1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Пред неколку дена интернет хит стана фотографијата на еден лист хартија („Информација за родител/старател“) во кој некое дете од шесто одделение во графата националност запишало дека неговиот татко (роден 1980) е „Антички Македонец“.
Дека општествово го тресе идентитетско лудило – не е новост; врви и деветтата година од незаузданото владеење на бандата опасни билмези и шарлатани. Цели генерации (ем деца ем родители) се унаказени од манијакалните образовни и културни политики (да не ги спомнуваме другите политики на власта, кои не само што ги испразнија џебовите на живите туку длабоко посегаат и по парите на идните Македонци).
Груевизмот од ќупот го пушти идентитетското лудило со цел да ги растовари луѓето од инхибиции, да ги заведе, да га забави, на некој начин дури и да ги „ослободи“. Методата е стара и исто така низ историјата користена од разноразни диктатори („популисти“), кои многу често и самите биле луди. Постои, на пример, интересно „психијатриско“ објаснувања за распадот на Југославија: Тито бил строг и цензорски расположен татко кој не дозволувал изблици на колективното несвесно и на „народното суперего“; за разлика од него, Милошевиќ и Туѓман ја земаа улогата на слаби субмисивни мајки кои на своите „деца“ (на народот) им дозволуваа да ги „уживаат“ своите најскриени фантазии.
Стиховите од една песна на Радован Караџиќ (сараевскиот поет-психијатар кој беше еден од најмонструозните изведувачи на злосторничкиот воен потфат, осмислен сепак во Белград) најдобро зборуваат за перверзната природа на национализмот, „сонцето во кое непречено може да се гледа“:
Преобратете се кон мојата нова вера, луѓе
Ви го нудам она што никој досега не ви нудел
Ви ги нудам суровоста и виното
Оној што нема леб ќе биде најаден од светлината на моето сонце.
Народе, ништо не е забрането во мојата вера
Има љубов и пиење
И гледање во сонцето колку што сакате
Оти ова божество ништо не ви забранува.
Повик на бестијална националистичка оргија, без никакви забрани – тоа е суштината на просто програмските стихови на Караџиќ (иако се повеќе за психијатриска анализа, тие стихови беа национална програма за војување).
Денес Никола Груевски со својата сосема поместена политика, налик на Караџиќ, прави сличен обид да се тргнат забраните од перверзното и неограничено уживање во македонскиот национализам. Таа политика долгорочно е сосема губитничка, но е заразна додека трае и создава многу жртви; се храни од ослободување од инхибиции (затоа во јавноста царуваат бучните имбецили) и од една речиси карневалска деградација на сè што е умно, одговорно и солидно (тоа се „непријателите“ на веселото народно откачуење).
Во една студија објавена 1930 година, објаснувајќи ја природата на надоаѓачкиот фашизам, теоретичарот на филмот Зигфрид Кракауер укажува на изразените чиновнички претензии на повеќето германски службеници, чиишто економски и општествен статус всушност се граничел со статусот на работникот, или дури бил понизок од него. Иако тие луѓе од пониската средна класа веќе не можеле да се надеваат на граѓанската безбедност, тие ги презирале пореалистичките идеали и сосема им се препуштиле на халуцинациите на националсоцијализмот, губејќи го своето упориште во стварноста. Последица на тоа била менталната беспомошност; тие упорно останувале во некаков вид вакуум кој ја засилувал нивната психолошка тврдокорност. Однесувањето на таквите малограѓани било посебно зачудувачко. Ситните трговци и занаетчии, пак, биле толку незадоволни што не се ни обидувале да најдат поразумни решенија за себе и за својата класа. Наместо да разберат дека во нивен практичен интерес е да застанат на страната на демократијата, тие попрво, слично како и службениците, ги слушале нацистичките ветувања. Според Кракауер, нивното препуштање на нацистите било засновано врз емоционални опсесии попрво отколку на некое разумно согледување на фактите.
На сличен начин груевизмот, како своевиден сомнамбулизам, ја „хипнотизира“ осиромашената (мало)граѓанска класа која сè потешко живее, но која не сака да се соочи со манипулациите на водачот. Во тој отровен облак од лаги, пропаганда и халуцинации се заробени многу граѓани. Малограѓанштината (сеирот, кичот, помпезноста, просташтвото поврзано со ароганција и насилство) се претвори во главна културна матрица и на владеачката класа. А „вдахновениот водач“ стана токму слика и прилика на подвоено „отелотворување на нацијата“: тој истовремено е злосторник и жртва, мал онеправдан Македонец и водач на сите обесправени Македонци. Речиси како Андон Ќосето!
Психолошката структура на овдешниот водач, која настојува да ја олицетвори психологијата на целата нација, е предвидлива до баналност (заради тоа и посегам по сосема јасните и истражените матрици за психопатологијата на фашизмот втемелен во авторитарната, садомазохистичка личност): садизмот на тиранинот потекнува токму од неговиот комплекс на пониска вредност. Македонците и во социјализмот, како задоцнета нација, го имаа комплексот на пониска вредност, но никогаш како сега тој комплекс не бил олку разуларен, деструктивен и тоталитарен.
На крајот, зошто за политиката зборувам со јазикот на психологијата која ги лови темните петна на свеста? Зашто разградбата на политичките системи доведува до распаѓање на психолошките системи, вели Кракауер. Нашиот политички систем е сосема уништен. И она малку институционален поредок што го градевме (или што го наследивме) од 1991 година навака – сега е наполно разграден и во делови предаден на управение на единствениот политички, културен, морален итн. арбитар во општеството – партијата втемелена во волјата на водачот.
Слики: Свирачиња