Маратон од будни ноќи и невозможни дневници

09.09.2014 09:26
Маратон од будни ноќи и невозможни дневници

(ГЛУПАВ, НЕМ И ПРОДУКТИВЕН)

да продадам 10 часа за илјада динари
да правам склекови на една нога
додека служам ситничари, богати и рогати
бесконечно да ги мијам кулите од стакло
со ханзапласт на прстите пикнати во напукнатите чаши
да им кимам со главата на скршените вилици
кои не ја тргаат насмевката - на лагите и глупостите

да трчам во набавка со кеси за ѓубре
да трчам до трафика да раситнам пари
да кружам со џогер околу тоалетот
да пуштам вода по културните гости
насмеан да чистам гомна и мочка
веце шолјата која се дави
од пилули, влошки, крвави салфети

да ги средувам фрижидерите и регистраторите
гајбите со прашина, кока кола и пајажина
да ги бришам празните полици и кристалните плочки
да вдишувам магла од плејбој постерот
од магацин-кујната завеана со смрдеа на нешто цркнато
(бели дробови на провев
или на распродажба)

да стругам златни догорчиња од чинијата
да вадам пепел од шолјата
додека ги полирам сребрените пепелници со крема за раце
однадвор и одвнатре
да продадам десет часа за илјада динари
да молчам како вресок
да голтам чаша вода со невидливи жилети
да голтам озборувања, идиотски нарачки како бодежи во грбот
да впивам кич клевети и уцени
да ја ценам рамнодушноста, недостигот на емоции
да ги прегрнувам ладнокрвните безбедносни камери
да глумам љубезност и колегијалност
да им ги греам соковите на гуските
да им пуштам музика на слоновите, воловите
да им давам комплименти
на побелените деца со бронзени телефони
на крвавите мајмуни
малолетните северини
нашминкани со солзи по избледеното лице

парите нема да ме спасат
да ги оставам очите во канализација
забите во цементот на ѕидовите за уривање
и како споменик на масата без потпирач и шрафови
неподвижно ја гледам неправдата и ситничарењето
затворен во сенките од празните шишиња
гледам, тапоста поминува како лојалност

додека ги листам сите утрешни некролози
ѝ варам кафе на зафатената жена која никој не ја сака
додека играм како крвавиот грејпфрут во блендерот
течам како студена пот од плинската боца
помеѓу кафематот кој се тресе
и пената од старопраменот која капе
од празната точилница
парите нема да ме спасат
да продадам уште едно златно пакување винстон, камел и собрание
и како недовршена цигара
чекам да изгорам во ништожноста
на празниот поглед на постојаните гости

глупаво, немо и продуктивно - пепелта поскапе

планета во изнајмената гаража
бели дробови во варосаната септичка јама
празни бешики, оладени мочки
бајати бруфени, евтини животински парфеми

парите нема да ме спасат
од скршените вилици кои не ја тргаат насмевката

Превод: Иван Шопов
Слика: Вил Балас

ОкоБоли главаВицФото