1033 hPa
73 %

-5 °C
Скопје - Сре, 19.03.2025 05:59
Во Македонија вчера помина 15 септември - Меѓународниот ден на демократијата. И си замина исто како што дојде, незабележан од никого. Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година официјално го прогласи како Ден на борбата за остварување на демократските идеали. Сѐ уште нема потврда на верзијата (неофицијална) дека светската организација го направила тоа по повод 5-годишнината од славниот спот на Бранко Црвенковски („На 15 септември народот ќе ја земе судбината во свои раце...“), со кој ја извојува последната победа на СДСМ на парламентарни избори во Македонија. Ниту за претпоставката дека со прогласувањето на Денот, една година по доаѓањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на власт, сакала да нѐ опомене за долгогодишната демократска ноќ што ни претстои. Но, сеедно.
Многу поважно е што во земјата, која никогаш не била демократска и која одамна е потоната во мекиот (како жив песок) тоталитаризам, во која институциите се целосно под контрола на власта и во која формалната слобода служи како уште една практична стапица за ловење неподобни и непослушни, веќе нема ни будали - умни уште помалку - спремни да гинат за идеали. За какви било, најмалку за демократски.
Затоа и Денот помина така. Дури не беше соодветно одбележано тоа што Груевски вчера го направи единствениот, историски чекор што може да ја придвижи целата држава на долгиот пат кон демократија. Тој вчера, на 15 септември, ја напушти земјата. За кратко, ама доволно за почеток.
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња