Од Северен до Јужен пол

11.09.2014 08:31
Од Северен до Јужен пол

ЗОШТО МУ СЛУЖИ БРАДАТА НА ДЕДО

Брадата на дедо му служи како секој украс:
како опашка од птица,
како знаменце на брод, на авион
или едноставно:
како медалјон.

А потоа:
брадата му служи како четка
што ја става во дејство кога ќе му требе,
а кога на скутот внучињата ги држи
со неа по тилот ги скокотка, гребе.

А кога им кажува приказни и бајки,
тие од радост и возбуда вријат,
па им се причинува дека брадата е шума
во која безброј приказни се кријат.

А кога понекогаш ќе тргне со баба
низ градот да шета,
таа со насмевка ѓаволеста му вели:
би можела од брадата гуна да ти сплетам.

Но најмногу брадата на дедо му служи
нервозата да ја лечи,
зашто кога ќе се налути,
непрестајно со рацете ја стиска, ја гмечи.

ЕСКИМЧЕ

Велат дека на Северниот Пол
имало повеќе снег
отколку кај нас: брашно, шеќер и сол.
Сум чул дека секое Ескимче
можело да јава на мечка бела
како што ние на тротинет и коњче;
а кога одело на лов со стрела,
од него немало посилен ловец:
можело да кутне лисица, вол,
и на секој ирвас да му свитка рог.
Другар бил добар со секој кит,
можело да го убие или да го клоцне:
Ај, крши шија, сега сум сит!
Со фока можело да спие како со брат
гушнати на крзно меко
и да ја учи како се моли
за леб или за млеко.

Да, многу нешто можел
тој малечот жител од Северниот Пол,
но никој досега ова не го кажал:
дали би можел и тој на снегот
да лежи гол
како ние на плажа.

БАБИНИТЕ ОЧИЛА

Кога ќе се загубат очилата од баба ми
тогаш дома настанува лом:
возбудено и панично се вртиме низ куќи
небаре удрил ненадеен гром.

Ги нема под перница, под душекот, под масата,
се пикаме под креветот кој како ќе стигне,
лазиме по подот од соба во соба,
но пустите очила ги нема нигде.

Непрестајно и баба ми се пика, ги бара
и врие од возбуда, од мака
но место очилата, не гледајќи кутрата,
ќе чапне некоја нога или рака.

А дедо ми ѓаволесто зад грбот ги крие
и вели; Ова е само малечка игра
да видам колку време ќе ѝ треба
да го вовре конецот во игла.

БОЈ СО ЛАВ

Се осмели еден Ешко со лавот да води бој,
тргна Ешко, а со него се здружи и ној.
Крај шумата лавот рипна и разлеа вресок,
ноот скокна и главата ја зари в песок.

Оди Ешко и по патот со боцките стружи,
а со него еден Глувчо за борба се здружи.
Крај шумата лавот сонлив со очите смигна,
а пак Глувчо зад петици силни правој дигна.

Оди Ешко, оди Ешко, а по него жаба стара.
Крај шумата лавот кивна и таа се фрли в бара.
Оди Ешко, оди Ешко, стега срце, трае.
Понатаму што се случи — кој ли ќе му знае!

Се враќаат, се враќаат жаба, Глувчо, ној,
се враќаат без Ежето од силниот бој.
Газат сами, газат смело по бојот што мина
и се фалат: Хеј од лавот секој влакно скинал!

ЗБРКА

Една чета храбри мравки построена в ред
тргна дружно кон багремот со мирислив цвет.
Но ниедна не стаса до багремот крив
сè заради една капка што падна крај нив.

Една чета храбри мравки на пат тргна в село
и потрча да го мине поточето бело.
Но ниедна не заита низ водата ладна
сè заради една сламка што предвреме падна.

Еден мечок, силен мечок се спреми за бој
и науми да го сотре сиот мравкин сој.
Но одеднаш вресна силно и цел стеблак сруши
сè заради една мравка што му влезе в уши.

ПОЗДРАВ ДО БАБА МИ

„Откорнатик! Збеснатик! Палавко! Враг!“ —
се сеќаваш ли на овие зборови, бабичке, а?
Дали бев таков или пак...
не можам сега ништо да речам:
ни: Не, ни: Да!
Само би сакал за сè да ми простиш:
и кога ти бегав од рацете по патот
и се лутев што газиш бавно како желка,
а ти само викаше: „Господе, господе, пази му го вратот!“
Прости и за она што често ти велев:
„Од тебе, бабо, не можам да дишам!
Не можам шатките низ двор да ги бркам!
Не ме оставаш по вратите да чкртам и пишам,
ниту пак од чешмата со дланки да сркам!
не треба во креветот да пеам и свиркам
и да велам: за спиење има уште време!
А потоа саноќ во ѕвездите да ѕиркам,
чекајќи го сонот кришум да ме земе.“

Дозволи ми сега нешто да ти шепнам:
„Ти благодарам за она што еднаш ми го рече:
„Беше што беше...
За тебе повеќе не водам сметка
штом веќе, душо, в џебови криеш
огледалце и чешел.“

Извор: Јован Стрезовски, Од Северен до Јужен пол, 1968
Илустрации: Иван Велков

Иван Велков е македонски уметник кој припаѓа на повоената генерација уметници. Роден е во 1930 година во Врање, а дипломира на Академијата за ликовни уметности во Белград, оддел сликарство. Во историјата на македонската ликовна сцена е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција. Во 1954 година се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Шест години подоцна, со колегата Петар Мазев, ја оформува познатата ликовна група „Мугри“. Велков почина во Скопје во 2008 година, на 78-годишна возраст.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото