кинез кој стигна, доцна една ноќ, со огромен авион полн со патници. Јас бев директор на аеродромот. Седев на мојата маса во една голема пуста просторија и низ стаклените ѕидови ја видов осветлената писта, ѕвезденото небо и контурите на огромниот авион кој штотуку слета. Како директор на аеродромот, шеф сум и на службата за имиграција и издавам визи за влез. Се подготвував да го направам тоа, кога во мноштвото патници еден ја разбуди мојата љубопитност и хипнотично ме прилече. Стоеше на страна, замотан во излижано и раскошно кимоно, кое му даваше изгледна еретик и голтар. Без багаж е. Лесен и величествен, се приближува на мојата маса и сега стои пред мене со рацете искривени во широките ракави со затворени очи. Го гледам неговото лице: тоа е лице на источњак, аристократско и бедно, косата е замастена, валкана, гадно смрди на мокри партали, на влажно лисје, на валканици, но отменоста која зрачи од неговата појава ме маѓепсува и ме збунува. Би можел да биде крал, светец, но исто така и Циган, скитник, рамнодушен на презирот на другите, навикнат на понижувања и беда. Некое необјасниво чувство на немир и загриженост ми го стега грлото, ме прави несигурен, занемев, срцето ми се растропа. Знам дека странецот ја очекува мојата одлука, но не прашува, не брза, не интервенира. не зборува. На мојот немир и надоаѓачки емоции го спротивставува молкот, неумоливата реалност на своето доаѓање, своето присуство. Случајот не се однесува на него, туку на мене; тој само требало да стигне и сега е тука. Јас морам да одлучам дали да го пуштам да влезе или не, дали да му ја дадам или да му ја ускратам визата. Сознанието дека ситуацијата е безизлезна ја зголемува мојата вознемиреност, мојата нелагодност. Почнувам да пелтечам лицемерни изговори, детинести лаги: велам дека не сум вистинскиот шеф на аеродромот, дека јас не ги донесувам одлуките, дека зависам од други, поважни, померодавни, тие знаат што треба да се прави, а не јас, обичен службеник. Чувството на срам и самосожалување ме присилува да ја наведнам главата, а не знам што повеќе да кажам, изгубено ја гледам плочката на масата на кој пишува „директор“. Настана молк, патниците долу на дното личат на нема и безоблична толпа. Не се осмелувам да ја подигам главата. Ми се чини дека поминало многу време, премногу: еден цел живот. Тешко и бавно, во сон конструирам една мисла: што ќе ме исплаши повеќе кога ќе го кренам погледот? Дали ако го затекнам сè уште тука, прашлив и сјаен, близок и недостижен, таинствениот странец од Далечниот исток, или ако воопшто не биде тука. Но, да се вратиме на цртежите: тоа речиси несвесно, махинално повлекување линии, скицирање карикатури, неисцрпен извор на комични ликови кои зјапаат во тебе од секој агол на листот, автоматското исцртување на опсесивни и сексуално пренагласени женски фигури, опаднати лица на кардинали, пламења од свеќи и повторно цицки и задници, и купишта други будалаштини, хиероглифи. Нафрлени телефонски броеви, адреси, занесени стихови, даночни сметки, распореди на состаноци; всушност, сите тие графички чкртаници, расфрлани, непресушни, кои би му пружиле уживање на некој психијатар. Можеби сето тоа е некаква трага, некоја нишка на чијшто крај се наоѓам јас, под вклучените светла во филмското студио, на првиот ден на снимањето.

Дури и без овие површни и спонтани толкувања, настанати во залудниот обид да ѝ се даде смисла на целата работа, ми се чини дека смеам да кажам дека отсекогаш чкртав, уште како дете, на какво било парче хартија кое ќе ми паднеше во рака. Тоа е некој вид условен рефлекс, автоматско движење, манија која отсекогаш ме следи и со нелагодност признавам дека имаше моменти кога мислев дека ќе станам сликар. Татко ми во паричникот носеше неколку мои цртежи, и кога во воз ќе се спријателеше со случајните сопатници, им ги покажуваше со воздржано, тивко задоволство. Додека бев во гимназија, лете шетав по плажите одејќи од еден до друг чадор, облечен и со вратоврска, со хартии и пастелни бои под пазувата, нудејќи им портрети и карикатури на туристите во костими за капење. Цртачите, карикатуристите, сликарите, па дури и оние кои цртаа со креда по тротоарите, секогаш оставаа силен впечаток врз мене, предизвикуваа стравопочит едвај нешто помалку од онаа која во мене ја будеа глумците. Велам глумците, но мислам на глумиците. Сакав љубопитно да се плеткам по сликарските ателјеа и поткровја, да поминувам цели попладниња во сиромашните, огромни, тегобни соби во кои секогаш има провев, со чувство на блаженство како да сум во мојата куќа.

Големата матура ја положив во Форли, пред многу години, единствено благодарение на еден пријател скулптор кој ме научи да работам со пластелин: не отворајќи ниту една книга, се појавив на денот на испитот со голем куфер во кој во слама, како фигури за божиќни јасли, внимателно беа сместени глинени карикатури на најстрогите професори од комисијата, кои за време на писмените испити скришно ги гледав и скицирав во грдата тетратка за писмени задачи по грчки. Не само што бев промовиран, и тоа со добра оцена, туку тоа утро и сите мои другари уживаа во благодатот на доброто расположение на професорите.

Извор: FARE UN FILM, Einaudi, 1980.
Цртежи: Федерико Фелини