Секој е Урко на свој начин

06.09.2014 10:54
Секој е Урко на свој начин

Долгогодишниот личен телохранител на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски - Урко, привремено е суспендиран од работа. Не бил доволно посветен, не ги почитувал професионалните стандарди поврзани со угледот на вработениот и не бил фокусиран на обврските. Додека е под суспензија, Урко нема да го води тимот што го обезбедува премиерот.

Министерството за внатрешни оцени дека нема потреба дополнително да информира кој ќе биде вршител на должноста. Со право, се разбира. Јавноста премногу добро знае дека за безбедноста, рејтингот, угледот, мудроста, визиите, плановите и за личната хигиена (за жал, очигледно сѐ уште сам се грижи за гардеробата) се грижат сите власти – извршната, законодавната и, особено, судската; сите институции – од МАНУ до Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради; речиси сите партии и исто така речиси сите медиуми на чело со јавниот сервис МТВ (да не зборуваме за безрезервната грижа на мнозинството граѓани, без разлика дали припаѓаат на верската, етничката, политичката, интелектуалната или на некоја друга ранлива категорија). Сите тие ќе останат на неодредено време да го бранат премиерот, токму поради тоа што не се посветени, ниту ги почитуваат професионалните стандарди и што не се фокусирани на своите обврски, туку на партиските директиви од Центарот за комуникации (види: суд, медиуми). Значи, од истите причини поради кои Урко е суспендиран, односно претворен во технолошки вишок.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото