Зар не ти се доволни мртвилото и молкот во кои потона Македонија под твојата чизма?

08.09.2014 20:51
Зар не ти се доволни мртвилото и молкот во кои потона Македонија под твојата чизма?

Аман, бре, Грујо, дај му некоја пара на Саше Политико за да не му отпаднат ноктите од гребење! Еден повеќе на платната листа белки нема да ти ги дотроши фондовите за лаги и клевети!

А ако ти снемало пари, скрати им малку на оние од „Република“. Прекардашија со ревноста во слугувањето, па мене ми подметнале дека на ФБ сум напишал нешто што не сум го напишал. За претпразничните споменици, на ФБ напишав: „Навредливо за споменот и на јунаците. Изобличени до непрепознавање.“ И толку. А твоите запенети „републиканци“ ми припишале нешто друго, нешто што би требало да биде навреда за Македонците.

Аман бре, „најмакедонци“, ако веќе следите, во што не се сомневам, следете, ама не измислувајте и не фалсификувајте. Читајте!Читај, Грујо! А ако немаш време и волја за тоа, одбери си читачи, а не фризери! Ако веќе те интересира што му порачувам на Заев, читај што пишувам. Одвреме-навреме, не многу често. Патем ќе дознаеш и што мислам за твоето владеење. Во твоето интервју, со кое ја отвори сезоната на лов, претендираш да го потцениш Заев и едновремено да оцрниш неколкумина („два-три лика“, велиш на едно место) кои имале „одредени интереси“.

Интереси кои ти божем ги знаеш, ама не ги кажуваш. Им препушташ на гавазите тие да ги соопштат. А сепак не можеш да додржиш, па недугаво ја завршуваш својата „одбрана“ на Заев: „Мислам дека ќе биде предоцна кога ќе сфати кои се нивните цели и крајни интереси. Се­га тој, во извесна смисла, е и зависен од нив, тие имаат или се блиски до луѓе што располагаат со фондови преку кои финансираат новинари, медиуми, квазиинтелектуалци, имаат своја мрежа на активисти и влијание, свои инспиратори...“

Аман, Грујо, зар навистина толку се уплаши од „два-тројца“ или „неколкумина“ новинари и квазиинтелектуалци, како што ги нарекуваш, заедно со еден грст медиуми? Зар те јаде јанѕа дека ни целата армада развревени климоглавци построени зад тебе во маршот на безумието не може да ги замолчи оние неколкумина на кои не им се допаѓа твојата автократија? Зар не ти се доволни мртвилото и молкот во кои потона Македонија под твојата чизма?

Некако ми се чини дека твојата јанѕа извира од тоа дека си прочитан таму кај што би сакал да се продаваш како нешто што не си: прагматичен политичар, чесен и некорумпиран, модерен реформатор, неопходен во овие времиња. Таа басма веќе никој од големите не ја купува. Честитките се претворија во шлаканици.Очајнички и со сите средства се обидуваш да ја вратиш опозицијата во парламентот за да го обновиш привидот дека Македонија е демократска земја.

Купуваш, уценуваш, заплашуваш, преколнуваш, интригираш, клеветиш. Аман, Грујо, прибери се, си станал како рикошет кој никако да ја погоди метата. Се одбиваш од ѕидовите кои самиот ги подигна. Тврдината ти се претвори во стапица од која нема излез. За тебе, а за нас допрва ќе видиме.

Слика: Свирачиња
Извор: Плусинфо