Ги заземавме сите непријателски позиции!

08.09.2014 15:44
Ги заземавме сите непријателски позиции!

Саше Ивановски е еден од најсликовитите примери дека денес под груевизмот во Македонија можеш да живееш исправено само во крстозбор. Саше е совршениот пример за старата (анти)партизанска шега: Ги заземавме сите непријателски позиции!

Шегата на страна; дали Саше Ивановски одработува за власта директно, по нарачка (теорија на Бранко Героски), или индиректно (најверојатно поради идиотизам) - можеби и не е толку битно. Но загрижува самиот факт: еден од најгрлатите урлатори против Груевски (чиишто текстови, поради нивната сировост, храброст и хумор сме ги преземале на Окно) не толку ретко одработува валкани операции во полза на монструозниот режим (кој, меѓу другото, својата сила ја црпи од перманентното растурање на потенцијалното опозициско окрупнување).

Најновата свињарија на Саше, широкоградо дочекана од пропагандната машинерија на Фамилијата, е тврдењето дека „Владе Милчин ги избирал колумнистите на опозициските медиуми“. Само неколку дена откако пастирот по кој знае кој пат ја нападна фондацијата што ја води Милчин, по прашањето, не за прв пат, се произнесе и Саше. Всушност, таа теза е константа во неговото пишување: „збирштината од геј и атеисти“ (формулација на Јанко Јадибурекот што е налепена врз целиот граѓански сектор уште од славното тепање на плоштад на 28 март 2009) заправо само му прави проблеми на новото СДСМ кое треба да се „прероди“ по урнекот на ДПМНЕ. Таа своја клучна политичко-пропагандна согледба Саше агресивно ја варира и ја повторува баеги долго време. Оттаму се и конспиративните теории дека тој заправо одработува за службите на Фамилијата. Цел: константно разбивање на сите обиди за општествоно хомогенизирање наспроти режимот.

Се разбира дека е имбецилна главната теза на Саше, дека за опозицијата е штетно дејствувањето на забеганата сурија од педери, борци за човекови права, луди уметници и граѓански активисти под водство на непопуларниот шеесетиосмаш и анархист Милчин. Тезата е имбецилна пред сè зашто не ја почитува општествената хетерогеност, туку го сведува општеството на трло животни управувано со пропагандни техники и со струјно ожичена ограда. Но, повторувам, имбецилноста на Саше му врши работа на режимот: ионака растуреното општество (атомизирано, исплашено, неартикулирано) дополнително се разбива, и тоа однатре, меѓу потенцијалните чворишта на некаков отпор.

Мое мислење е дека во моментов (кој е издолжен ко стринг: трае веќе осум години) нема поголема закана и поголемо зло за македонското општество од режимот на Груевски. Сметав дека во одбрана од тоа зло треба да се раздвижат и обединат сите општествени енергии, колку и да се навидум различни - пред сè зашто злото е големо и веќе создаде огромни и непоправливи штети не само на сегашниве генерации, туку и на идните. Ако самото општество не смогне сили, и покрај сите разлики (нормални за секоја заедница), барем делумно да се обедини и да се дигне на нозе против тиранијата - тогаш сегашниов ужас го заслужуваме. Заслужуваме политичката свест на нацијата да ја гмечат добро познатите чудовишта од пропагандните подруми на груевизмот.

Инаку, на цивилното општество (чијшто важен дел е ФООМ) најлесно би му било да си го тера сопствениот соголен интерес, да си ја накриви капата и да заигра во груевистичкото оро (што всушност го прават многу поединци и групи, терајќи си го исклучиво личниот интерес). Но токму грижата за поширокиот општествен интерес тоа цивилно општество кон кое припаѓам (и чијшто симбол, на некој начин, е ФООМ) го прави веродостојно. И го прави трн во око на режимот.

Што се однесува до најновава перфидија на Саше, дека Милчин е главниот уредник на петте опозициски портали, таа директно ме допира и мене, во многу навредлива смисла. Уредник сум на Окно веќе пет и пол години. Од самиот почеток Окно добива пари од ФООМ и за тоа сме пишувале повеќе пати (последниот текст на таа тема). Владе Милчин, директорот на ФООМ, во ниту еден момент од постоењето на Окно не се ни распрашувал за нашите колумнисти (а досега ги имало барем дваесетина, меѓу нив и Саше Ивановски), а камоли да предлага или да арбитрира. Ужасна навреда е да се оспори автономната уредувачка политика на Окно.

Уште еднаш ќе ги спомнам и сумите што ги добиваме од ФООМ, иако и за тоа сум пишувал во повеќе наврати. Парите се мали, во просек нешто над 1000 евра месечно, и со тие пари не може да се прави професионално политичко гласило. Поради тоа Окно е повеќе културно-активистички отколку политички медиум; Окно заправо е хибрид, медиум кој се обидува да се ситуира во современиот глобален свет во кој културата многу често се претвора во политика.

И најконкретно за мојата позиција во Окно: волонтер сум. Иако сум главен и одговорен уредник, иако за поралов работам секој ден барем неколку часа (вклучувајќи ги и саботите и неделите) - не примам пари за тоа.

Се разбира, не велам дека и другите треба да го прават истото. Напротив. Уредувањето медиум и пишувањето за јавност се исклучително одговорни работи кои би требало да бидат вреднувани со оглед на нивната висока општествена важност. Не би требало да ја прифаќаме како нормална сегашната состојба во груевистичка Македонија: и медиумите и пишувачите (па и оние што видливо и гласно молчат) главно да бидат измеќари на бандитска партија која себе се доживува како држава.

Моето пишување и уредување, значи, го гледам и како создавање појак граѓански сектор, без кој нема функционална демократијата. Граѓанскиот сектор, меѓу другото, треба да го брани општеството од можниот терор и на партиите и на понекогаш здивеаната држава. Граѓанскиот сектор би требало да биде еманација (чувар на огнот) на онаа прасуштина од која настанале државите: цивилното здружување, слободното учество на граѓаните во прашањата на заедницата.

Нов полет на општите демократски процеси, смета важниот современ француски филозоф Етјен Балибар, не можат да дадат побожните говори за „граѓанската свест“, за „постнационалноста” или за „европскиот проект”, туку автономните мисловни и акциони иницијативи. Европа не може да биде создадена исклучиво одозгора, ниту може да биде препуштена на новите популизми кои божем конечно ја откриваат новата победничка формула: “ни левица, ни десница”. Според Балибар, во мислите, во инвенцијата, во борбите треба да отвориме цела низа градилишта на граѓанскоста. А смислата на денешната борба за заедницата (и за потесната и за пошироката заедница) е во тоа на тие градилишта на граѓанскоста да им понуди максимум јасност и интензитет, за одново да се отворат можностите кои ги даваат историјата и политиката.

Слики: Свирачиња