Зајче безопавче (1957)

17.09.2014 15:19
Зајче безопавче

ЗАЈЧЕ БЕЗОПАВЧЕ

Бегал Зајко низ трње,
опашот го скинал,
опашот го нашол -
ловецот што минал.

-Кој го најде опашот -
Зајко пратил вест -
зелки ќе му подарам
трипати по шест!

Ловецот не го вратил,
тој и немал жал,
кога би го нашол ти,
би ли му го дал?

МЕЦАНА

Зела сито мецана
брашно ќе ми сее,
секој што ја здогледал
од срце се смеел.

Мака ѝ станало -
голема и тешка,
кога дете видела
како ѝ се смешка.

-Немој - рекло детето,
-немој да си тажна,
ние ти се смееме
што се правиш важна.

МАЧЕ ШАРЕНО

Имам маче шарено,
шарено ем галено,
втора му е зима,
а долг мустаќ има.

Фаќа глувци поганци,
па им вели: „Ајдуци,
в подрум кого фатам
глава ќе му скратам!“

ВЛЕЧКО

Некој Влечко
бос и гол
со два рога
како вол,
вчера мина
голем дол.

Едно дете
што се згоди,
ми го виде
каде оди,
кај се влече
Влечко мал
кој на грбот
самар клал.

Па го фати
да го види
ама Влечко
чуден бил!
Страв му мина
в гола снага
рогој собра
и се скри.

СТАНИ ДЕТЕНЦЕ

Стани, стани, детенце,
надвор пее петленце,
пее, кукурика
и тебе те вика.

Веднаш да се измиеш,
добро да се истриеш,
па да станеш чисто,
како вчера исто.

Пушти ги рачињата,
мрдни ги прстињата,
ене сонце грее,
тебе ти се смее.

Стани, стани, детенце,
надвор пее петленце,
пее, кукурика
и тебе те вика.

НЕСРЕЌА

Ало, амбуланта,
овдека е Дара,
несреќа се случи,
брза помош барам.

Куклето ми падна,
рачето го чукна,
ножето го скрши,
главата му пукна.

Ало, амбуланта,
лекар да се прати,
ако треба пари,
тате ќе му плати.

РОДЕНДЕН

Денес ми е роденден,
гости многу сакам,
ако некој не дојде
ќе ми биде мака.

Торта сама направив
и колачи имам
денес ми е роденден,
гости цел ден примам.

Ај ве чекам, дојдете,
дојди и ти, Маро,
само слушај, шепни ми:
носиш ли подарок?

Извор: Васил Куноски, Зајче безопавче, 1957
Илустрации: Ѓурѓе Теодоровиќ

Сроден прилог:

Честит Први мај!

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото