Атина Бојаџи го преплива Ла Манш

11.09.2014 14:16
Атина Бојаџи го преплива Ла Манш

За овој подвиг на охридската пливачка ѝ беше потребно 13 часови и 20 минути

 

Веста што ја емитува од Донвер агенцијата Ројтер беше куса но доволна да ги зарадува сите љубители на спортот во нашата земја: Југословенската пливачка Атина Бојаџи — Видаковиќ успеа на 9 септември да го преплива Каналот Ла Манш за 13 часови и 20 минути. Таа пливаше од Франција кон англискиот брег.

По долга неизвесност, по доста денови минати во малото англиско гратче на брегот на Ла Манш Фолкетон, Атина Бојаџи конечно доби дозвола да стартува во раните утрински часови на 9 септември, кога според метеоролошките прогнози времето било најидеално за препливувањето на каналот.

Младата Југословенка го оствари својот животен сон. Го преплива каналот Ла Манш. Атина Бојаџи по охридскиот пливач Нико Нестор е втор Југословен чие име ќе се најде запишано во листата на препливувачите на каналот Ла Манш. На Нико Нестор тоа му успеа пред десетина години, на Атина Бојаџи — Видаковиќ на 9 септември 1969 година. Овој датум ќе биде запишан со златни букви не само во македонскиот, туку и во југословенскиот спорт.

„Охридскиот делфин“, како ја викаат Атина Бојаци, веќе десет години успешно се натпреварува на сите маратонски трки во пливање во светот. По Џудит Денис, Унгарката Магда Молнар, Атина е секако меѓу најпознатите маратонски пливачки во светот, секогаш канета на сите маратони. Се прослави за првпат 1962 година кога на маратонот Капри — Неапол го оовои првото место. Тоа беше голема сензација во Неапол, кога спикерот преку звучникот објави дека кон целта се приближува Југословенката Атина Бојаџи. Никој не веруваше дека таа симпатична девојка, нежна, ќе може да преплива 32 километри. Атина Бојаџи ја освои блескавата титула — светска првенка. Истата година победи на Охридскиот маратон и успеа да го преплива Бејрутскиот маратон, најтежок маратон во светот чија патека е долга 42 км. Атина Бојаџи може да се пофали дека е единствена маратонка која го има препливано овој маратон.

Четири години подоцна го повтори својот успех. Во Неапол беше втора, во Охрид пак победи. Заедно со својот постар брат Дики Бојаџи пливаше на многу маратони. Последниве години поради семејни причини не се натпреваруваше толку често. Но, таа се подготвуваше за големиот подвиг, да го преплива каналот Ла Манш. Многумина се сомневаа во подвигот, но таа ги демантира сите. Докажа дека е способна и за поголеми подвизи.

(М. М.)

Извор: Нова Македонија, 11.09.1969.