Резервна Македонија

15.09.2014 01:54
Резервна Македонија

Деновиве беше пуштен во производство и веќе работи со полна пареа погонот за производство на резервни наставници и професори. Во бескрајно слободните, со ништо неограничени технолошки зони на самракот, во кои не важат овоземните закони на цивилизираниот свет, досега се произведени многу клучни резервни делови произведени и, преку начинот на владеење веќе се успешно вградени во државниот систем: резервни демонстранти, пратеници, херои, датуми, закони, Устав, обвинители, лекари, судии, патриоти, резервна опозиција, стратегија, определба...

Властодршците доследно, прво постепено и во редовна процедура, а сега на прескок и во итна постапка го остваруваат тоа што го ветуваа во програмите, тоа што единствено им недостигаше и што гласно го извикуваа на митинзите: ние немаме резервна држава. Нејзиното создавање е цел на единствената суштинска реформа на која се посветени од првиот ден. Резултатите, поточно последиците од овој злосторнички потфат на фамилијата и на нејзините партнери стануваат сè повидливи и потрагични.

Така како што напредува градбата на нивните институции, така исчезнуваат - се уриваат, деградираат, се обесмислуваат – тие што биле изградени пред нив, што ги реформираат така како што дивото месо го деформира организмот.

Значи, не е идејата да имаме две држави, туку нивната дивоградба да биде легализирана и да дојде на местото на оваа (затоа размерот е 1:1). Ако останеме без ниедна Македонија, тогаш ќе бидат виновни сите што сѐ уште им даваат безрезервна поддршка.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња