Заштитата на богатите

12.09.2014 10:04
Заштитата на богатите

Стенфорд-торус е добро заграден рај. Врз основа на идејата на словенечкиот пионер на астронаутиката, Херман Поточник, од крајот на дваесеттите години од минатиот век, во 1975 година на светот му го претстави американската вселенска агенција НАСА. Тоа беше модел на вселенска станица во облик на прстен кој се врти еднаш во минута околу својата оска, на тој начин создавајќи вештачка гравитација која е соодветна за животот на човекот. Во внатрешноста на прстенот се наоѓа специјално дизајниран свет со комбинирани природни и урбани елементи – колонија од 10 000 луѓе. Во 2013 година, во Холивуд доби ново име: Elysium.

Така, јужноафриканскиот сценарист и режисер Нил Бломкамп го нарече светот на елитата кој се наоѓа во орбитата на планетата Земја и оттаму управува со нејзината судбина. Таа замисла не е нова, но во неговиот случај е особено интересна, затоа што тој ја доживеал лично за време на апартхејдот, чии варијации со задоволство ги поврзува тематски со проблемите на современото западно општество.

Инспирација за сценариото му дала сликата што ја видел една ноќ во мексиканскиот град Тихуана, на самата граница со САД: над фавелата во која покрај отворената врата се грееле парталави сиромашни деца, злобно се издигнува граничен ѕид по чија должина прелетуваат американски полициски хеликоптери. „Тој ѕид“, вели Бломкамп, „го заштитува американското општество на благосостојбата“. Сценариото за „Elysium“ беше само понатамошна разработка на таа идеја; тоа е приказна за елитата која живее во Стенфорд-торус во Земјината орбита и за преостанатите 99 проценти од населението на нашата планета кои живеат во беда и анархија.

Антиглобалистичките движења и јакнењето на полицијата

Во современиот свет, западниот естаблишмент и Европската унија, елементите од „Elysium“ полека, но сигурно, се вградуваат во реалниот концепт на општественото уредување. „Заштита на богатите од напнатоста и проблемите на сиромашните“ – на тој начин е формулирана во рамките на проектот на Европската унија „Перспективите на европската одбрана 2020“. А таа заштита може да се оствари само со воена и полициска сила, или како што пишува понатаму, со „акции за херметичко затворање на заштитените зони“.

Такви акции се вежбаат веќе со години. Почетокот на 21 век го одбележа жестокиот конфликт на противниците на глобализацијата и европските власти. Добро организираното и пред сè многу масовно движење ѝ зададе многу главоболки на светската политичка и економска елита. На самитот на ЕУ во Гетеборг, 2001 година, полицијата пукаше во демонстрантите. Само неколку недели подоцна, за време на самитот на Г8 во Џенова, тој град беше место на жестоки конфликти помеѓу италијанската полиција и демонстрантите. Пораките од протестите не смееја да допрат до учесниците на состанокот, па затоа беа ангажирани 20 000 полицајци и карабињери. Во нивните акции кои делумно претставуваа отворено кршење на човековите права, беа повредени повеќе стотици демонстранти, а еден беше убиен. Медиумите пишуваа за „состојба слична на граѓанска војна“.

Демонстрациите против елитите продолжија и во наредните години. Херметичкото затворање на елитните собири доби нова димензија во 2007 година, на самитот на Г8 во германскиот крајбрежен град Хајлигендам. Состанокот се одржа во хотелот-дворец Кемпински чија земја, заради тој настан, беше обезбедена со специјална ограда во должина од 13 километри. Тоа беше конструкција од бетон и метал со висина од 2,5 метри, со вградени камери и сензори кои регистрираат движење. Околу оградата беа формирани зони во кои беше забрането задржување. Заради целиот настан, повеќе закони привремено беа ставени вон сила. Беше забрането собирање на граѓаните, како во Хајлигендам, така и во блискиот град Росток. На теренот околу хотелот беа испратени 16 000 полицајци, но и 1 100 војници на Бундесвер; теренот го надлетуваа воени авиони торнадо, а од морето хотелот беше чуван од воената морнарица.

