Од надрижурналист преку надрилекар до објавување опасни глупости!

10.09.2014 10:13
Од надрижурналист преку надрилекар до објавување опасни глупости!

„Зад зборовите мора да има знаење. Разбирањето на медицинската наука е она што ги издвојува новинарите за медицина од новинарите што покриваат општи теми… Вие не мора да да бидете научник или доктор, но мора да знаете како функционира науката, да размислувате како ќе ги преведете нивниот жаргон и нивните идеи на разбирлив јазик“

(Томас Линден, професор по медицински журнализам)

 

Пред десетина дена во Сервисот за проверка на фактите (СПФМ) беше рецензирано едно такво неодговорно известување од оваа област. На сајтот на Сител беше постиран текст кој целосно неаргументирано пропагира отфрлање на вакцините. Потребна е целосна неодговорност на новинар или уредник, или подобро речено, надриновинар, за да се пласира текст без никаква ограда на јавното гласило. Дотолку повеќе што текстот е нејасен и неразбирлив и личи на преведен текст со помош на Гугл транслејт!

Ова беше поттик за блиц преглед за тоа што се се објавува на порталите во Македонија на тема медицина и здравје, генерално. Мнозинството од порталите често се решаваат да објавуваат вести од медицината и општо од проблематиката поврзана со здравјето, а мотивите се очигледни – читаност, кликаност, гледаност. Повеќето од нив дури и имаат посебни рубрики, најчесто наречени здравје, кои се или издвоени или се ставени како подрубрики во рубрики живот, наука или дури и стил(!?). Еден помал дел од информативните портали (Телеграф, МКД.МК, Курир…) воопшто не објавуваат (или многу ретко) вести од здравје и медицина, што може да се смета дури и како доблест – подобро да нема такви вести отколку да бидат погрешни или смешни. Но, споменатите, пак, редовно објавуваат текстови посветени на здравството во Македонија генерално, а дел од нив тие текстови ги објавуваат еднострано и некритички.

При блиц прегледот може да се воочи уште една специфика – мошне коректно од оваа област информираат портали кои немаат специјализирани новинари, но се држат до основни професионални стандарди, па задолжително го ставаат и изворот на веста, авторот, а понекогаш и линкови. Такви позитвни примери најмногу најдовме кај порталите Точка, овде и овде и Кајгана, иако кај овој вториов ќе се сретне и по некој лош пример. Повеќето текстови на овие два портали во рубриката Здравје имаат извор или автор и се релативно коректно пласирани. Од другите портали кои спаѓаат во популарни, а воопшто не наведуваат извори за ваквите вести можеме да ги наведеме Фемина и Идивиди (овде и овде), иако и тука може да се сретнат исклучоци, каде што има не само наведен извор, туку и линкови.

Има и такви сајтови/портали, кои се или би требало да се специјализирани за овие области, но дури и кај нив можете често да сретнете вести и информации кои отстапуваат од новинарските стандарди. Таков е следниов пример, кој го најдовме на порталот Здравје и убавина.

Позитивните примери се навистина ретки. Може да се издвојат онлајн платформите на Нова Македонија и на Дневник (овој вториов одамна има и посебен додаток Здравје), како и оние на НОВА и на 24 Вести. Кај овие медиуми текстовите ги пишуваат претежно специјализирани новинари што покриваат здравство, па оттука и нивните текстови за теми од здравството (па и медицината), се едни од покоректните во новинарска смисла.

Мошне коректни текстови во смисла на задоволување на новинарските стандарди можат да се сретнат на порталот Здравство 24, но овој сајт е речиси исцело посветен на здравствениот систем. Дефинитивно најдобриот сајт посветен на оваа проблематика е Доктори. Тој воедно е и е единствениот успешен пример кај нас каде што се негува т.н. медицински журнализам. Текстовите и советите од областа на медицината и здравјето се исцело релевантни текстови, а тоа, меѓу другото, се должи и на фактот што овој специјализиран сајт го уредуваат и за него пишуваат исклучиво доктори по медицина, специјалисти и супспецијалисти и универзитетски професори или други научни соработници.

Ова е генералната слика и прилика за третирањето на теми од областа на медицината и здравјето (вклучувајќи го и здравството), за која не тврдиме дека е најпрецизна, но дека е релативно точна.

Медицински журнализам – непозната гранка

Таквата сосотојбата е безмалку трагична. Се објавуваат такви глупости како што е веќе споменатиот текст против вакцините или текстови во кои се опишува зошто морате да трчате секојдневно или дека треба да пиете вода најмалку три литри на ден, без да се стави никаква ограда, без да се нагласат спецификите, а со тоа се отвора патот што може да доведе до трагични последици. На пример, болен од рак можете да го охрабрите да се потпре исклучиво на алтернативна медицина, болен од срце можете да го убиете со тоа што ќе го охрабрувате да џогира, а пациенти заболени од висок притисок можете да ги умрете со тоа што ќе ви поверуваат и ќе пијат повеќе течност, без да ги знаат последиците или спецификите на нивната болест!

Причината за ваквата состојба лежи во тоа што во македонските медиуми никогаш не била негувана специјализацијата на новинарите по области (чест на исклучоци-н.з.), како и тоа што на двете главни школи за новинари во земјава нема предмет кој би се нарекол медицински журнализам, како што е тоа пример нашироко во светот.

Доктор Томас Линден, кој е професор на предметот Медицински журнализам на Школата за новинарство и масовна комуникација при Универзитетот во Северна Каролина, вели дека не може да известувате за медицина и за здравство ако немате познавање од оваа област.

