Андон Ќосето: масовен убиец што доби споменик во Скопје

11.09.2014 14:17
Наслов: Андон Ќосето: џелатот и бодигард што доби споменик во Скопје

Виктор Цветановски: Андон Ќосето за 100 години убил 100 луѓе

 

Андон Ќосето бил еден од најпознатите терористи на ВМРО во првите години по нејзиното формирање. Колку луѓе убил по налог на организацијата тешко може да се каже. Ако се суди според тоа што самиот го раскажува во своите спомени, станува збор за повеќе десетици. Живеел сто години и убил сто луѓе. Ликвидирал Турци, гркомани, србомани, но и предавници на организација. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот, го испраќале Ќосето. Често убивал и од свој ќеф, а еднаш кога посегнал по животот на двајца попови - прогрчки и бугарски, и еден учител, Јане Сандански му испратил остро писмо и побарал да престане да убива попови и учители зашто ќе му требаат на македонското дело. Ќосето го ликвидирал и сопствениот брат, кога турската потера во потрага по него ќе го земе со неа во Солун за да им открие каде се криел.

Најпознатиот терорист на ВМРО се гледал и се знаел со сите најпознати македонски револуционери. Го возел со пајтон првиот претседател на револуционерната организација, д-р Христо Татарчев, кога одел во посета на пациентите во Солун, а само на Даме Груев му го кажал местото каде е роден и му се заканил дека ќе го убие ако ја открие тајната. Бил и меѓу комитите кои ја држеле во заложништво Мис Стон и тој лично ја оставил во Струмичко откако бил платен откупот. Често примал наредби и од Гоце Делчев и од сите македонски револуционери него го почитувал најмногу.

ЗАПЛАШИ И ВЛАДЕЈ

„И така јас започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор или, пак, не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа – за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија. Заплаши, убеди и владеј! Додека партизанштината ја применуваше девизата – подели и владеј, кај нас напротив се приоѓаше од девизата: Заплаши, убеди и групирај! Така е, додека не го заплашиш тоа население, нема тоа да дојде да му ја полниш галвата.“, објаснува Андон Ќосето како во тоа време дејствувала организацијата, детално раскажувајќи подробно што сè преземале за да го убедат народот дека треба да се крене на востание.

Вистинското име на Ќосето е Андон Лазов Јанев, а прекарот го добил откако станал комита. Роден е во велешкото село Голозинци во 1854 година. Починал во длабока старост на 99 години во Благоевград. Немал никакво образование. Неговите спомени ги запишал во 1931 година Бојан Мирчев, новинар и стенограф, по потекло од Битола. За првпат се објавени во Бугарија во 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание. Мирчев разговорот со Ќосето го водел во Горна Џумаја, денешен Благоевград, каде бил ситен службеник во тамошната администрација. Го опишува како човек со низок раст, сув и со побелена коса. Раскажувал енергично и детално за секој настан, за многу убиства што ги вршел, а кога говорел за Гоце Дечлев постојано плачел.

ИНЦИДЕНТ ВО ВЕЛЕС

Андон Ќосето израснал во родното место Голозинци, а во детството пасел овци. Татко му Лазо важел за првенец во селото, а работел како исполџија кај еден бег. Имал 12-13 години кога неговиот татко бил наклеветен од некои селани и затворен во Солун. Откако останале сами со браќата и сестрите, заминале во Велес каде живеел неговиот стрико. Еден настан што ќе се случи тогаш ќе биде пресуден да се одметне и да стане еден од најголемите терористи на македонската револуционерна организација. Додека со другарите седеле пред еден дуќан поминал виден велешки Турчин, придружуван од џандар. Според тогашните обичаи, сите станале да му оддадат почит, но не и Ќосето. Кога Турчинот видел дека не станал како и другите се вратил назад и го прашал зошто не му направил чест. Пред Андон да му одговори, се обидел да го удри, меѓутоа тој го извадил ножот и му ја расекол облеката. Андон веднаш избегал, а во Велес за него било многу опасно да живее зашто Турците го барале за да го уапсат. Талкајќи со денови по непознати патишта стасал во Солун и таму станал терорист на организацијата, започнувајќи ја серијата убиства.

„Од Велес некој му пишал на Дамјан Груев за мене. Јас, пак, ништо не знаев за организацијата. Имав слушнато нешто, но како во сон. Меѓутоа, што претставува таа не можев да си објаснам. Во тоа време имаше еден Тано Мурџев. Тој беше даскал и бил во врска со таа работа. Даме Груев го задолжил да ме најде. Меѓутоа, Даме Груев не се јавува пред мене. Ме запознаа со поп Стамат, тој што го убија Грците. Тој ми кажа: 'Ќе дојдеш вечер таму и таму'. Јас отидов и во една куќа, ме испраша Мурџев подробно и ме запраша што мислам да правам. Јас му одговорив: 'Каде ми очите, таму и главата!' И тогаш тој ме заколна... Јас си реков во себе – тоа е за мене. Јас мислев да станам разбојник. Откако ме заколнаа, ми кажаа со кои луѓе да се дружам. Најпрво сакаа да ми дадат лесна работа за да ме испитаат. Ме ставија за таен полицаец. Гледаа дека ме бидува за таа работа. Ми дадоа да завршам една акција, едно убиство. И тоа го завршив. По една вечер му забив нож на еден Грк.“, објаснува Ќосето за тоа како бил примен во организацијата и како ги извршил првите убиства.

ГРУЕВ ПРЕДУПРЕДУВА

Тој убивал и без за тоа да знае организацијата. Еднаш убил виден Турчин и околу тоа се кренала голема врева, а за да го фатат била ангажирана и војската. Кога за тоа дознал Даме Груев страшно се налутил и го предупредил: „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш.“

Најпознатиот терорист на ВМРО го убил и сопствениот брат. Откако Турците не го нашле во Велес дознале дека се крие во Солун и за да го пронајдат заедно со брат му шетале низ градот. Ќосето пишува дека му ветиле нешто за да го придобијат. „Но, наместо тие да ме фатат мене, јас го фатив мојот брат и со измама го однесов кај д-р Татарчев и во подрумот го држев преку денот. За тоа му кажав на Дамјан Груев. Бидејќи ниту Дамјан Груев, ниту д-р Татарчев, кои беа во Централниот комитет, не можеа да си дозволат да дадат наредба да се убие брат ми, им предложив јас да го убијам. 'Ако го пуштиме, им реков јас, за мене тука нема да има место повеќе.' Тие се согласија со мене и ми рекоа: 'Направи го тоа што ќе сметаш дека е добро.' Подготвивме план: 'Земи ги овие три лири и дај ѝ ги на мајка, кога ќе стигнеш во Велес.' , му реков. Го испративме скромно, а на него внимаваа други луѓе. Го имаа облечено во нови алишта. Му рекле: 'Ајде ќе те носиме на друго место.' По убиството веднаш му соопштиле на Даме и тој почна да ми се извинува. Јас му одговорив: 'Зошто, за еден човек ли да жалиме дека се изгубил. Ако и јас правам штети и мене ќе треба да ме убиет'“, раскажува спокојно Ќосето како да ликвидирал непознат човек, а не неговиот роден брат.

ТАЈНА

Македонскиот терорист подробно објаснува и за многу други убиства што ги извршил, за тоа како застрелал познат Србин во Солун, потоа како го средил некој Цицо од Гевгелија кого две години го демнела организација и не можела да го убие. Тој бил подготвен да го убие и Даме Груев ако некому му кажел за тоа каде е роден „За моето родно место знаеше само Дамјан Груев. Му имав речено: 'Ако сакаш да останеме пријатели, не треба да кажуваш на никого каде сум роден, инаку ќе те убијам'. Кога го слушна тоа Даме се насмеа и ме праша: 'Дали би посегнал врз мене, Андоне?' Јас му реков дека тоа би го извршил!. И Даме ја чуваше тајната на моето село докрај – до својата смрт“, открива Ќосето некои интимни моменти за односите што ги имал со нашите најпознати револуционери.

Кога Гоце еднаш му преложил да замине во Велешко и таму да ги среди работите и да ја зацврсне организацијата, тој го одбил. „Вие можеби ќе ми наложите да отидам таму, и јас ќе отидам, но нема да придонесам. Поради следниве причини: роден сум во едно велешко село, близу до Велес, кога ќе отидам таму јас имам пријатели и непријатели, луѓе кои ни напакостиле. Татко ми почина една седмица по излегувањето од затворот. Ако отидам таму, ќе треба да ги испотепам тие луѓе. Покрај тоа, човек во родното место не го има истиот респект што го имал или го стекнал на друго место. Јас таму нема да им простувам, ниту на роднини, ниту на познати. Луѓето ќе речат: 'Не го знаеме ли каков човек беше, овчар.' А кога ќе го слушнам тоа земјата ќе ја изгорам.“, ги објаснува Ќосето причините зошто не сакал да замине во Велешко.

Немилосрдниот терорист, кој без поговор го егзекутирал секој оној што бил осуден од ВМРО, раскажува за тоа како ликвидирал неколкумина Турци кои во заседа го убиле неговиот најблизок човек, војводата Михаил Попето. Во Гевгелиско убил еден поп - гркоман, а подоцна и бугарски поп и учител. Јане Сандански, кој тогаш не го познавал Ќосето лично, кога разбрал за убиствата му испратил остро писмо во кое го предупредил да престане со убивањата. „Во писмото тој ми даваше ак’л. Ми пишеше дека сум бил жесток, дека не требало да убивам попови и даскали, дека неопходна била засилена агитација, зашто тие луѓе ќе ни биле потребни...“, раскажува Ќосето, кој подоцна со Сандански ќе стане добар пријател и ќе учествува во шестмесечно криење на Мис Стон од турските потери.

