Теологија на спортот

17.09.2014 11:41
Теологија на спортот

За спортот не знам ништо, уште помалку за професионалниот спорт, па сепак, секогаш кога ќе дојде до општа хистерија која ја предизвикува некој „наш спортски успех“ во светот, без да сакам сум приморан да ги прочитам или слушнам реакциите на општеството и медиумите на позитивните сигнали кои стигнуваат од спортските терени. Овој пат таа еуфорија ја предизвика неочекуваниот успех на кошаркарската репрезентација на Србија на Мундобаскетот во Шпанија. Во тие денови сè запре - освен промоцијата на интерконтиненталните успеси на премиерот и уличното насилство - спортските рубрики во весниците станаа сè поекстензивни. Дојде до голем крик на спортските коментатори, надрианалитичарите, слбободните толкувачи на кошаркарските акции, додека посебно се истакнаа оние кои влегоа во анализа на самиот феномен на „успехот“. Интересно е да се слуша општеството „восхитено“ од победата „над остатокот од светот“. Па како тоа успеавме и кога, бидејќи цело време всушност одевме до блискиот маркет и купувавме пиво и телевизори со што поголеми екрани, многу често и на кредит, за да достигнеме највисок степен на интегрираност во колективот. Бидејќи не можев да ги затнам ушите со восок, го искористив врескањето по соседните станови и во печатот, за да го разберам процесот на трансформација од децениската исцрпувачка работа на младите спортисти во петпарачка национална идеологија, која како неизбежен софтвер им ги предочува на граѓаните сите димензии на нашиот „успех“ и го диригира „факторот на среќа“.

Моцарт(е)ологија

Се испостави дека првата и најважна работа за општество какво што е ова во кое живееме - е верата. Според коментарите кои го следеа „победничкиот од“ на нашите кошаркари на Мундобаскетот, постои нешто надвор од самите нас, особено кога станува збор за спортската прогноза. Така оние кои „типувале“ на успех на Србија на светското првенство во кошарка одеднаш станаа најгласни бидејќи нивната вера, конечно се исплатеше. Имено, верувале кога никој не можел да поверува и сега како рани христијани си зедоа слобода да ни објаснат за што станува збор. Уделот на среќата во сето тоа е неприкоснвоен, а се знае дека среќата ги следи храбрите. Ним им се посреќило во српскиот тим да ги препознаат сигналите на својата вера. Еден од нив е името на играчот Милош Теодосиќ. Од неговото презиме, кое во склад со народната фамилијаризација (најдобар пример за тоа е „Ноле“) обично се скратува и изговара како „Тео“, изведена е цела теологија на доаѓањето до големото финале во Мадрид. Тука потоа доаѓа и контактот со вишите сили, за што сведочат како „оностраните асистенции на Тео“, така и мистичките искуства на соединувањето на Теодосиќ и Александар Ѓорѓевиќ од периодот јуни/јули 1995. Едно е сигурно, „тука нема никакво рационално објаснување“, станува збор просто за „теологија“, велат коментаторите, мобилизирајќи ги масите да се приклучат во општиот религиозен занес. За да биде верничкиот впечаток комплетен, обложувалницата „Моцарт“, како ангелски посредник, одлучи да ги награди сите оние „кои имале верба во Теодосиќ, Бјелица, Радуљица и останатите, и типувале во текот на август дека титулата светски првак ќе заврши во нивни раце“.

Чудо

Следниот чекор на народната теологија на спортот спаѓа во доменот на религиозната пракса со која непосредно се докажува постоењето на кохезионата мистичка сила која посредува меѓу спортистите и нацијата. Станува збор за феноменот кој се вика чудо. Ова секако нема врска со глаголот „се чуди“, бидејќи на чудото на спортскиот терен, баш како и во верската пракса, никој никогаш не се чуди, туку се самопотврдува со него. Чудото е всушност вонсериски доказ со кој се потврдува, продлабочува или раѓа верата. Овој пат секако станува збор за верски спортски ритуал чија чудесност во медиумите ратеше од ден во ден како што Мундобаскетот се приближуваше до финалето. „Чуда се случувале во минатото. Не верувам дека не може и во иднината“, изјави селекторот на српската репрезентација Александар Ѓорѓевиќ пред големиот дуел со репрезентацијата на САД. Ова беше доволно за домашните медиуми да тргнат во офанзивна промоција на чудотворците. Многу често, самите спортисти, совршено вклопени во ваквата перцептивна мрежа, самите се обидуваат да „испровоцираат“ чудо, крстејќи се или молејќи се. Некои други се обидуваат во тоа со пренагласена херојска иконографија на сопствената кожа, како кошаркарот Мирослав Радуљица, кому ниедна од овие техники, покрај кошаркарската, секако, не му беше туѓа во играта.

Национална гордост

Покривот на целата оваа конструкција го претставува она што капитенот на кошаркарската репрезентација на Србија, Ненад Крстиќ, им го кажа на американските новинари, обидувајќи се да ја артикулира теологијата на успехот на еден аутсајдерски тим на патот до финалето. Во таа прилика тој го рече следново: „Ја имаме таа национална гордост во нас. Лесно е да се каже тоа сега кога сме во финалето, но секогаш беше во нас. Дури и минатата година кога изгубивме во четвртфиналето на Евробаскетот. Се вративме и игравме со верба во себе“. Погонското гориво, значи, не бил ни тренингот, ни кошаркарските примери (надвор од националните спортски канони), ниту спортското самодисциплинирање, па дури ни личната амбиција. Таа како израз на некаква идивидуалност е видлива само кај селекторот Ѓорѓевиќ, за што повторно не сведочи тој, туку неговиот татко (и тренер) - Братислав Ѓорѓевиќ. Во целата оваа еуфорија, како што ми се чини, единствено тој не посегна по религиозниот дискурс, туку се обиде рационално да го анализира успехот на кошаркарската репрезентација и да понуди релевантни одговори. Во таа прилика, ја истакна спортската енергија и знаење како пресудни фактори на успехот. Исто така, воспостави хиерархија на односите, почнувајќи од играта, преку стручноста, медиумите, финансиерите, сè до последната алка, т.е. функционерите, каде детектираше извор на негативна енергија инестабилност. Како на кошарката, така и на општеството. Неговата анализа немаше многу одеци ниту коментари во јавноста, бидејќи целото внимание сега е насочено кон балконот на Градското собрание, каде ќе уследи завршниот ритуал на славење на националната гордост, како празен конструкт покриен со знаме. Познат е дека потоа се оди кај функционерите во поход. Со тоа нивниот успех е поголем.

Извор: Peščanik.net, 16.09.2014.

Слични содржини

Балкан / Спорт / Теорија
Балкан / Свет / Спорт

ОкоБоли главаВицФото