„Зад зборовите мора да има знаење. Разбирањето на медицинската наука е она што ги издвојува новинарите за медицина од новинарите што покриваат општи теми…Вие не мора да да бидете научник или доктор, но мора да знаете како функционира науката, да размислувате како ќе ги преведете нивниот жаргон и нивните идеи на разбирлив англиски (мајчин јазик-н.з.)“

Според Линден, кој бил прв дописник за здравство и за наука на CNBC, репортер за медицина на KRONATV, уредник за медицина во FOX 11News од Лос Анѓелес, дефинитивно е потребна дообука за сите оние кои се заинтересирани за специјализираното известување за медицина и здравство. Тој вели дека се потребни два типа дообука. Оние кои се веќе во новинарството и работат како општи репортери потребно е да посетуваат барем некој курс за медицински журнализам и секако да поседуваат општи познавања од биологија, хемија, генетика и физика.

Вториот тип (до)обука е за лекарите кои решиле истовремено да се занимаваат со медицински журнализам. Тие, според професорот, треба да посетат некој општ курс за новинарство и да ги научат основните правила за пишување.

Се греши и на Запад

Гери Свицер, кој повеќе од 40 години има кариера како новинар кој се специјализирал за известување за медицина и за здравство, и кој е основач на најдобриот онлајн сајт за рецензии на текстови посветени на медицина Heаlth News Review, наведува дека голем дел од новинарите во оваа област често не успеваат во својата работа.

Во истражувањето што го објавил во 2008, по двегодишно следење на 500 новинарски приказни од областа, утврдил дека новинарите најчесто не успеваат да поведат дискусии за цената на чинење, за квалитететот на доказите, за постоење на алтернативни опции и за магнитудата на апсолутните придобивки или штети (од некои нови медицински откритија или лекови – н.з.).

Според Свицер, кој десет години предавал и медицински журнализам и медиумска етика на Школата за новинарство и масовни комуникации од Универзитетот во Минесота, известувањето за медицината или за здравството мора да биде точно, балансирано и целосно.

„Доколку известувањето е нецелосно, небалансирано или неточно, потрошувачите (читателите-н.з.) може да стекнат нереални очекувања и да имаат нереални барања за нивната здравствена заштита и нега, со што корисноста е мала или пак, може да биде и штетна“ – советува Свицер.

Тој признава дека новинарите кои пишуваат за медицина или за здравствениот систем често пати се соочуваат со кусок од време за своите стории, со притисоци од уредниците и со погрешни, односно нецелосни податоци добиени од своите извори. Но, сето тоа не е доволно за да се најде оправдување. На неговиот сајт, на прашањето дали се фер кон новинарите во оваа област, стои објаснувањето дека токму поради огромното влијание во образованието на луѓето околу нивното здравје, не смее да има компромис околу квалитетот на текстовите. И повторно се потенцираат трите основни критериуми – точност, балансираност и целосност!

Експертите кои работат на овој проект навеле десет критериуми по кои ги оценуваат текстовите објавени во главните американски медиуми, а кои се однесуваат на медицината и на здравјето. Бидејќи кај нас нема соодветни школи за ова, тука ќе ги пренесеме нивните критериуми што им ги сугерираат на читателите како потребни за да се уверат во релевантноста на еден текст, а истовремено им служат и на самите рецензенти во проектот. Овие критериуми (дури и без оглед на различниот контекст на здравствените системи), истовремено можат да се сметаат и како водилка за авторите или уредниците на сите идни новинарски текстови што треба да се објават на нашите медиуми, со цел да не се објавуваат неточности или дури и глупости од оваа област:

-Колку (третманот, лекот) чини севкупно ?
-Колку често е забележен бенефитот (од третманот или лекот)?
-Колку често се случуваат повреди/штети (од третманот или лекот)?
-Колку се цврсти доказите (за третманот, лекот, нови сознанија од разни истражувања)?
-Дали опишаните состојби се преувеличени (од третманот, лекот или во истражувањето) ?
-Дали постои алтернативна можност (за третман, за лек)?
-Дали навистина станува збор за нов пристап (нов начин на лекување)?
-Дали е достапен за мене (дали третманот или лекот е достапен за сите пациенти во системот на здравството во дадена земја)?
-Кој го промовира ова?
-Дали постои конфликт на интереси (помеѓу сопственикот на медиумот, новинарот, уредникот и субјектот или околу темата за која се пишува)?

За велосипедизмот и простатата

За крај, еден пример од нивна рецензија за тема за која што пишуваа и нашите медиуми – студија за поврзаноста на некои болести, меѓу кои и ракот на простата кај мажите и возењето велосипед.

Еве што објавија во јули годинава некои наши портали меѓу кои и Здравство 24: Велосипедистите со 6 пати поголем ризик од добивање рак на простата

Студијата или веста за студијата ја нашле и американските медиуми и еден од нив неодамна објавил вест со наслов: Ризикот за рак од простата е зголемен кај мажите велосипедисти повозрасни од 50 години, покажа една студија

Гари Свицер неодамна ја рецензирал сторијата (објавена во американскиот медиум) и утврдил дека сторијата е погрешна, вклучувајќи го и насловот! Оттука можеме да извлечеме конкретен и добар пример, споредувајќи го и со нашиот сајт што ја објавил веста (пренесена) од британски весник , при што убаво може да се види ланецот на погрешно информирање и доведување на читателите во заблуда!

Затоа на крај ќе повториме – зборот може и да убие или да нанесе огромна штета. Ова треба да го имаат предвид сите новинари, а посебно оние кои пишуваат за медицина или за здравје. Заинтересираните може да најдат и повеќе практични водичи за својата работа на следнава страница или, пак, нека посветат малку внимание, на пример, на страницата за Здравје на BBC.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Evie Cahir