ЗАТВОР

По убиството на Борис Сарафов и на Иван Гарванов во Софија во 1907 година, Андон Ќосето бил уапсен. Власта се сомневала дека тој е еден од атентаторите на двајцата тогашни претставници на Задграничното претставништво на ВМРО. Тој се жали дека додека бил во затворот немал никаква поддршка ниту од организацијата ниту, пак, од неговоите другари. По единаесет месеци бил пуштен на слобода. Во затворот кон него се однесувале многу строго, не му дозволувале да се сретне со никого, ниту пак да добива писма.

„За убиството на Сарафов бев ослободен од обвинението, но беа изнесени многу мои други работи. Ме обвинија дека кога сум бил во Мелничко, сум ликвидирал цело семејство; дека во с. Врабча, сум го убил дедо Спасе со неговата жена, неговата ќерка и еден полјак. Тогаш јас го собрав целото село и ги убив. Тоа се случи не по моја желба, туку по наредба на организацијата. Неговата ќерка беше омажена за еден Турчин во селото Поски, а органзизацијата имаше издадено наредба во ниту едно од бугарските села да нема полјак – Турчин. Дедо Спасе беше првенец во селото и коџобашија и полјакот го држеше кај него во куќата и го готвеше за зет на неговата ќерка. Поради тоа мене ми беше дадена задача да ги извршам тие пресуди.“, објаснува Ќосето.

Кога го затвориле го нарекувале санданист, разбојник. Им одговорал дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на организацијата и дека не служи на личности, туку на Македонија. Додека бил во затворот била дигната Младотурската револуција. Тогаш успеал преку еден Турчин да испрати писмо до Јане Сандански за да му обезбеди потврда од турските власти дека не бил разбојник, туку револуционер. Сандански му испратил таква потврда која ја презентирал пред судот по што бил ослободен од сите обвиненија. По излегувањето од затвор, разочаран од организацијата, Ќосето ја фрлил пушката и му се вратил на обичниот живот.

Глобус

Бранко Героски: Аргументот на камата

 

Гледам јас, колава наша ќе се скрши на Андон Ќосето. Ги чувствувам околу вратот неговиот налутен поглед и острицата на камата и веќе се колебам – да не претеравме малку?

Нацијата што во себе гордо го носи генот на Ќосето и на Александровите генерали и другарчиња (децата ги учат нивните имиња и недела на училиште), тргнала во енергична одбрана на „револуционерот“, чија задача, нели, не била да бере полско цвеќе, туку да убива. Сега, велат денешниве потомци на „револуционерот“, баш сега, кога конечно дошол редот Ќосето да добие споменик - но не било каде, туку токму пред зградата на Судската палата, како симбол на нашата кољачка правда - се нашле неколку новинари, кои не си ја знаат историјата (на пример, не знаат дека Тито ги „признал“ Македонците од страв од ВМРО!) и фрлаат дрва и камења по човекот.

Срамота, велат, и нè „касапат“ на Фејсбук, со иста ревносност и убеденост дека прават добри дела, со кои Ќосето го убил брата си и во една прилика потаманил цело едно село. А јас, да бидам искрен, веќе и не знам што да кажам во самоодбрана.

Да можеше да се бара некаква логика во ова лудило и да се стави некаков ред во овој хаос, ќе речев, на пример, вака - ако морало да никне нечиј споменик пред Судската палата во Скопје, ред било тоа да биде споменик на Петре Пирузе, првиот повереник (министер) за судство во Президиумот на АСНОМ. Човекот имал завршено факултет, ете не бил „комуњар“ (тоа е важен критериум, нели), плус лежел на Голи Оток, оти застанал на страната на Информбирото кога не требало.

Ама, не вреди да се убедуваме, нели, што може зборот пред аргументот на камата?

Сеедно, ќе ви треснам в лице, ако за ништо друго, тогаш за инает - тој ваш Андон Ќосето, драги мои, не бил „револуционер“! Немал ни грам школо, ни ќора идеја во главата! Тој бил егзекутор на тајната организација ВМРО, џелат што ги извршувал нарачките за убиства и при тоа убивал и од задоволство, без наредба, бодигард повремено ангажиран да биде ескорт на големите македонски „револуционери“. Знаете ли некоја земја во која е изграден споменик на џелат и бодигард?

Но, од друга страна, кога ќе погледнам кој сè во Скопјево доби споменик, се трудам да ги разберам реакциите и изливите на одбрана на ликот и неделото на новата вмровска икона. Судејќи според сликата што оваа власт сака да ја создаде за себе и за нас, излегува дека ние, Македонците, сме највоинствената нација на светот и дека овој народ, во својата вековна историја, немал лекари, поети, архитекти, сликари и творци, туку само војсководци, комити, ајдуци и џелати.

Одамна изгубив волја да објаснувам дека таа слика е грда и лажна. Многу луѓе, едноставно, сакаат да веруваат дека копјата и штитовите, сабји и мечовите, камите и пиштолите, коњите и лавовите, сите тие револуционерни аксесоари се артефакти на една голема и освојувачка нација, која, ако не беа тоа комунистите залудени од Тито и компанија, денес ќе владееше со половина од светот. Другата половина ќе беше на Путин, нормално.

Плусинфо

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото