Евроскептицизмот на медиумите и власта ја прави Европа сè подалечна

23.09.2014 09:05
Евроскептицизмот на медиумите и власта ја прави Европа сè подалечна

Септември по традиција (!?) е месецот кога медиумите повторно се занимаваат со тоа дали нашата земја ќе успее да ја здржи позитивната(!?) оценка за напредокот(!?) во приспособувањето кон Европската унија. Повторно истите медиумски стравувања (по којзнае кој пат), но и неосновани надежи дека нешто, сепак, ќе се случи, дека Македонија ќе успее да се помрдне од мртвата точка на која се наоѓа безмалку една деценија и дека ќе се најде некое хокус-покус решение за започнување на преговорите. Историјата на нашето асоцирање со Европа, ако се суди според расположението во јавноста и медиумите, воопшто не е кратка. Безмалку дводецениска. Уште на почетокот немаше идила. Напротив. Сѐ започна со двоумењето на земјите на тогашната Европска заедница околу признавањето на македонската држава. Тогаш низ Скопје осамнаа графити „Европо – курво“. Кога идејата за евроатлантските асоцијации се официјализираше и од страна на тогашната власт, работите се променија, па идеализирањето на Европа стана една од топ темите во јавноста и медиумите. Новинарите пишуваа панегерици за тоа како ќе биде убаво кога ќе влеземе во Европа, како сите проблеми ќе се елиминираат, а европските фондови ќе истурат куп пари. Рокот за реализирање никогаш не беше подолг од неколку години, пет, можеби и некоја згора, но никогаш двоцифрена. Скептиците беа сосема нешто како расипувачи на забави. Мошне идеалистички, сè се споредуваше со Европа и нејзините стандарди. Така беше во медиумите и јавноста. На другата страна беше власта која едно зборуваше, друго мислеше и правеше нешто сосема трето.

Пролета 1996 година, авторот на овие редови, за тогашната Алтернативна информативна мрежа (АИМ), напиша дека тогашните свежо покренати заложби за евроатлантските асоцијации на владејачката гарнитура се само за интерна, домашна употреба, како нова мамка, залак, јадица за натамошно залажување на популацијата. Власта да се прикаже прогресивна, дека мисли долгорочно. Всушност, едена добра занимавка за отстранување на вниманието од актуелните проблеми, криминалното менување на сопственичката структура и другите играрии на тогашната власт. Јасно им беше на оние кои тоа сакаа да го видат, дека гарнитурата која ја држеше власта нема никаква сериозна намера, ниту во назнака да работи на заживување на европските услови и стандарди. На крајот на текстот од тоа време, беше изнесено мислењето дека Македонија уште долго, ќе остане надвор од таа, тогашна Европска заедница.

СЀ ПОДАЛЕКУ ОД ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ И СТАНДАРДИ

Сега, 18 години подоцна овие тврдења (за жал) важат и понатаму. Дури и како фундирано, зајакнато убедување, а не само како тогашна дневно новинарска констатација. Власта е сега друга, но ние не само што остануваме надвор од ЕУ (и НАТО), не само што сме се подалеку од нив, туку сѐ повеќе се оддалечуваме од тие вредности и стандарди. Според она што се случува и суштински се враќаме во минатото, во време на етатизмот, тоталитаризмот, едноумието. А, тоа е сосема некомпатибилно со ЕУ и демократските вредности на цивилизираниот свет воопшто.

Полека и јавноста почна да станува евроскептична, особено откако на ЕУ веќе не ѝ оди толку добро. Медиумите, со нивното ставање во сѐ поголема зависност од властите, станаа крајно евроскептични, исто како и нивните наредбодавачи. Постојано се ставаат во прв план негативните појави во заедницата. Погледнете само како се пишува за Бугарија и Романија, земјите кои скоро беа примени во ЕУ, а кои имаат сериозни проблеми во прилагодувањето и развојот. Евроскептицизмот во медиумите се засили особено со последната економска криза во заедницата, но и со постојаното одложување на нашите очекувања. Низ написите се сугерира дека ЕУ и не е некој келепур, дека парите кои ги очекувавме нема да дојдат или ако дојдат тоа ќе биде „на лажичка“ и со многу условувања. Погледајте ја само злорадоста и евроскептицизмот кај главните новинари-пулени на власта кои систематски ја “погребуваат“ обединетата Европа и го сугерираат нејзиниот скорешен распад. Исто и на НАТО пактот. Се сугерира дека не вреди да се влегува во нив за толку кратко.

ОД ТРИЧЕТВРТИНСКА ДО ПОЛОВИЧНА ПОДДРШКА ЗА ЕУ

Овие „напори“ предизвикаа соодветно расположение кај граѓаните. Од тричетвртинска поддршка на евроинтеграциите, се стаса едвај некаде до половична. Ваквата тенденција на намалување на поддршката трае подолго време.

Од власта нема реакции за ова намалување на поддршката на нивната, нели, главна програмска заложба – евроинтеграциите. Кога велиме – власта, тоа подеднакво важи за сите, без разлика на нивната идеолошка провиниенција и, секако, спротивно на јавните заложби и декларации. Кај нас власта едноставно не сака ни во ЕУ, а можеби ни во НАТО. Не сака ништо од тоа што претпоставуваат таквите интеграции. И работи против нив. Да беше поинаку, власта барем ќе се грижеше да ги зајакне демократските институции, ќе го почитуваше колку-толку парламентот како врвна демократска институција во која едноставно не смее да се чепка, ќе ја негуваше слободата на говор, ќе го храбреше слободното судство… И што уште не. Ова се само најчестите забелешки кои ни ги испорачува меѓународната заедница во секоја прилика, па дури и во честитките кои ни ги праќаат по разни поводи. Медиумите ваквите пораки ги туркаат во рубриката “протокол“.

Одговорот на властите на пораките од Европа е: систематско ангажирање во спротивната насока од она што се сугерира. И тоа не е само по некоја инерција, од случај до случај или не сакајќи, туку смислено и систематски.

ПРЕГОВОРИТЕ НОСАТ ПРОБЛЕМИ ЗА ВЛАСТА

Ваквото однесување има сосема јасна намера: преговорите да не започнат, да не се официјализира препораката, затоа што дури тогаш доаѓаат проблемите. За власта, се разбира. Затоа што започнувањето на преговорите не е само административно преговарачки процес, туку и преземање на сериозни обврски и сосема сериозна контрола од другата страна. Во моментот кога преговорите започнуваат, престануваат сите финансиски дубари со државните пари. Тогаш нема веќе фризирање на Буџетот кога ќе им текне, нема префрлање на средства од една за друга намена, нема „Скопје 2014“, наместени тендери и анекс договори. Тогаш контролата на преговарачот (ЕУ) се зајакнува до максимум и одговорноста е конкретна. А, кој од оваа растрошна власт би сакал да си наметне ваква „несреќа“? Сега кога сè е нивно, кога можат да прават што сакаат, да донесуваат клучни закони во едно кусо собраниско попладне, да изнесуваат во јавноста работи кои не само што не се точни, туку се и тотална измислица. И сѐ тоа без контрола на јавноста, без медиуми, дури и без опозиција како што е тоа во моментов.

Точно е, има еден голем проблем – името! Проблемот за кој скоро сите страни се потрудија да го направат нерешлив, почнувајќи од Киро Глигоров кој велеше: „Времето работе за нас!“ Остана само неминовноста на проблемот со името, а грчкиот став со време да станува сѐ поригиден!

Но, тоа е аспект која бара некое друго разгледување.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).