Да се биде синдикален претставник: ризична работа, ама не без заштита

10.09.2014 14:39
Да се биде синдикален претставник: ризична работа, ама не без заштита

Кога станува збор за борбата за заштита и унапредување на работничките права преку синдикат, синдикалниот претставник, односно претседателот на синдикална организација на ниво на претпријатие, е изложен на најдиректен ризик. Тој е оној од кого се очекува да ги артикулира работничките барања пред газдата/работодавачот и, поради тоа, тој е оној против кого газдата прв ќе се обиде да преземе казнени мерки. Затоа, за да биде достоен бранител на работничките интереси, синдикалниот претставник треба да поседува храброст, за да му каже во лице на газдата кои се барањата на синдикатот и да не потклекне пред заканите и санкциите на газдата против него.

Се разбира, не станува збор за некоја лудачка храброст која треба да ја поседува синдикалниот претставник и која нема основа. Позади храброста што треба да ја покаже синдикалниот претставник стојат две заштити, солидарната и правната.

Солидарноста е најсилното оружје на слабите, кои се побројни, од силните, кои се помалку. Како што синдикалниот претставник ги штити правата на останатите работници така и тие, во случај тој да трпи санкции, мора да застанат во негова заштита. Ова не само што е единственото праведно однесување на останатите работници членови на синдикатот, туку е и единственото однесување кое е и во нивна корист. Зашто, ако го извисат својот синдикален претставник, не само што тој ќе настрада, туку и тие понатаму ќе ги трпат резултатите од своето неетичко однесување, соочени со газда кој знае дека може да ги скрши и кој, поради тоа, е склон да им ги крши правата. Синдикалниот претставник мора да биде храбар и достоен. Ама и синдикалното членство мора да биде храбро и достојно.

Втората заштита на синдикалниот претставник е правната. Можеби неа треба посебно да ја нагласиме, не толку бидејќи е поважна од првата, колку поради тоа што често и самите синдикални претставници не се добро запознаени со неа. Една од ретко поволните одредби од Законот за работни односи е членот 200, кој предвидува посебна заштита на синдикалните претставници, особено во поглед на ризикот од добивање отказ. Така, во овој член експлицитно пишува дека синдикалниот претставник е заштитен од отказ. Нему, заради синдикална активност, газдата не може да му даде отказ ниту да му ја намали платата. Покрај тоа, додека ја врши должноста, газдата за да му даде отказ треба да добие претходна согласност на синдикатот. Поточно, ако газдата се реши на ваков потег, синдикатот мора во рок од осум дена да се изјасни против неговата одлука и, ако тоа го направи, правно ќе го оневозможи давањето отказ на својот синдикален претставник. И на крај, членот 200 го спречува газдата да му даде отказ на синдикалниот претставник не само за време на неговиот мандат, туку и најмалку две години по престанувањето на мандатот.

Бидејќи како народ сме особено скромни и завидливи, важно е да се потсети зошто законот е толку „великодушен“ кон синдикалниот претставник и зошто него, во поглед на ризикот од добивање отказ, го става во поповолна положба во однос на останатите работници. Имено, нели тој е оној од кого се бара да биде гласноговорник пред газдата кога се работи за заштитата на работничките права? И нели тој е првиот врз кого ќе се истури гневот на газдата? Затоа се толку „поволни“ одредбите на Законот за работни односи. За да биде заштитен кога врз себе го презема бремето да му го каже на газдата она што тој не сака да го слушне, законот го заштитува од отказ. Оној што сака да има ваква заштита, нека ја стекне довербата кај останатите членови во синдикатот дека тој е добар заштитник на нивните интереси и нека врз себе го преземе бремето на комуникацијата со газдата, па и тој ќе има ваква заштита.

Но, што правиме со злоупотребите? Нели и тие се можни? Да, можно е некој да се обиде да ја злоупотреби заштитата што му ја дава законот на синдикалните претставници. Па да доаѓа на работа кога сака и да не исполнува работни обврски. И многу да не му е гајле за работничките права. Што правиме во ваков случај? Нели тој, и покрај ваквото свое однесување, не може да добие отказ? Не е така едноставно. Не само што останатите членови можат да го сменат од должноста синдикален претставник во ваков случај, туку и во случај газдата да му даде отказ, синдикатот може да молчи и неговиот отказ да не биде правно проблематичен.

Во нашата борба за добивање на платите што ни ги должат, кога газдата усно ми ја соопшти неговата одлука дека мене, синдикален претставник на МЕСО на ФОН Универзитетот, ми дава отказ, јас му го цитирав членот 200 од Законот за работни односи. Тој, во својата ароганција, типична за македонските газди, го игнорираше она што му го кажав и ми рече слободно да си тужам на суд. Нели, приватна фирма е, а тој газда, па може да прави што сака. Поради моето неотстапување од борбата, како и поради притисокот од медиумите, работата не дојде на суд и многу брзо газдите на ФОН сфатија дека иако е приватна фирма, не можат да прават што сакаат. Во секој случај, ако дојдеше работата до суд (при важен услов за Македонија, непристрасно судење!) несомнено ќе го изгубеа спорот.

Како заклучок: должноста синдикален претставник е доста одговорна и ризична. И за нејзино достојно вршење е потребна храброст од синдикалниот претставник. Но, кога пред газдата/работодавачот синдикалниот претставник ги брани работничките интереси, нека не заборава дека тоа не го прави без никаква заштита. И останатите членови од синдикатот можат да го заштитат од реперкусии, а и законот.

Извор: mesorm.wordpress.com
Слики: Leah Saulnier

ОкоБоли главаВицФото