За републики е лесно – ѓубрето и асфалтот се тешки

22.09.2014 00:43
За републики е лесно – ѓубрето и асфалтот се тешки

Колку и да изгледа залудно повторното прогласување „Република Илирида”, изјавата од минатиот четврток уште еднаш го истакна банкротот на албанската политичка идеја во Македонија. Дваесет години подоцна, вестите на денот се преплавени со настан кој се враќа како дежа ву од 1992 година, кој се памти ретко од оние кои гласаат денес.

Многу нешта можеа да бидат поинакви во изминатите дваесет години, но едно е докажано – истечено е времето на републики и референдуми. Денешната генерација комуницира со допир и бежичен интернет, та нивните потреби се поинакви, без оглед што политичките водачи немаат капацитет да ги слушнат барањата кои тешко продираат во создадениот мрак.

Секако, идејата за „Република Илирида” е прегазена од времето, но таа се разликува единствено по екстремноста и малите изгледи за реализација, во ситуација кога ни другите албански партии не се истакнуваат со некоја атрактивна понуда за гласачите. Искусни во подемите и падовите на фаличната демократија, изморени од манипулациите и шемите за политичка рециклажа, гласачите го изостриле сетилото за мирис. Оттука, тешко веруваат во планови за референдум и не се палат на фолклор за знаме, Скендербег или мапи со поминат рок.

Од овој аспект, на нафталин не мириса само „албанската република” во рамките на денешна Македонија. Постојат и многу други идеи чиј рок е исто така поминат, но сепак остануваат во оптек благодарение на силната медиумска кампања и софистицираното партиско уценување, со што се кријат реалните проблеми за кои недостига знаење. Како пример може да се земат предизборните ветувања, кои остануваат единствен момент кога партиските структури воопшто се обидуваат да дадат некој предлог, свесни притоа за неговата неостварливост.

Во денешно време, предлозите за „Република Илирида” се исто неатрактивни, како и редовните повици упатени кон гласачите, со емоционален фолклор за Скендербег и знамето, јазикот или грутката земја слатка како мед. Дури и тогаш кога овие прашања се легитимни, истите не го решаваат проблемот на гласачите во реалниот живот.

Ова е причината зошто гласачите сè повеќе се мотивираат со кеш, ветувања за работни места или едно дополнување за телефон. Изгубената верба во легитимноста на партиските идеи не може да се врати со мегаломански ветувања. Со еден збор, тешко се верува на ветувањата за нова република, пропорционални буџети или притисок за членство во НАТО и ЕУ, кога речиси ниту еден градоначалник нема капацитет да го исчисти маалското ѓубре.

Проблемите со кои се соочуваат албанските гласачи се од основна природа и за жал, многу мал дел е решен во демократскиот период. Лесно е да се обвинат политичарите Македонци – кои не можат да се амнестираат за системското и институционално угнетување – но сепак, во голема мера, вината и одговорноста лежи и кај професионалните патриоти кои се претставуваат како бранители на албанскиот интерес, умешно дефиниран во формулата знаме-јазик-администрација, создавајќи ограда околу прашањата од групата 20%. Причината е едноставна – доколку излезат од исцртаната ограда, ќе се види неспособноста за водовод и асфалт, селски градинки и паркови за деца.

Како и сè друго, и идеите имаат рок на траење, понекогаш изразен и во стотици години. Сето ова е поврзано со вербата и искрената поддршка, која ја одржува идејата во живот – дури и тогаш кога таа изгледа неостварлива. За идеите кои се тековно во оптек, шансите се мали. Овие што денес се претставуваат како власт и опозиција кај Албанците, не само што немаат идеи, туку немаат воопшто поим каде да го водат народот по дваесет години. Споредувајќи ги по образование и профил политичарите од деведесеттите, со овие од денешниве партиски штабови, може да очекуваме активизирање на иницијативата за легализирање на имињата на чаирските училишта – околу 2040 година.

Извор: gjakushkabashi.wordpress.com
Слики: Свирачиња