Неостварено дете го запишало таткото на фудбал, карате, пливање и англиски

09.09.2014 11:30
Неостварено дете го запишало таткото на фудбал, карате, пливање и англиски

Скопје, 9 септември 2014

Александар Велјановски (11), ученик во ОУ „Петар Поп Арсов“, на своите другари од одделението им се пофалил дека вчера го запишал татко му Милан на пливање, притоа истакнуваќи дека „Милам мора да се организира добро за да го вклопи пливањето со фудбалот, каратето и часовите по англиски јазик на кои оди порано“.

Како што објаснил Александар, неговиот татко во понеделник и петок ќе оди на фудбал, во вторник и четврток на карате, во среда и недела на пливање, додека саботното претпладне е резервирано за англиски.

„Сите активности, освен англискиот јазик, се навечер, така што има доволно време и да работи и да се одмори. Му споменав на татко ми дека ништо од ова не смее да влијае на неговата работа и дека, доколку попушти во фирмата, ќе мора да се откаже од нешто“, изјави младиот ученик за Пара вести.

„Бидејќи татко ми не можеше сам да одлучи кој спорт најмногу му лежи, го запишав на три, па со тек на време ќе видиме за што има најголем талент и ќе се фокусираме на тоа. Јас лично повеќе бев за тенис, а не за карате, но му дозволив сам да избере еден спорт. Се трудам да не вршам притисок врз некого кога станува збор за резултатите, меѓутоа, ако сега не положи за зелен појас во понеделник ќе го продадеме кимоното и ќе купиме рекет“, додаде Александар.

„Што се однесува до англискот, тоа е нешто без кое не можете денес. Гледам дека се труди, му оди, баш пред некој ден пред сите мои другари рецитираше песна на англиски и беше супер“, рече гордиот син.

Александар вели дека му е многу жал што поради многуте обврски на училиште не стигнува да се посвети на некое хоби, но го исполнува тоа што на својот татко, за разлика од многу негови другари, му овозможил идеални услови да се оствари на сите полиња.

Извор: www.njuz.net