Затркалани милиони

18.09.2014 10:54
Затркалани милиони

Таман се мислевме каде ли владата ќе најде цели 18,5 милиони евра за изградба на Панорамското тркало – проект од суштинско значење за комплетирање на лудилото наречено „Скопје 2014“ – се јави великодушно Агенцијата за електронски комуникации. Ова регулаторно тело со мека душа и длабок џеб соопшти дека ќе ги донира првите милион евра за да може тркалото што живот значи, да почне да се гради уште следниот месец. Граѓаните може да здивнат, образот на преродбата е спасен.

Се прашува човек, дали освен тркалото овде и нешто друго не е ненормално? Прва и најмала дилема е зошто со тркалото да стопанисува ЈСП?! Дали затоа што и автобусите имаат тркала? Или и ова тркало е јавно превозно средство, кое додуша ве врти, ама никаде не стигнувате, токму во духот на преродбата?

Друго посериозно прашање е како тоа тркало ќе се гради со донации од владини институции? Од каде им се нив тие пари? Од парите што ги добиваат од Буџетот не може, зашто тој се распределува наменски, по ставки. Значи од „свои“ приходи. Како во случајов со ова регулаторно тело, кое од казни на компаниите се товари како брод, па не знае што да им прави на парите – ги донира за скокалници, си прави луксузни забави, и еве, дава за тркала. Ако има некое владино тело таков вишок пари, зошто тие не се предвидени и прибрани во Буџетот на приходната страна, па потоа да се распределуваат во законска постапка, како што е ред. Зошто им се остава на некои ојлевци да ги распределуваат по свој (или партиски) ќеф? Или токму за вакво „тркалање“ на парите надвор од институциите?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото