Македонски уметници на фестивалот на современа уметност „Балкон кон Балканот“ во Баден-Баден

19.09.2014 10:46
Македонски уметници на фестивалот на современа уметност „Балкон кон Балканот“ во Баден-Баден

Hip Hip Hurra, Ѓорѓе Јовановиќ

 

Во периодот 19 - 21/09/2014 во Баден- Баден, Германија се одржува фестивалот за современа уметност „Балкон кон Балканот“ на кој учествуваат пет уметници од Македонија и уметници од Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Босна и Германија.

Програмата ќе се одвива на еден од централните плоштади Марктплатц и неговата околина и во Кунстхале Баден-Баден. За разлика од вообичаената слика што во Германија преовладува за Балканот а се поврзува со распадот на Југославија и социјалистичкото уредување, програмата на овој фестивал е фокусирана на современи теми. Во тој контекст, фестивалот „Балкон кон Балканот“ се занимава со прашања како што се: Како се развива и претставува уметничката сцена денес? Постои ли обединувачка нишка која ја поврзува уметноста од овој регион? Дали бремето на минатото влијае на современата уметничка продукција? Дали младата генерација е во состојба да ја развива својата уметничка пракса и меѓународна кариера независно од бремето на минатото?

Who wants to live forever, Викенти Комитски

Многу од уметниците од балканските земји имаат сè поголем проблем со изложбени простори и оттаму и произлегуваат новите иницијативи кои ги заземаат јавните простори со желба нивниот глас да биде посилно чуен. Сличен е случајот и со Баден-Баден каде што најголема видливост има етаблираната, висока култура, додека пак можностите на младите уметници да излагаат во етаблираните галерии е прилично мала. Оттаму овој проект има за цел да покаже дека младите уметници имаат можност да делуваат и тогаш кога им недостасува простор.

Учесници на фестивалот се: Ѓорѓе Јовановиќ, Јана Јакимовска, Ненад Тонкин, Јане Чаловски, Христина Иваноска, Адела Јушиќ, Младен Миљановиќ, Божидар Катиќ, Викенти Комитски, Албан Муја, Шота Букоши, Марта Попивода, Боба Мирјана Стојадиновиќ и Стефани Буш.

Кураторка на проектот е Ксенија Чочкова.