Закон кој треба да ги брани не смее да биде нивна смртна казна

09.09.2014 15:37
Закон кој треба да ги брани не смее да биде нивна смртна казна

Информираме дека Предлог законот за заштита и благосостојба на животните е пуштен во процедура на усвојување, поточно на 11 септември годинава ќе се најде на прво читање во Собранието! На наше големо изненадување, забраната за еутаназијата на бездомни животни, која Агенција за храна и ветеринарство на наш предлог ја прифати и стави во Нацрт законот, е повлечена. Од тие причини упатуваме јавна реакција и почнуваме МАСОВНА КАМПАЊА ПРОТИВ ЕУТАНАЗИЈА НА ЖИВОТНИТЕ, НАСИЛСТВОТО И УБИВАЊЕТО за што ве повикуваме сите да се приклучите и испратите фотографија со порака од вашиот миленик!

*КАМПАЊА - ЗАКОНОТ КОЈ ПОСТОИ ЗА ДА ГИ БРАНИ, НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НИВНА СМРТНА КАЗНА!

Сега, пред Законот да биде усвоен, се обраќаме како репрезенти на голема група македонски граѓани кои се борат, залагаат и говорат во име на милиони чувствителни и интелигентни битија кои не можат да се изборат самите за себе – а тоа се животните. Веруваме дека во борбата за хуманост сите сме едногласни и на иста страна. Затоа ја бараме Вашата поддршка, поддршката на институциите и пратениците во Собранието на Р. Македонија кои ќе одлучуваат за судбините на животните.

1) Најзагрижени сме во однос на членот 28 од законот кој, во конечниот Предлог законски текст, не ја забранува еутаназијата на бездомни животни!

Претходно, Агенција за храна и ветеринарство се согласи со нашите барања и првично ја забрани еутаназијата – но, во понатамошната процедура на усогласувањето на Предлог законскиот текст, таквата забрана е повлечена.

Повлекувањето на забраната за еутаназија значи давање можност за произволно, нехумано и масовно усмртување на бездомните животни во Македонија, нешто за што со години има реакции и критики на македонската и меѓународната јавност и институции, вклучително и на претставниците од Европскиот Парламент. Усмртувањето освен што е нехумано, не дава никакви резултати во намалувањето на бројката бездомни животни.

Впрочем, за тоа говори и последното пребројување на бездомните кучиња во главниот град, каде јасно излезе на виделина дека еутаназијата која се спроведува од 2008 година само незначително го има намалено бројот на бездомни кучиња. Но, затоа пак луѓето ги изгубија своите маалски миленици на кои беа навикнати, на чие место на слободните територии доаѓаат нови и нови единки.

Од овие причини бараме да се забрани еутаназија на кучињата како механизам за надминување на проблемот со прекубројноста на бездомните кучиња, како што првично предложи и Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на Нацрт Законот за заштита и благосостојба.

2) За радикален и неприфатлив го сметаме и членот 32 со кој се предвидува усмртување на кучињата кои каснале човек или животно. Посочуваме дека животните ја стекнуваат агресијата кога се стимулирани од своите сопственици и/или како резултат на траума. За таквото однесување вината треба да се бара и најде во сопствениците, а не во животните!

Ние би искажале поддршка да се воведат најстроги казни за сите оние кои поттикнуваат агресија кон животните или практикуваат неодговорно сопствеништво, како и забрани таквите лица понатаму да чуваат кучиња. (Амандман 14 се однесува на оваа проблематика).

3) Законот за заштита и благосостојба на животните е единствен правен акт кој постои да ги штити животните и нивните права и благосостојба. Поаѓајќи од таа елементарна функција на законот, целта на неговото менување е истиот да биде унапреден. Неприфатливо е одредени права и законска заштита на животните да бидат одземени и сериозно уназадени во однос на сè уште актуелниот Закон за заштита и благосостојба на животните од 2007 година!

Од тие причини посочуваме и дека би било скандалозно воведувањето на можноста експериментални постапки да се изведуваат врз бездомните животни, или животните кои припаѓаат на видови домашни животни; човеколиките и нечовеколиките примати, животни земени во дивината и во сите оние случаи кога постои меѓународно потврден алтернативен метод. Експериментите врз животни се еден од најболните и најсуровите облици на искористување на животните (примери од најчестите практики се континуирано вбризгување отрови - тестови за отровност; сакатења, ослепувања; палење, вивисекција – т.е. сецирање на живо; поставување на електроди во мозоците на животните, ректумот на животните и сл; вештачко стимулирање на тумори; изгладнување, изолација, психичко измачување, предизвикување страв, депресија која предизвикува шок кај животните или самоповредување на животните), нешто што наидува на најсилни осуди од светската јавност.

Од тие причини очекуваме дека Законот за заштита и благосостојба на животните во Република Македонија во ниту еден случај нема да ја прошири можноста за вршење експерименти врз животни врз кои тоа не било претходно дозволено; дека ќе ги забрани експерименталните постапки во сите оние случаи кога постои алтернатива; и дека ќе поттикне развој на алтернативни методи кои нема да вклучуваат насилство врз животните кои исто како и луѓето чувствуваат, страдаат и сакаат да живеат!

4) Како суштински по важност сметаме дека треба да бидат проценети и генералните забрани кои ги предлагаме, а кои би претставувале кусо, прецизно и јасно ограничување на оние практики кои се насилни и исклучително болни кон животните.

Почитувани, ја искажуваме нашата голема верба дека Предлог Амандманските измени на Предлог Законот за заштита и благосостојба на животните ќе бидат земени предвид, темелно анализирани, прифатени и дека на овој начин ќе се обезбеди похуман третман и заштита на животните во Република Македонија. Сè дотогаш, ние ќе ја продолжиме нашата кампања која од час во час ја прифаќаат сè повеќе граѓани кои се залагаат за заштита на животните!

****

ЗА ВАШ УВИД - мислење, коментари и предлог Амандмани на Нацрт законот дадени од страна на Анима Мунди

Извор: Anima Mundi - здружение за заштита на животни