И покрај тоа, самитот помина во знак на постојани конфликти помеѓу демонстрантите и органите на редот. Привремено уапсените демонстранти, полицијата ги сместуваше во специјални метални кафези кои се наоѓаа во една индустриска сала. Притворените мораа да лежат на подот и постојано беа снимани со камери.

Еден месец пред почетокот на самитот во Хајлигендам, тогашниот министер за внатрешни работи на Германија, Волфганг Шојбле, ја доведе под прашален знак презумпцијата на невиност. Тоа предизвика нови дискусии за природата на современите држави. „Презумпција на невиност во суштина значи дека ни е подраго да не казниме десет виновни туку да казниме еден невин. Тој принцип не може да важи кога станува збор за одбрана од опасност“, рече Шојбле за списанието Штерн. На државата ѝ остана да процени што и во која ситуација се смета за „опасност“ и соодветно на тоа, принципот „секој е невин додека не се докаже спротивното“, да го смени во: „секој е сомнителен додека не се докаже спротивното“.

Омекнатото општество

Неколку години подоцна, финансиската и должничката криза доведоа до појава на нови масовни протести во земјите од Европската унија, пред сè во Грција, Италија, Шпанија, Португалија и Франција. За време на овие протести, полицијата често применуваше брутална сила. Во Грција, од 2001 година врз демонстрантите беше употребуван солзавец во кој се наоѓа гасот CN, кој важи за опасно хемиско оружје. Во германската класификација на отрови тој ги носи ознаките 06 (отровен или многу отровен) и 08 (го загрозува здравјето). Во Шпанија, во Мадрид и во другите градови полицијата со пендреци ги тепаше демонстрантите кои седеа мирно; во Валенсија брутално тепаше и апсеше малолетници – ученици од едно училиште демонстрираа со книги во рацете. Слични примери има во сите земји во кои граѓаните излегоа на улиците заради растечката сиромаштија, невработеноста и укинувањето на елементарните функции на социјалната држава.

Луѓе во кафези? Бруталност како нормален однос кон незадоволните граѓани? Ништо страшно – ако на тоа се гледа како на симптоми за челичење на политичките елити... Во рамки на проектот на ЕУ, „Перспективите на европската одбрана 2020“, експертот за одбрана Томас Рис зборува за „омекнување на постмодерното општество“ и наведува дека тоа општество „негува одвратност кон страдањето и жртвите и не сака ниту да ги трпи, ниту да им ги нанесува на други“. „Ако продолжи тој тренд“, пишува Рис, „прашање е дали ЕУ 2020 воопшто ќе биде во состојба да го одржи и да го примени капацитетот на интензивна воена сила“. Следува поука: „Доколку политичките лидерства и општествата од ЕУ препознаат некаква сериозна опасност, од тоа би можела да произлезе и посилна подготвеност за дејствување“.

Подготовките за дејствување се во полн ек: на повеќе места во Европа се создаваат полигони за вежбање воени акции во градски услови. Еден таков град никнува во природниот резерват Колбиц-Лецингер, 120 километри западно од Берлин. Тој ќе ги има сите карактеристични објекти на современиот град: тунел со подземна железница, мостови изградени преку ваштачки реки, автопат, стадион и слично. Се планира изградба на повеќе од 500 згради со комплетна соодветна инфраструктура. Овој град-симулатор е наречен Шнегерсбург; трошоците за неговото поставување се проценети на 100 милиони евра, а во него истовремено ќе можат да вежбаат 1 500 војници.

Новинарката на германското радио DLF, Аурелијана Соренто, неодамна во својата документарна емисија „Подготовки за востанието што следи“ пренесе дека „мировните активисти стравуваат дека Шнегерсбург би можел да послужи за обука на војници за гушење на граѓанските бунтови во европските метрополи“.

Еурогендфор, Атлас и останатите

Слично е и со Силите на европската жандармерија Еурогендфор (EGF) со главен штаб во италијанскиот град Виченца. Станува збор за единица која може да биде ангажирана по налог на Европската унија, НАТО, Обединетите нации или ОБСЕ, како и други меѓународни организации или ад-хок коалиции. И ангажирањето на оваа полиција е флексибилно замислено како поддршка на сите видови кризен менаџмент, без разлика дали се работи за зајакнување на редовните воени сили или под команда на цивилните единици. EGF има задача таму каде што е потребно да ги замени или зајакне локалните полициски сили. Оваа единица има 800 активни борци и 2 300 резервисти. Официјално, овие трупи не можат да бидат ангажирани на територијата на ЕУ.

Во посебните задачи на EGF спаѓаат контрола и загушување бунтови, совладување во случај на нарушување на јавниот ред и мир, заштита и придружба на познати личности, отстранување барикади и школување локални полициски единици со сите потребни вештини. Последно наведената задача во 2009 година беше претворена во специјална програма под назив „Тренинг на полицијата на Европската унија“ – EUPST. Еден од тренинзите се однесува на ситуација по завршување на граѓанска војна, во која се очекуваат посети на странски државници, но и демонстрации.

Најпосле, треба да се спомене и групата Атлас, која обединува 35 европски специјални полициски единици од 28 земји од ЕУ, со кои соработуваат уште пет единици од Норвешка и Швајцарија. Замислена како „информативна структура за соработка“, таа организира предавања и семинари, но и заеднички полициски вежби. Основната цел на групата Атлас е да овозможи изедначување на можностите за дејствување на полициските специјалци во рамки на ЕУ.

А тие можности денес личат на сценарија од научната фантастика. Во проектот „Перспективите на европската одбрана 2020“ Томас Рис зборува за тоа дека се менуваат оружјето и опремата на вооружените сили: „Тие стануваат помали, поавтономни, поинтелигентни и тесно меѓусебно поврзани. Денешните големи и централизирани системи за оружје со кои управуваат луѓе, постепено ќе бидат заменети со минијатурни групи – или јата – роботи (...) Тоа ќе биде можно дури по 2020 година, но сè пораспространетата употреба на беспилотните возила, роботиката и минијатуризацијата веќе денес покажува дека трендот се движи во таа насока“.

Факторите за незадоволство

Граѓаните од Европската унија денес се соочени со различни фактори кои го намалуваат квалитетот на нивниот живот. Приватизацијата, либерализацијата, намалувањето на цените на трудот и намалувањето на платите и губењето на социјалната заштита, се процеси со кои веќе се соочени земјите од европскиот југ. За да добијат нови кредити, државите во должничката криза мораат да спроведуваат ригидно штедење и да воведат низа радикални пазарни реформи. Тоа ја загрозува можноста на граѓаните да им се гарантираат основните права, односно, ја загрозува егзистенцијата на милиони луѓе.

На планот на личната слобода и информатичкото самоопределување и актуелните политики, во факторите за незадоволство спаѓаат и: сеопфатен надзор кој го спроведуваат државата и тајните служби над граѓаните со перманентно нарушување на приватната сфера; складирање податоци за електронската комуникација на граѓаните и создавање комплетни профили на личности кои се користат како во комерцијални цели, така и за контрола на однесувањето на граѓаните; манипулирање со информации од социјалните мрежи итн; тајните преговори помеѓу ЕУ и САД за Спогодбата за трансатлантското трговско и инвестициско партнерство (TTIP), често наречена и Спогодба за слободна трговија; кризата во Украина со доминација на американската политичка перспектива која се рационализира со политиката на ЕУ.

Во тие услови, „херметичкото затворање на заштитените зони“ стана нов, модерен вид акција на полициските, параполициските и воените сили на Западот и специфично на Европската унија. Она што сега се дефинира во процесот кој ќе потрае повеќе години и секако ќе биде во тек и по 2020 година, е големината на заштитените зони и можноста за истовремено, паралелно или верижно постоење на повеќе такви зони. Тоа би бил Elysium со двор и претсобје како структурни елементи во „заштитата на богатите од напнатоста и проблемите на сиромашните“.

Извор: http://www.dw.de

ОкоБоли главаВицФото