Национален уметник - кој и кога?

16.09.2014 10:05
Национален уметник - кој и кога?

Овогодишното признание на титулата Нациoнален уметник, поткрепено со „дебел“ чек од 1000 евра, предизвика различни реакции во јавноста. Едни го дочекаа прилично еуфорично, со наслови во весникот за 700 опери на Борис Трајанов, други пак со критики за висината на паричниот дел од признанието. Новинските наслови треба да го наведуваат читателот на темата, а не да го заведуваат. Инаку, испаѓа дека Б. Трајанов испеал 700 опери, што можеби и во целокупната оперска литература не се изведуваат толку. Но всушност, станувало збор за 700 настапи на уметникот. Другиот дел од јавноста реагира на висината на паричнот дел од оваа признание, кое за наши услови е преголемо, за уметникот, покрај сите други привилегии кои ги има од редовното вработување, хонорари и друго, создава една значителна сума, непримерена за нашите услови и степенот на сиромаштија. Неспорен е фактот дека многу нации ги вреднуваат своите врвни уметници кои придонесуваат за афирмација на земјата, во голем број случаи со еднократна парична награда и доделување на почесни титули. За оцена на уметничките дострели на овогодишниот добитник на ова престижно признание не може да се дискутира бидејќи одлуката ја носи комисија во која, покрај другите седат двајца бесмртници и неодминливиот Р.С. Меѓутоа, ќе изнесам два примера на рационално и прагматично наградување на славни уметници од две скандинавски земји.

Финска со векови била во состав на Шведска, а од почетокот на 18 век, па сè до 1917 година, во состав на Руското царство, како Големо војводство. Меѓутоа, и покрај тоа финскиот народ развил многу богата национална култура во сите области. Националното будење започнува во средината на 19 век, кога се печати најзначајниот народен еп, Калевала, и кој послужил како инспирација на многу уметници од сите области, литература, сликарство и музика. Првите високошколски институции од областа на музиката се формираат во 80-тите години на 19 век, Институтот за музика, кој подоцна прераснува во Конзерваториум. На 8 декември 1865 година се родил Јан Сибелиус, композитор, еден од најголемите фински творци. По желба на родителите бил запишан на студии на право на Универзитетот во Хелсинки, но кај Сибелиус преовладала љубовта кон виолината, ги напуштил студиите по право и се посветил на виолината и музиката. Веќе на 27 години постигнал голем успех со симфонијата Кулерво, на мотиви од епот Калевала. Малата и непозната Финска, 1900 година на светската изложба во Париз, не настапила со свои технички достигнувања, туку првпат ја претставила својата оркестарска музика, со Првата симфонија на младиот Јан Сибелиус. Тоа било музика на еден мал народ, но толку оригинална и величенствена што го одушевила Париз. После првата композиција на Сибелиус, Кулерво, со своите натамошни дела тој се стекнал со таква популарност и слава, што финската влада кога има 32 години му доделува доживотна годишна рента за да може непречено да работи и твори. Тоа го ослободило од секојдневните грижи, да го заработува својот леб како професор на Музичкиот институт. Големиот уметник, повлечен во својот дом, педесеттина километри од Хелсинки, до својата длабока старост, 92 години, создал огромен опус од 7 симфонии, виолински концерт, повеќе симфониски поеми и многу други композиции. Јан Сибелиус е еден од најголемите фински уметници, со достојно место во рамките на светската музика, кој можеби најмногу придонесол за популаризација на родната земја.


Вториот пример за рационално однесување и создавање на национални вредности е со големиот норвешки скулптор Густав Вигеланд /1863-1943/ . Роден во мал град во внатрешноста, својата желба да стане скулптор ја реализирал преку безбројни цртежи и во столарската работилница на татко му. На 15-годишна возраст бил испратен во Осло да се школува, но по две години, поради смртта на татко му се враќа во родното место заради мајката, на која ѝ помагал да ја прехрани фамилијата. Но, постојано читал, особено класична литература и цртал. Во 1888 година повторно се враќа во Осло, со голем број цртежи на класични теми, соработува со познати скулптори, престојува во Париз, каде Роден се изразил многу позитивно за неговите работи, патува во Италија, престојува во Копенхаген и Берлин и на тој начин го оформува своето образование, без формално посетување на некоја школа. Неговиот талент брзо бил препознат и добива повеќе грантови кои му ги овозможувале патувањата, но почнал да добива и одредени нарачки. Градскиот одбор на Осло ја препознал генијалноста на Вигеланд и во 1921 година потпишал спогодба со уметникот на кој му обезбедува ново студио, каде уметникот работи до крајот на својот живот, а за возврат уметникот сите создадени дела и нацрти ги остава на градот. Неговото грандиозно дело е Паркот Вигеланд, во Осло, кој содржи 192 скулптури со повеќе од 600 фигури, посветени на животот, семејството и човекот, кои ги моделирал самиот уметник во природна големина, без помош од ученици. Ова е дело на кое уметникот работел цели 40 години.

Вакви примери на создавање национални вредности на ваков начин, како изнесените два примера, во светската култура и уметност има многу, но овие се карактеристични за тоа како два мали народи, на тогашниот степен на развој, ги препознале вистинските гении, инвестирале во нив, на тој начин создале културно и уметничко благо по кое ќе бидат препознати во времињата кои доаѓаат. Затоа е прашањето од насловот, кој и кога требе да биде поддржан со разни државни бенефиции. Прашање е дали на некои уметници кои го поминале својот зенит во кариерата треба да се трошат толку големи средства, кои секако би биле поцелисходни ако се дадат на млади и талентирани уметници.

Врвните уметници со огромен труд и одрекувања долги години се одржуваат на сцената. За нив не важи малку пеење, малку садење дрва и пак пеење. За другите тоа важи.

Слики: Keith Wilson, Shannon O’Malley

ОкоБоли главаВицФото