Руската емиграција и Путин

06.09.2014 10:23
Руската емиграција и Путин

Во текот на моите службени и приватни патувања во Америка и Европа стекнав многу пријатели Руси - иселеници. Контактите со нив ги одржувам и од разговорите и средбите (Русите имаат една прекрасна традиција на редовни семејни седенки и пијанки) можам да заклучам дека руската емиграција, една од најголемите во светот, е аморфна маса кога се во прашање социјалниот статус и односот кон актуелната политика на Москва.

Руската дијаспора не е таков тип на дијаспори како полската, на пример, една од најголемите и најкомпактни во Америка, или како грчката која е слична, но и како македонската, сите нурнати во своите националистички сновиденија.

Витолд Гомбрович, големиот полски и европски писател од минатиот век, самиот емигрант, ја правел парампарче современата полска литература и критика, и затоа за многумина останал изгнаник од матичната култура. Иако бил еден од најнаградуваните европски писатели, ретко кој емигрант-автор се ставал надвор од шаблоните на модерните иселенички движења критикувајќи ја жестоко државата, a пред сè сентименталниот полски национализам, како што тоа го правел Гомбрович. Тој редовно ги преиспитувал консолидирачките фактори за секоја емиграција – патриотската реторика и погледот кон минатото.

Руските доселеници на Запад, за разлика од оние кои доаѓаат од останатите делови на источна Европа, или дијаспорите на Блискиот исток или на Индија, дали поради предодредениот интелект или претставителноста, многу лесно се интегрираат во новата околина и општество. Постарите генерации негуваат романтичен патриотизам по величието на руската империја, а помладите умерен степен на национализам. Во најголем дел будно следат што се случува во Украина и не мислат добро за власта на Владимир Путин.

Тоа е така бидејќи речиси сите се економски емигранти. Професионалци, припадници на урбаната интелигенција кои потрагата по подобар живот ја започнале заради беззаконието, корупцијата и лошите меѓучовечки односи во својата матична земја.

Но има и такви што ја напуштиле Русија иако таму поседуваат хај-тек апартмани со три и пол метарски ѕидови, вредни неколку милиони долари, и со прозорци со восхитувачки градски пејзажи и погледи на Нева. Такви кои кратките летни месеци ги поминуваат во своите пространи приезерски дачи и „поместја“ во дивината на тајгата или во Карелија.

Како претставници на средниот и на високиот слој, могумина поврзани со некаква државна служба, тие во сомнителни околности стекнале капитал и крупни бизниси, збогатувајќи се преку ноќ. Но поради криминалната сраснатост на државата и бизнисот (закани, изнуда и мито), и плашејќи се за личната безбедност, успеале да изнесат повеќе милиони долари од земјата. За ако не лично тие, тогаш нивното потомоство, да ужива во трошењето на милиончињата со школување во скапите престижни универзитети и купување таун и сингл хауси во удобното и спокојно викторијанско соседство на приградските средини на Вашингтон и северна Вирџинија, на пример.

Еден од најпознатите такви дисиденти е Евгениј Чичваркин, основач и поранешен сопственик на „Јевросет“, најраспространетата мрежа на продавници за мобилни услуги и телефони во Русија, кој сега е еден од многуте руски бизнис-тајкуни во Лондон.

Од каде извира нивното незадоволство? Богати или неимашни, студенти, архитекти, економисти или агенти за недвижнини, сите тие се дел од европеизираната генерација на Русија од крајот на осумдесеттите и од деведесеттите години на минатиот век и сите тие се чувствуваат длабоко измамени од актуелната политика на Москва. Па нели, во својот прв мандат, Путин се покажа како најголем либерал и Европеец и главниот мотив на денот тогаш беше како Русија да ја стигне Америка. А денес земјата се наоѓа во толку лоши односи со САД и Европа (и речиси целиот свет) што Студената војна од епохата на Советите е мачкина кашлица во споредба со ова.

Како во меѓувреме се снашле кутрите руски доселеници на Балканот кои ја немале таа среќа и можност да заминат на Запад, оние од белата емиграција и нивното потомство? Но и оние кои избегаа од бездната во која пропаднаа руските градови и региони во текот на хаосот и економската криза после распадот на Светскиот Сојуз во потрага по подобар живот во Македонија. Во свеста на постарите, но и на генерациите родени во шеесеттите и седумдесеттите, Југославија, и Македонија во нејзин склоп, остана митска социјалистичка земја на човечката среќа и слобода – најмногу заради квалитетните стоки за масовна потрошувачка, што, ако ги имало на продажба во советските универмагови, се разграбувале за миг, како и поради можноста на Југословените слободно да патуваат во странство.

Оние што се куртулија од Русија во текот на кризните деведесетти, својот статус денес го истакнуваат по тоа што многумина се вработија како техничари или инженери во електро-централите на некогашно ЕСМ (РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј беа изградени со руски менаџмент и технологија во текот на седумдесеттите). Потомството на Белите активно учествувало и учествува во научно-културниот живот на Македонија. Неколкумина од нив биле и се истакнати професори на архитектонскиот факултет во Скопје. Многумина биле или се музичари, уметници, учители, доктори и новинари.

Една од најпознатите руски заедници во Македонија се вдомила во Битола. Била составена од ветераните од Солунскиот фронт за време на Големата војна и од белогардејците, бегалци од пеколот на болшевичката револуција, граѓанската војна и погромот на сите кои мислеле поинаку од Ленин. Нивните тажни и весели животни стории како и оние на нивните наследници од првата и втората половина на минатиот век се прекрасно опишани во книгата „Битола – руската колонија“ на историчарот Александар Стерјовски издадена во 2003.

Во февруари, во текот на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, рускиот Патријарх Кирил даде реална бројка дека луѓето со руско чувство или потекло во Македонија бројат околу 48,000. Сите тие треба да бидат задоволни од стабилноста, благопријатната клима и релативниот мир што им ги дава Македонија и не треба да ги заборават маките и страдањата доживеани од нивните предци само заради тоа што пред револуцијата биле капиталисти, аристократи-земјопоседници, обични дуќанџии или механичари.

Да не заборават дека тие биле прогнети, цели генерации нивни сограѓани сотрени, нивното сопствеништво разграбено, земјите и домовите уништени од истата таа власт, чиј наследник, ревизионист и промотор денес седи на тронот на модерна Русија. Како цар, и како хазарден покераш кој ги стави на влог дигнитетот и цивилизациските аспирации на целиот рускиот народ. Бидејќи воената кампања против братска Украина е лична војна на Путин, а не војна на рускиот народ, и таа се води само и само за продолжување на неговиот век на владеење.

Деновиве читам по социјалните мрежи како некои поединци од Македонија, прво или второ колено на пожртвуваните и вредни руски воини и бели емигранти кои придонесле многу во повоената изградба на земјата, за жал, жолчно и апологетски го бранат имено советско-капиталистичкиот режим на Путин. Човекот кој постојано повикува на, и се идентификува со, епохата на Советите, оние кои направија непроценлива штета врз руското социјално и национално ткиво.

Бродски посочи дека со тоа што советската власт со децении го цензурирала Андреј Платонов, еден од најголемите руски писатели на 20 век, таа не само што го отфрлила развојот на руската литература, туку ја запрела еволуцијата на руската национална свест. Во текот на нивното 70-годишно владеење болшевиците постојано правеа разни штети и злосторства против Русите. Сè започна со животинското и ладнокрвно убиство на Николај II Романов и неговото семејство, а врв беше црвениот терор од 30-тите, кога беа убиени милиони. Оттука сосема е јасно зошто во текот на своето 15-годишно владеење Путин ниту еднаш не го спомна или изнесе прашањето за лустрација во Русија.

Конечно, со својот уличен речник на некакви сулуди „гопники“, погоре споменатите поединци - и фала Богу што се поединци кои се бројат на прсти (иронијата да биде поголема, некои дури ставаат и советски симболи како свои аватари) - не се ништо друго туку историска аномалија.

Сталин ги понижи Русите што тоа го признаа дури по природната смрт на „вождот на народите“. Да се надеваме дека денешните генерации Руси навреме ќе ја согледаат кардиналната грешка, и народот ќе покаже мудрост да избегне слична катастрофа.

Извор: Слободен печат
Слики: Денис Зилбер

ОкоБоли главаВицФото